Гледиште на Библијата
Како можете да се плашите од еден Бог на љубовта?
„БЛАЖЕН Е ОНОЈ ЧОВЕК, КОЈ СЕ БОИ ОД ГОСПОДА“ (Псалм 111:1).
АКО ‚Бог е љубов‘, како што го опишува Библијата, зошто би било потребно да се плашиме од него? (1. Јованово 4:16). Љубовта и стравот обично се сметаат за неспојливи. Затоа, каква улога треба да игра стравот во нашиот однос со Бог? Зошто да се плашиме од еден Бог на љубовта? Еден близок поглед на тоа како зборот „страв“ се употребува во Библијата, може да ни даде едно подобро разбирање за оваа работа.
Во повеќето јазици еден единствен збор може да има различни нијанси на значење, во зависност од контекстот. На пример, на некои јазици човек може да рече: „Јас сакам сладолед“, а исто така и „Јас ги сакам моите деца“. Постои огромна разлика во интензитетот и во видовите љубов што се изразени. Слично на тоа, Библијата зборува за различни видови страв. Кога го користи зборот во врска со обожавањето на Бог, не се однесува на ужас, уплав или чувство на претстојна казна. Наместо тоа, стравот од Бог пренесува здрави чувства — стравопочитување, почит и длабок респект. Овие благородни емоции се придружени со љубов и привлеченост кон Бог, а не со инстинкт да избегаме или да се скриеме од него.
Стравот од Бог го отстранува морбидниот, кукавички страв. Во врска со човекот кој се плаши од Бог, псалмистот напишал: „Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа“ (Псалм 111:7). Никаква закана од злобните луѓе или од самиот Сатана не може да го совлада нашиот длабок респект и почит кон Јехова (Лука 12:4, 5). Исто така, не треба да се плашиме да му пристапиме на Бог во молитва. Наместо тоа, во овој контекст, ‚љубовта го пади стравот‘ (1. Јованово 4:18).
Небесата и Божјата величина
Царот Давид, од дамнината, бил богобојазлив човек. Тој запаѓал во стравопочитување кога размислувал за убавината и комплексноста на творештвото. Тој извикнал: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава“ (Псалм 138:14). Загледувајќи се во ноќното небо, тој извикнал: „Небесата ја објавуваат славата на Бога“ (Псалм 18:1). Дали мислите дека Давид бил исплашен од ова искуство? Напротив, тоа го поттикнало да му пее фалби на Јехова.
Денешното зголемено спознание за небесата ни дава уште посилна причина за да чувствуваме стравопочит. Неодамна, астрономите кои го користеа вселенскиот телескоп Хабел се загледаа подлабоко во небесата од кој и да е друг човек пред нив. Тие избраа еден дел од небото кој им изгледаше празен на телескопите прицврстени за Земјата и го фокусираа Хабел на едно подрачје големо колку зрнце песок кое се држи на далечина од рака. Сликата која произлегла била начичкана не со поединечни ѕвезди, туку со галаксии — огромни системи кои се состојат од милијарди ѕвезди — кои човекот не ги видел никогаш порано!
Величината, мистеријата и чудото на универзумот влеваат стравопочитување во искрениот набљудувач. Меѓутоа, таквите чуда се само мал одраз на славата и моќта на Создателот. Библијата го нарекува Јехова Бог „Отецот на светлината“ и ни кажува дека тој „го определува бројот на ѕвездите и на сите им дава име“ (Јаков 1:17; Псалм 146:4).
Неизмерноста на универзумот се гледа и во времето што го опфаќаат небесните настани. Светлината од галаксиите што ги фотографирал вселенскиот телескоп Хабел патувала низ просторот милијарди години! Зарем нашата недамнешност и ништожност во споредба со трајноста на небесата не нѐ наведува да чувствуваме стравопочитување и длабока почит кон Оној кој ги создал ѕвездите? (Исаија 40:22, 26). Да сфатиме дека Богот кој го создал сето ова ‚се сеќава на синот човечки и го посетува‘, го продлабочува нашето ценење за нашиот Создател и нѐ наведува да сакаме да го запознаеме и да му угодиме (Псалм 8:3, 4). Таквото возвишено почитување и ценење е она што Библијата го нарекува страв од Бог.
Бог кој простува
Сите сме несовршени. Дури и тогаш кога се трудиме да го правиме она што е исправно, грешиме ненамерно. Кога ќе се случи тоа, треба ли да стравуваме дека ќе ја изгубиме Божјата наклоност? Псалмистот напишал: „Господи, ако гледаш на беззаконијата, — тогаш кој ќе се одржи, Господи? Но во Тебе има простување“ (Псалм 129:3, 4). Самото тоа што ‚Творецот‘ е толку љубезен и простува влева длабоко ценење и почит кај неговите обожаватели (Исаија 54:5—8).
Стравот од Бог нѐ мотивира да правиме добро, а исто така и да се воздржуваме од правењето на она што Бог вели дека е лошо. Нашиот однос со нашиот небесен Татко може да се спореди со односот на еден добар човечки татко со неговите деца. Понекогаш можеби децата не запомнуваат зошто татко им им забранува да играат на улица. Сепак, кога ќе почувствуваат нагон да трчаат по топката на прометна улица, помислата на забраната од нивниот татко ги спречува — можеби спасувајќи ги од смрт. Слично на тоа, стравот од Јехова што го има еден возрасен човек може да го спречи да направи некој чин кој би можел да уништи животи — неговиот и животите на другите (Изреки 14:27).
Страв од Божјата осуда
Спротивно на тоа, едно лице чија совест не го спречува да не му угодува на Бог има причина да се плаши на еден сосема поинаков начин. Исто како што човечките влади ги казнуваат криминалните елементи, Бог го има правото да дејствува против намерните, непокајнички престапници. Тоа што Бог привремено го дозволил злото, им допуштило на некои да закорават во грешниот правец. Но, Библијата јасно покажува дека еден скорашен ден тој ќе ги отстрани сите злобни елементи од Земјата (Псалм 36:9, 10; Проповедник 8:11; 1. Тимотеј 5:24). Непокајничките злобници имаат причина да се плашат од казна од Бог. Сепак, ваквиот страв не е онаков страв каков што препорачува Библијата.
Наместо тоа, Библијата го поврзува стравот од Јехова со прекрасни работи во животот — пеење, радост, доверба, мудрост, долговечност, увереност, благосостојба, надеж и мир, да спомнеме само некои.a Ако продолжиме да одиме во страв од Јехова, засекогаш ќе уживаме во таквите благослови (5. Мојсеева 10:12—14).
[Фуснота]
a Види 2. Мојсеева 15:11 (NW); Псалм 33:11, 12; 39:3; 110:10; Изреки 10:27; 14:26; 22:4; 23:17, 18; Дела 9:31.
[Извор на слика на страница 30]
Со љубезна дозвола на Англо-австралијанската опсерваторија, фотографија од David Malin