Згоеноста станува глобална епидемија?
„ДОЛГО сметана за нуспроизвод на современиот живот во богатите, развиени земји, згоеноста се шири и во неразвиените земји“, известува британското медицинско списание The Lancet. Во него било забележано дека сега нутриционистите предупредуваат на „глобална епидемија“ на болести поврзани со згоеноста, како што се дијабетесот, хипертензијата (високиот крвен притисок), ракот и кардиоваскуларните заболувања.
Со оглед на тоа што во Кина во изминативе осум години бројот на мажи што имаат прекумерна тежина се зголеми трипати а бројот на жени што го имаат истиот проблем се зголеми двапати, стапката на хипертензија во оваа земја сега е слична со онаа во Соединетите Држави. Повеќе од половина од новодијагностицираните случаи на дијабетес се во Индија и Кина. Застапеноста на дијабетесот во Египет е еднаква на онаа во Соединетите Држави, а половина од жените во таа земја сега имаат прекумерна тежина. Насекаде во Мексико брзо се зголемува бројот на згоени луѓе од сите општествени слоеви, а последица од тоа е сѐ почестата појава на дијабетес. Дури и во многу сиромашните земји на Супсахарска Африка, згоеноста и дијабетесот стануваат сѐ почести.
Иако во некои земји згоеноста може да се должи на „брзата храна“ што содржи многу маснотии, една од главните причини е тоа што многу произведувачи сега додаваат повеќе шеќер во прехрамбените производи „за да им го подобрат вкусот“. Освен тоа, исхраната во Азија и Африка вклучува поголема употреба на масла за јадење, а резултат на тоа се повеќе калории. Напредната технологија во фабриките и во земјоделството води до тоа во производството да биде потребна помала физичка сила. Луѓето сакаат помалку да работат и да имаат повеќе слободно време. Сега, кога компјутерите и телевизијата се толку популарни, вработените вложуваат помал физички напор, а „со електронската пошта луѓето престанале лично да носат пораки и да стануваат од своето место за да разговараат со колегите“.
Бидејќи згоеноста брзо се шири и кај децата на школска возраст, особено во места каде што рекреацијата и физичките активности се ограничени, итно е потребно наставниците добро да се информираат за односот помеѓу исхраната и академскиот успех. Гејл Харисон, од Школата за здравствена заштита при Универзитетот Калифорнија, предупредува дека, за да се излезе на крај со епидемијата на згоеноста и на болестите поврзани со неа, освен локалните стратегии за превенција „неопходна е заедничка програма за превенција на глобално ниво, со паралелен развој на стратегија, стручност и инфраструктура“.