ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/12 стр. 2-5
  • Корените на атеизмот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Корените на атеизмот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Согледување на корените
  • Семето е посеано
  • Никнува скептицизмот
  • Атеизмот достигнува кулминација
  • Негирањето на Бог во 20. век
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Современо неверие — треба ли потрагата да продолжи?
    Потрагата на човештвото по Бог
  • Свет без религија — дали би бил подобар?
    Разбудете се! 2010
  • Можно ли е да се стекне вера во Творец?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/12 стр. 2-5

Корените на атеизмот

ЖИВЕЕМЕ на планета на која владее криза; еден бегол поглед на новинските наслови секојдневно го потврдува тоа. Очајната состојба на нашиот свет навела многумина да го доведат во прашање постоењето на Бог. Тврдејќи дека се атеисти, некои го негираат дури и самото негово постоење. Дали е тоа случај и со тебе?

Верувањето или неверувањето во Бог може длабоко да влијае врз твоето гледиште за иднината. Без Бог, преживувањето на човечката раса е препуштено на човекот — црна помисла, ако се има предвид човековиот огромен деструктивен потенцијал. Ако веруваш дека Бог постои, тогаш веројатно се согласуваш дека животот на оваа планета има смисла — смисла која допрва треба да се реализира.

Иако негирањата на Божјето постоење биле спорадични низ историјата, популарноста на атеизмот се раширила дури во последниве векови. Дали знаеш зошто?

Согледување на корените

Дрвото кое високо се издигнува претставува една импресивна глетка. Сепак, окото ги гледа само лисјата, гранките и стеблото. Корените — изворот на животот на дрвото — лежат скриени длабоко во земјата.

Многу слично е и со атеизмот. Од 19. век па наваму, негирањето на Божјето постоење достигнало импресивен раст, како некое возвишено дрво. Би можеле ли животот и вселената да постојат без натприроден Зачетник? Дали обожавањето на еден таков Творец претставува губење време? Одговорите на водечките филозофи од тоа време биле јасни и гласни. „Како што повеќе не ни треба морален кодекс, така повеќе не ни треба ни религија“ — изјавил Фридрих Ниче. „Религијата е сон на човечкиот ум“ — тврдел Лудвиг Фоербах. А Карл Маркс, чии списи имале огромно влијание во следните децении, смело изјавил: „Сакам да ја зголемам слободата на умот од оковите на религијата“.

Масите биле импресионирани. Меѓутоа, она што го согледале биле само лисјата, гранките и стеблото на атеизмот. Корените веќе постоеле и ’ртеле долго пред да започне 19. век. Изненадувачки е што современиот пораст на атеизмот го поттикнале токму религиите на т. н. христијанство! Како тоа? Поради нивната расипаност, овие религиозни институции предизвикале големо разочарување и протест.

Семето е посеано

Во средниот век, Католичката црква имала смртен стисок врз нејзините поданици. „Се чинело дека хиерархијата е слабо опремена за да ги задоволи духовните потреби на народот“ — забележува The Encyclopedia Americana. „Повисокото свештенство, особено бискупите биле регрутирани од благородништвото и својата служба ја сметале главно за извор на престиж и моќ.“

Некои, како Жан Калвин и Мартин Лутер, се обиделе да ја реформираат црквата. Нивните методи, меѓутоа, не биле секогаш налик на Христовите; Реформацијата била обележана со нетолеранција и крвопролевање. (Спореди Матеј 26:52.) Некои напади биле толку пакосни што три векови подоцна, Томас Џеферсон, третиот претседател на САД, напишал: „Би било поопростливо воопшто да не се верува во бог, отколку да се хули на него со ужасните атрибути на Калвин“.a

Очигледно е дека Реформацијата не го обновила чистото обожавање. Сепак, таа ја намалила моќта на Католичката црква. Ватикан повеќе немал монопол над религиозната вера на луѓето. Многумина им се придружиле на новоформираните протестантски секти. Други, разочарани од религијата, го направиле човечкиот ум свој предмет на обожавање. Произлегол еден либерален став кој дозволувал различни гледишта за Бог.

