Набљудување на светот
Религијата на крстопат
„Додека се приближуваме кон крајот на овој век и на овој милениум, имаме чувство дека тоа е повеќе отколку само симболичен праг, дека се случува некоја епохална промена“, рекол Конрад Рајзер, генерален секретар на Светскиот совет на црквите. „Проблемот е во тоа што не разбираме потполно во кој правец нѐ води оваа промена. Затоа сме некако ограничени во активното обликување на процесот на менување наместо само да одговориме [на него] и да реагираме“. Д-р Рајзер го навел „мноштвото религии“ како едно спорно прашање за соочување. ENI Bulletin го цитирал како вели дека христијанскиот свет „сѐ уште е поголем дел од проблемот отколку од решението“. Тој додал: „Далеку сме од тоа да имаме развиено начини на кои можеме да живееме еден со друг како соседи без да продолжуваме да го осознаваме другиот, оној кој е поинаков од нас во религиозните убедувања и практика, како закана наместо како . . . потенцијален извор на обогатување“.
Милениумот веќе завршил?
Според изучувачите, „милениумот всушност се сменил пред неколку години. Извинете, но сите го пропуштивме“, изјавува списанието Newsweek. Причината? Нашиот календар „се темели на произволна поделба на времето“, која наводно се базира на Христовото раѓање. Но, забележува статијата, современите изучувачи сметаат дека Исус, всушност, се родил неколку години „пред Христос“. Според Newsweek, тоа „значи дека веќе добро сме зачекориле во третиот милениум“. Грешката лежи во Дионисиј Малиот кого во 525 н. е. папата Јован I го овластил да направи стандарден литургиски календар. Дионисиј одлучил да го употреби Исусовото раѓање како централна точка, но промашил во пресметувањето. „Историчарите никогаш нема со сигурност точно да знаат кога е роден Исус“, вели Newsweek. „Дури и датирањето на Божиќ, кој го прославува неговото раѓање, е произволно. Изучувачите сметаат дека Црквата го избрала 25 декември за да се совпадне со — и религиозно да ги поништи — паганските прослави на зимската краткодневица“. Библиската хронологија покажува дека Исус бил роден во 2 година пр. н. е.
Читањето на Библијата донесува користи
Според едно истражување што го извести Associated Press, Американците кои ја читаат Библијата барем еднаш седмично се чувствуваат порадосни и позадоволни и имаат поголема смисла во животот отколку оние кои поретко ја читаат. Во една анкета со случајни испитаници — возрасни Американци — што ја спроведе Market Facts, Inc. (Илиноис), речиси 90 проценти од честите читатели на Библијата рекле дека се чувствуваат смирени цело време или поголемиот дел од времето, во споредба со 58-те проценти од оние кои ја читаат Библијата помалку од еднаш месечно. Понатаму, 15 проценти од редовните читатели на Библијата рекле дека се загрижени за тоа дали ќе бидат прифатени од другите, во споредба со 28-те проценти од нередовните читатели. Само 12 проценти од оние кои читаат често, рекле дека смртта ги загрижува понекогаш или многу често, во споредба со 22-та проценти од оние кои не читаат често.
Што слушаат бебињата
Недамнешното истражување потврдува дека квантитетот и тонот на зборовите што ги слуша бебето влијаат врз неговата способност рационално да размислува, да решава проблеми и апстрактно да расудува, известува The New York Times. Една студија на универзитетот во Ајова открила дека децата на родители кои се професионалци слушале просечно по 2.100 зборови секој час, додека децата на родители од работничката класа слушале по 1.200 зборови, а оние на родители под социјална помош само по 600. Родителскиот тон на гласот — охрабрувачки, укорувачки, топол или заповеднички — бил исто така забележан. Двеиполгодишната студија покажала дека различната количина која била примена „имала длабоко влијание врз способностите за идејно размислување на секое дете до 4-годишна возраст“. Еден од истражувачите, д-р Бети Харт, рекла дека првите три години се уникатни во животот на луѓето бидејќи бебињата потполно зависат од возрасните во поглед на нивната целокупна нега и јазикот.
Рано откривање на ракот на дојката
Ракот на дојката е најраширено малигно заболување кај бразилските жени за кое се проценува дека ја погодува секоја дванаесетта жена, известува бразилското списание Medicina Conselho Federal. Списанието охрабрува на редовен самопреглед на градите за сите жени после 25-годишна возраст. Исто така, Medicina препорачува жените да ја направат својата прва мамографија на возраст помеѓу 35 и 40 години, по една мамографија на секои две години помеѓу 40 и 50-годишна возраст, и потоа по една мамографија секоја година. Иако жените кои се хранат со високозаситени масти и оние во чие семејство имало такво заболување се под поголем ризик, 70 проценти од пациентките со рак на дојката не влегуваат во ниедна високоризична категорија. Овој факт, забележува Medicina, „јасно ја покажува важноста на политиката на рано откривање“. (Видете Разбудете се! од јули—септември 1994.)