Нациите сѐ уште не учат
„Кога човекот би можел да учи од историјата — какви само лекции би ни дала таа! Но Страста и Партијата ни ги заслепуваат очите, а светлината што ни ја дава Искуството е фенер на крмата што фрла светлина само врз брановите зад нас! (Семјуел Тејлор Колриџ).
ДАЛИ се согласувате со англискиот поет Семјуел Колриџ? Зарем е можно да бидеме толку заслепени од страста за некои идеали што ги повторуваме трагичните грешки на минатите генерации?
Крстоносните војни
На пример, да разгледаме некои работи што ги правеле луѓето за време на Крстоносните војни. Во 1095 н.е., папата Урбан II ги терал „христијаните“ да ја преземат Светата земја од муслиманите. На овој повик одговориле кралеви, барони, витези и обични луѓе од сите нации што биле под контрола на Урбан II. Според еден средновековен историчар, „скоро да немало народ што живеел по законот на Христос“ а да не побрзал да го поддржи тој идеал.
Историчарката Зое Олденбург наведува дека повеќето крстоносци биле „апсолутно уверени дека со тоа што стануваат крстоносци, директно се ставаат во служба на самиот Бог“. Таа вели дека тие се гледале себеси во улога на „ангели на уништувањето што ги напаѓаат децата на ѓаволот“. Исто така, тие верувале дека „сите што умреле ќе ја добијат круната на маченици на небото“, вели писателот Брајан Мојнахан.
Можеби крстоносците не биле свесни дека и нивниот непријател верувал во нешто слично. И исламските војници, вели историчарот Џ. М. Робертс во својата книга Shorter History of the World (Пократка историја на светот), оделе во битка со уверувањето дека се борат за Бог и „дека по смртта на бојното поле против неверниците ќе влезат во рајот“ на небото.
Двете страни биле поучени дека нивната војна е праведна — одобрена и благословена од Бог. Религиозните и политичките водачи ги потхранувале овие верувања и ги разгорувале пламењата на емоциите на нивните поданици. Обете страни извршиле незамисливи злосторства.
Какви луѓе?
Какви луѓе ги правеле овие ужасни работи? Повеќето од нив биле обични луѓе — не многу поинакви од луѓето денес. Несомнено многу од нив биле распалени од идеализам и желба да ги исправат неправдите што ги согледале во светот од нивното време. Во состојба на вжештени емоции, како да заборавиле на фактот дека во нивната борба за „правда“ им нанесувале само неправда, болка и страдање на стотици илјади невини мажи, жени и деца што биле фатени во стапица во воените зони.
Зарем тоа не е нешто што шаблонски се повторува низ историјата? Зарем харизматичните водачи не покренувале постојано безброј милиони луѓе — кои нормално никогаш не би ни помислиле на такви постапки — во диви и варварски војни против нивните религиозни и политички противници? Повикот на оружје на двете страни што биле вклучени во конфликтот и тврдењата дека Бог е на секоја страна го озаконило насилничкото угнетување на политичката и верската опозиција. Тоа било дел од еден добро утврден шаблон што служел за интересите на тираните во текот на многу векови. Мојнахан вели дека тоа е норма што „ќе им послужи на извршителите на холокаустот и на денешните етнички чистења исто онака сигурно како што ја покренал и првата крстоносна војна“.
‚Но, разумните луѓе денес повеќе нема да дозволат да бидат манипулирани на тој начин‘, можеби ќе речете. ‚Зарем сега не сме многу поцивилизирани?‘ Би требало да е така. Но, дали навистина луѓето ги научиле лекциите од историјата? Кој може искрено да рече дека ова е точно кога ќе размисли за историјата во изминативе сто години?
Првата светска војна
На пример, шаблонот што е зацртан со Крстоносните војни бил повторен во времето на I светска војна. „Еден од парадоксите на 1914“, вели Робертс, „е тоа што во секоја земја голем број луѓе, од сите партии, верувања и потекло, изгледа дека спремно и радосно отишле во војна — нешто што изненадува.“
Зошто голем број обични луѓе одат ‚во војна спремно и радосно‘? Затоа што тие, исто како оние пред нив што толку спремно отишле во војна, ги обликувале своите вредности и верувања според филозофиите од своето време. Иако некои можеби биле инспирирани од начелата на слобода и правда, нема големо сомневање дека мнозина биле поттикнати од арогантното верување дека нивната нација е подобра од другите и дека затоа заслужува да владее.
