Моето долго патување од животот и од смртта во Камбоџа
РАСКАЖАЛ ВАТАНА МИАС
ТОА беше 1974-та година. Јас се борев со Црвените Кмери во Камбоџа како офицер во камбоџанската армија. Во една битка запленивме еден војник на Црвените Кмери. Она што ми го кажа тој за плановите на Пол Пот во врска со иднината, ми го промени животот и го одбележа почетокот на едно долго патување, како дословно така и духовно.a
Но, дозволете ми да Ве одведам на почетокот од мојата одисеја. Роден сум 1945, во Пном Пен, во земја која на кмерскиот јазик сега е позната како Кампучија (Камбоџа). Мајка ми, со текот на времето, доби важно место во тајната полиција. Таа беше специјален агент на принцот Нородом Сиханук, владетелот на земјата. Бидејќи остана сама со мене и беше многу зафатена, чувствуваше обврска да ме остави во некој будистички храм за да стекнам образование.
Мојата будистичка заднина
Имав осум години кога отидов да живеам со главниот будистички калуѓер. Оттогаш па сѐ до 1969, го минував времето и во храмот и дома. Калуѓерот на кој му служев беше Чун Нат, највисокиот будистички авторитет во Камбоџа во тоа време. Извесно време работев како негов секретар и му помагав во преведувањето на будистичката света книга „Трите кошници“ (Tipitaka, или на санскрит Tripitaka) од еден древен индиски јазик на камбоџански.
Бев примен за калуѓер во 1964 и служев во таа улога сѐ до 1969. Во тој период имаше многу прашања кои ме измачуваа, како што е: ‚Зошто постои толкаво страдање во светот и како започнало?‘ Сум видел луѓе како на различни начини се обидуваа да им угодат на своите богови, но не знаеја како тие богови би можеле да им ги решат проблемите. Не можев да најдам задоволителен одговор во будистичките списи ниту, пак, можеа другите калуѓери. Моите илузии толку пропаднаа што одлучив да го напуштам храмот и се откажав од тоа да бидам калуѓер.
Конечно, во 1971 се приклучив на камбоџанската армија. Бев испратен во Виетнам околу 1971. Поради тоа што бев образован, бев унапреден во чин на втор потполковник и бев доделен на специјалните сили. Се боревме против комунистичките Црвени Кмери и силите на Виетконг.
Војната и промените во Камбоџа
Станав ветеран закоравен од војната. Се навикнав да гледам умирање речиси секојдневно. Лично бев ангажиран во 157 битки. Еднаш, длабоко во џунглата, бевме опколени од Црвените Кмери подолго од еден месец. Умреа повеќе од 700 луѓе. Останавме само 15-тина преживеани — јас бев меѓу нив, но бев ранет. Сепак, извлеков жива глава.
Во една друга прилика, во 1974, заробивме еден војник на Црвените Кмери. Додека го испрашував, тој ми кажа дека Пол Пот планира да ги истреби сите поранешни владини службеници, вклучувајќи ги и оние во армијата. Ми рече да оставам сѐ и да бегам. Тој рече: „Промени си го името. Никој нека не знае кој си. Преправај се дека си неук и необразован. Никому не кажувај за твојот поранешен живот“. Го пуштив да се врати дома, но тоа предупредување ми се врежа во умот.
На војниците ни беше речено дека се бориме за нашата земја, но сепак ние убивавме Камбоџанци. Црвените Кмери, комунистичка фракција која бараше власт, беа наш народ. Всушност, повеќето од деветте милиони жители на Камбоџа се Кмери, иако мнозинството не припаѓаат на Црвените Кмери. Тоа воопшто не ми беше логично. Убивавме невини фармери кои немаа пушки и кои не се интересираа за војната.
Враќањето од битка секогаш претставуваше болно искуство. Жените и децата стоеја таму нестрпливо чекајќи да видат дали сопругот или таткото се вратил. На многумина од нив морав да им кажам дека нивниот домашен бил убиен. Во сето тоа, моето познавање на будизмот не ми даде никаква утеха.
