Свет без религија — дали би бил подобар?
НОВИТЕ атеисти си замислуваат свет без религија — без бомбаши-самоубијци, без верски судири и без свештеници што изнудуваат пари од верниците. Ти се допаѓа ли ваквата замисла?
Пред да одговориш, запрашај се: ‚Има ли цврста основа да верувам дека светот би бил подобро место за живеење ако сите се атеисти?‘ Размисли за следново: Во обидот на Црвените Кмери да воспостават атеистичка марксистичка власт, загинаа еден и пол милион Камбоџанци. А во поранешниот Советски Сојуз, кој официјално беше атеистичка држава, власта на Јосиф Сталин доведе до смрт на десетици милиони луѓе. Се разбира, ваквите злосторства не можат директно да му се припишат на атеизмот. Сепак, тие покажуваат дека еден таков режим не е гаранција за мир и слога.
Повеќето ќе се согласат дека религијата била причина за големи страдања. Но, дали Бог е виновен за нив? Не! Тој е исто толку виновен колку што е виновен и еден производител на автомобили кога ќе се случи сообраќајна несреќа затоа што возачот зборувал на мобилен телефон. Има многу причини за страдањата на човештвото, а една од нив е многу поважна од верските убедувања. Според Библијата, тоа е вродената несовршеност. „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Поради тој грев, луѓето по природа се себични, горделиви, насилни и сакаат сами да си одредуваат што е за нив добро а што лошо (1. Мојсеева 8:21). Гревот ги тера да си бараат изговори и да прифаќаат верувања кои ги оправдуваат нивните престапи (Римјаните 1:24-27). Исус Христос со право рекол: „Од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Матеј 15:19).
Битна разлика
Многу е важно да се знае разликата меѓу вистинската религија, односно религијата што е прифатлива за Бог, и лажната религија. Вистинската религија треба да им помага на луѓето да ги надвладеат своите ниски склоности. Таа треба да ги поттикне на самопожртвувана љубов, мир, љубезност, доброта, благост, самосовладување, брачна верност и почит кон другите (Галатите 5:22, 23). Од друга страна, лажната религија обично се прилагодува на популарните трендови. Таа, како што вели Библијата, ‚им го зборува на луѓето она што им годи‘ и ги толерира лошите работи кои Исус ги осудил (2. Тимотеј 4:3).
Дали сеопштиот атеизам би можел да помогне секој да знае точно што е исправно, а што погрешно? Ако нема Бог, тогаш за нашите постапки не сме одговорни пред никого и „нема реални етички вредности кои треба да ги почитуваме“, вели Филип Џонсон, професор по право. Моралот станува нешто релативно: секој сам си одредува — ако воопшто и реши да одреди — што е добро, а што лошо. Без сомнение, поради ваквите размислувања, атеизмот станал привлечен за некои (Псалм 14:1).
Меѓутоа, факт е дека Бог нема вечно да ја толерира невистината — сеедно дали станува збор за атеистичка или за верска невистина. А нема да им прогледа низ прсти ни на оние што ја шират.a Тој ветува: „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните [во морален и во духовен поглед] ќе останат на неа. А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“ (Изреки 2:21, 22). Резултатот ќе биде нешто што не успеал да го постигне ниеден човек, ниедна човечка филозофија и ниедна човечка институција — сите да живеат во мир и среќа (Исаија 11:9).
[Фуснота]
a Разумно библиско објаснување зошто Бог привремено ги допушта злобата и страдањата може да се најде во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 6]
КАКО ГЛЕДА БОГ НА ВЕРСКИТЕ ЗЛОСТОРСТВА
Во земјата што им била дадена на древните Израелци живееле Ханаанците. Тие биле изопачен народ оддаден на секаков облик на сексуален неморал — инцест, содомија и полови односи со животни — а во своите ритуали принесувале деца како жртви (3. Мојсеева 18:2-27). Во книгата Археологијата и Стариот завет (Archaeology and the Old Testament) стои дека при ископувањата „биле откриени купишта пепел и скелети на новороденчиња во гробиштата околу паганските жртвеници, што укажува на раширениот обичај да [се жртвуваат деца]“. Според еден библиски прирачник, Ханаанците ги обожавале своите богови така што се впуштале во сексуални оргии и им ги жртвувале своите првородени. Во истиот прирачник понатаму се вели: „Археолозите што вршат ископувања низ урнатините на ханаанските градови се чудат зошто Бог не ги уништил порано“.
Фактот што Бог ги уништил Ханаанците е за нас денес отрезнувачка опомена дека тој нема да го поднесува злото што се прави во негово име. Во Дела 17:31 се вели: „[Бог] определи ден во кој науми да му суди на целиот свет според правдата“.
[Слики на страница 7]
И религиозни и нерелигиозни луѓе имаат направено ужасни злосторства
Црквата му изразува поддршка на Хитлер
Черепи од жртвите на Црвените Кмери (Камбоџа)
[Извор на слика]
AP Photo