Тие биле натерани да веруваат дека војната е неизбежен дел од природниот тек на работите — некој вид „биолошка неопходност“. „Општествениот дарвинизам“, вели писателот Фил Вилијамс, ја потстрекнувал идејата дека, на пример, војната е законско средство за „искоренување на оние видови што не се вредни да преживеат“.
Се разбира, секој мислел дека неговите идеали се исправни. Со каков резултат? Мартин Џилберт, писател и историчар, вели дека во текот на I светска војна „владите удирале на тапанот на расизмот, патриотизмот и јунаштвото во војната“ — а луѓето слепо ги следеле. Економистот Џон Кенет Галбрејт израснал во селата на Канада во текот на таа војна. Тој рекол дека секаде околу него, луѓето зборувале за „очигледната глупавост на конфликтот во Европа“. „Интелигентните луѓе . . . не учествуваат во таквото безумие“, рекле тие. Но, тие сепак го сториле тоа. Со какви последици? Околу 60.000 канадски војници биле меѓу оние повеќе од девет милиони луѓе што умреле на двете страни во одвратното нешто што било наречено I светска војна.
Не е научена никаква лекција
Во текот на следните две децении, истиот дух почнал повторно да се манифестира со појавата на фашизмот и нацизмот. Фашистите почнале да ги користат „традиционалните пропагандни средства на симболи и митови за да ги распалат емоциите на луѓето“, пишува Хју Парсел. Особено моќно средство што го користеле била силната комбинација на религија и политика, додека се молеле за Божји благослов на нивните трупи.
Еден човек што бил „мајстор за психологијата на масите и брилијантен говорник“ бил Адолф Хитлер. Исто како многу други демагози во минатото, вели Дик Гиери во Hitler and Nazism (Хитлер и нацизмот), Хитлер верувал дека ‚со масите не управува мозокот туку нивните емоции‘. Тој ја искористил оваа човечка слабост со тоа што итро ја применил старовековната техника на насочување на омразата на луѓето против еден заеднички непријател — како тогаш кога „ги свртел стравовите и огорченоста на Германците против Евреите“, вели Парсел. Хитлер ги клеветел Евреите, велејќи дека ‚Евреинот ја расипува германската нација‘.
Она што е ужасно во врска со целата таа ера е тоа што милиони навидум фини луѓе лесно биле подбуцнати на масовно убиство. „Како можеле луѓето од една наводно цивилизирана земја не само да толерираат туку и да бидат вовлечени во ужасниот варваризам на нацистичката држава?“ прашува Гиери. Освен тоа, не се работело само за „цивилизирана“ туку и за наводно христијанска земја! Тие биле вовлечени во тоа затоа што повеќе ги сакале филозофиите и сплетките на луѓето отколку учењата на Исус Христос. И колку само искрени, идеалистички мажи и жени оттогаш биле наведени на ужасни злосторства!
„Она што нѐ учат искуството и историјата е следново“, вели германскиот филозоф Георг Хегел, „дека нациите и владите никогаш не научиле ништо од историјата ниту, пак, постапувале врз основа на лекциите што ги добиле од неа.“ Можеби мнозина нема да се сложат со Хегеловата животна филозофија, но малкумина ќе бидат тие што нема да се согласат со оваа изјава. За жал, изгледа дека на луѓето им било многу тешко да научат нешто од историјата. Но, дали тоа мора да биде случај и со Вас?
Сигурно, една јасна лекција што треба да се научи е оваа: За да се избегнат трагедиите на минатите генерации, потребно ни е нешто многу посигурно од човечките филозофии што можат да бидат погрешни. Но, што треба да го води нашето размислување ако тоа не го прави човечка филозофија? Повеќе од илјада години пред Крстоносните војни, учениците на Исус Христос покажале каков треба да биде христијанскиот пат — кој е единствениот разумен пат. Да разгледаме што сториле тие за да избегнат да бидат вовлечени во крвавите конфликти од нивното време. Но, дали е веројатно дека нациите денес ќе научат како да го прават тоа и на тој начин ќе избегнат конфликти? И, без оглед на тоа што прават нациите, какво ќе биде Божјето решение за да стави крај на сета човечка беда?
[Слики на страница 6]
Варваризмот и страдањето биле обележје на човечките конфликти
[Слики на страница 7]
Најгоре: Бегалци од подрачје растргнато со војна
Како можеле наводно цивилизирани луѓе да бидат вовлечени во вакви чинови на незамисливо насилство?
[Извори на слики]
Бегалци од Руанда: ФОТОГРАФИЈА НА ОН 186788/J. Isaac; уривање на Светскиот трговски центар: AP Photo/Amy Sancetta