Сега размислувам за тоа како се променија работите во Камбоџа. Пред 1970 постоеше релативен мир и сигурност. Повеќето луѓе не поседуваа пушки; оружјето беше нелегално освен ако немаш дозвола. Имаше сосема малку разбојништво и кражби. Но, откако изби граѓанската војна со побуната на Пол Пот и неговите сили, сѐ се промени. Насекаде имаше оружје. Дури и момчиња од 12 и 13 години беа обучувани за воена служба и поучувани како да стрелаат и да убиваат. Луѓето на Пол Пот убедија некои деца да ги убијат и сопствените родители. Војниците ќе им речеа на децата: „Ако ја сакате вашата земја, треба да ги мразите непријателите. Ако вашите родители работат за владата, тие се наши непријатели и морате да ги убиете — или вас ќе ве убиеме“.
Пол Пот и чистката
Во 1975, Пол Пот ја доби војната и Камбоџа стана комунистичка земја. Пол Пот започна чистка на сите студенти, учители, владини службеници и секој оној кој беше образован. Да носевте очила, можевте да бидете убиени бидејќи ќе Ве сметаа за образован! Режимот на Пол Пот натера многу луѓе да избегаат од градовите и малите гратчиња и да се преселат во селата за да работат како земјоделци. Сите мораа да се облекуваат во ист стил. Моравме да работиме по 15 часа на ден, со недоволно храна, без лекови, без облека и со само 2 или 3 часа спиење. Одлучив да си заминам од татковината пред да биде предоцна.
Се сетив на советот на оној војник на Црвените Кмери. Ги исфрлив сите фотографии, документи и сѐ друго што можеше да биде повод за оптужба. Ископав дупка и закопав некои од моите документи. Потоа отпатував на запад, кон Тајланд. Беше опасно. Требаше да ги одбегнувам блокадите на патиштата и да бидам многу внимателен за време на полицискиот час, бидејќи можеа да патуваат само војниците на Црвените Кмери, и тоа со службена дозвола.
Отидов во едно подрачје и некое време живеев со еден пријател. Тогаш Црвените Кмери ги преселија сите од тоа место на нова локација. Почнаа да ги убиваат учителите и лекарите. Јас избегав заедно со уште тројца пријатели. Се криевме во џунглата и јадевме секакво овошје што можеше да се најде на дрвјата. Конечно, дојдов до едно мало село во провинцијата Батамбанг, каде што живееше еден мој пријател. На мое изненадување, таму го најдов и поранешниот војник кој ме советуваше како да избегам! Бидејќи го имав ослободено, тој ме криеше во една јама три месеци. На едно дете му нареди да ми фрла храна, но да не гледа во јамата.
Со текот на времето можев да избегам. Ги пронајдов мајка ми, тетка ми и сестра ми, кои исто така бегаа кон тајландската граница. За мене тоа беше тажен период. Мајка ми беше болна и на крајот умре во еден логор за бегалци поради болеста и недостигот на храна. Меѓутоа, во мојот живот се појави еден зрак на светлина и надеж. Се запознав со Софи Ум, жената која подоцна стана моја сопруга. Избегавме, заедно со тетка ми и сестра ми, преку тајландската граница во еден логор за бегалци на Обединетите нации. Нашето семејство скапо ја плати камбоџанската граѓанска војна. Изгубивме 18 членови од семејството, вклучувајќи го и мојот брат и снаата.
Нов живот во Соединетите Држави
Во логорот за бегалци го проверија нашето минато, а ОН се обиде да ни најде покровител за да можеме да заминеме во Соединетите Држави. Конечно — успеавме! Во 1980, пристигнавме во Сент Пол (Минесота). Знаев дека треба да научам англиски колку што е можно побрзо за да напредувам во мојата нова земја. Мојот покровител ме прати на училиште само неколку месеци, иако требаше да учам подолго. Наместо тоа, ме вработи како чистач во еден хотел. Но, со мојот ограничен англиски, работата стана комедија на грешки. Сопственикот ќе ми речеше да донесам скала, а јас ќе го однесев ѓубрето!
Една застрашувачка посета
Во 1984, работев ноќна смена, а преку ден спиев. Живеевме во едно подрачје каде што постоеше голема напнатост помеѓу Азијците и црнците. Криминалот и дрогата беа вообичаени. Едно утро, жена ми ме разбуди во десет часот за да ми каже дека на вратата има некој црнец. Беше исплашена затоа што мислеше дека дошол да нѐ ограби. Ѕирнав низ вратата, а таму стоеше еден добро облечен црнец со актовка, заедно со еден белец. Не ми изгледаше дека има нешто што не е во ред.
Го прашав што продава. Ми покажа примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Ништо не разбрав. Се обидов да ги одбијам затоа што пред неколку месеци бев измамен да платам 165 долари за еден комплет од пет книги од еден протестантски продавач. Меѓутоа, црнецот ми ги покажа илустрациите во списанието. Сликите беа толку пријатни и убави! А човекот имаше една голема, пријателска насмевка. Затоа, приложив 1 долар и ги зедов.
После отприлика две недели, тој повторно дојде и ме праша дали имам камбоџанска Библија. Се погоди да имам една што ја купив од една Назирејска црква, иако не ја разбирав. Но, бев импресиониран што двајца луѓе од различни раси дошле на мојата врата. Потоа ме праша: „Сакаш ли да учиш англиски?“ Се разбира дека сакав, но објаснив дека немам пари за да платам часови. Ми рече дека ќе ме учи бесплатно, употребувајќи библиски публикации. Иако не знаев која религија ја претставуваше, си помислив: ‚Барем не мора да плаќам, а ќе научам да читам и да пишувам англиски‘.
Го учам англискиот и Библијата
Тоа беше бавен процес. Ќе ми ја покажеше првата книга од Библијата, 1. Мојсеева, а потоа јас ќе ја изговорев на камбоџански, „ло ка бат“. Тој ќе речеше „Библија“, а јас ќе речев „компи“. Почнав да напредувам и бев мотивиран. Ги земав на работа мојот англиско-камбоџански речник, списанието Стражарска кула, Нов свет преводот на Библијата и мојата камбоџанска Библија. За време на паузата проучував и учев англиски, збор по збор, споредувајќи ги публикациите. Овој бавен процес, заедно со седмичните лекции, траеше три години. Но, на крајот, можев да читам англиски!
Жена ми сѐ уште одеше во будистичкиот храм и раздаваше храна за предците. Се разбира, единствените кои имаа корист од тоа беа мувите! Имав многу длабоковкоренети лоши навики кои потекнуваа уште од деновите кога бев во армијата и во будизмот. Кога бев калуѓер, луѓето носеа приноси, вклучувајќи и цигари. Веруваа дека, ако калуѓерот ги пуши цигарите, тоа е исто како да пушат нивните предци. Така, станав жртва на зависност од никотин. Исто така, во армијата многу пиев и пушев опиум за да ми даде храброст во битките. Затоа, кога почнав да ја проучувам Библијата, требаше да направам многу промени. Тогаш открив дека молитвата е од огромна помош. Само за неколку месеци ги совладав лошите навики. Колку само тоа им се допаѓаше на другите во семејството!
Се крстив како Сведок во 1989, во Минесота. Отприлика во тоа време дознав дека има една група Сведоци кои зборуваат камбоџански, како и едно големо камбоџанско население во Лонг Бич (Калифорнија). Откако дискутирав за тоа со мојата сопруга, одлучивме да се преселиме во Лонг Бич. Таа промена значеше многу! Сестра ми се крсти прва, потоа тетка ми (која сега има 85 години) заедно со мојата сопруга. Следеа моите три деца. Со текот на времето, сестра ми се омажи за Сведок, кој сега служи како старешина во собранието.
Овде, во Соединетите Држави, минавме низ многу искушенија. Доживеавме големи финансиски тешкотии и некои здравствени проблеми, но придржувајќи се за библиските начела, ја одржавме нашата доверба во Јехова. Тој ги благослови моите напори на духовното поле. Во 1992 бев наименуван да служам како слуга помошник во собранието, а во 1995 станав старешина овде во Лонг Бич.
За сега, долгото патување што го започнав кога бев будистички калуѓер и потоа офицер на боиштата во завојуваната Камбоџа заврши со мир и среќа во нашиот нов дом и нова земја. А ја имаме и нашата новопронајдена вера во Јехова Бог и Христос Исус. Ме боли сознанието дека луѓето сѐ уште се убиваат во Камбоџа. Тоа е уште поголема причина моето семејство и јас да го чекаме и да го објавуваме ветениот нов свет, каде што сите војни ќе престанат и сите луѓе навистина ќе ги сакаат своите ближни како себеси! (Исаија 2:2—4; Матеј 22:37—39; Откровение 21:1—4).
[Фуснота]
a Тогаш Пол Пот беше комунистички водач на армијата Црвени Кмери, која ја доби војната и ја презеде Камбоџа.
[Карта/слика на страница 16]
ВИЕТНАМ
ЛАОС
ТАЈЛАНД
КАМБОЏА
Батамбанг
Пном Пен
Во годините кога бев будистички калуѓер
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 18]
Во Салата на Царството, заедно со моето семејство