Никнува скептицизмот

Од 18. век наваму, рационалното мислење обично било величано како универзален лек за проблемите на светот. Германскиот филозоф Имануел Кант тврдел дека прогресот на човекот е попречуван поради неговата зависност од политиката и религијата во поглед на водството. „Осмели се да знаеш!“ — поттикнувал тој. „Имај храброст да ја употребиш својата интелигенција!“

Овој став го карактеризирал Просветителството, познато уште како Доба на разумот. Овој период, кој траел низ целиот 18. век, бил обележан со опсесивно трагање по спознание. „Скептицизмот ја заменил слепата вера“ — вели книгата Milestones of History (Меѓници на историјата). „Сите стари ортодоксии биле доведени во прашање.“

Една ‚стара ортодоксија‘ која требало да биде ставена под лупа, била религијата. „Луѓето ги промениле своите сфаќања во врска со религијата“ — вели книгата The Universal History of the World (Универзална историја на светот). „Повеќе не биле задоволни со ветувањето за награди на небото; барале подобар живот на Земјата. Почнале да ја губат верата во натприродното.“ Всушност, повеќето филозофи од Просветителството ја презирале религијата. Особено ги обвинувале властољубивите водачи на Католичката црква затоа што ги држеле луѓето во незнаење.

Незадоволни од религијата, многу од овие филозофи станале деисти; верувале во Бог, но тврделе дека тој не е заинтересиран за човекот.b Некои од нив станале отворени атеисти, како филозофот Пол Анри Тири Олбак, кој тврдел дека религијата е „извор на поделби, лудости и злосторства“. Како што одминувале годините, уште многу други се измориле од христијанството и се согласиле со чувствата на Олбак.

Колку е иронично тоа што т. н. христијанство го поттикнало порастот на атеизмот! „Црквите беа почва за атеизмот“ — пишува професорот по теологија Мајкл Џ. Бакли. „Западната совест силно се ужасуваше и се гнасеше од конфесионалните религии. Црквите и сектите ја опустошија Европа, вршеа масакри, бараа религиозен отпор или револуција, се обидуваа да екскомуницираат или да соборат монарси.“

Атеизмот достигнува кулминација

Од 19. век наваму, негирањето на Бог било изразувано отворено и со успех. Филозофите и научниците без никакво колебање смело ги објавувале своите гледишта. „Нашиот непријател е Бог“ — изјавил еден изразит атеист. „Омразата кон Бог е почеток на мудроста. Ако сака човештвото навистина да напредува, тоа мора да биде на темел на атеизмот.“

Меѓутоа, во текот на 20. век се случила една едвај забележлива промена. Негирањето на Бог станало помалку воинствено; почнал да се шири еден поинаков вид на атеизам кој извршил влијание дури и врз оние кои тврделе дека веруваат во Бог.

[Фусноти]

a Протестантските секти кои произлегле од Реформацијата, задржале многу небиблиски доктрини. Види Разбудете се! од 22. август 1989, страница 16-20 (англ.) и од 8. септември 1989, страница 23-27 (англ.).

b Деистите тврдат дека, исто како некој часовничар, Бог ја ставил својата творба во движење, а потоа ѝ свртел грб и рамнодушно останал настрана. Според книгата The Modern Heritage (Модерното наследство), деистите „верувале дека атеизмот претставува грешка направена во очај, но дека диктаторската структура на Католичката црква и крутоста и нетолеранцијата на нејзините доктрини биле уште пожалосни“.

[Слика на страница 3]

Карл Маркс

[Слика на страница 3]

Лудвиг Фоербах

[Слика на страница 3]

Фридрих Ниче

[Извор на слика на страница 2]

НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Земјата: Со дозвола од British Library; Ниче: авторско право на British Museum (види и стр. 3); Калвин: Musée Historique de la Réformation, Женева (фотографија на F. Martin); Маркс: фотографија на US National Archives (види и стр. 3); планети, инструменти, крстоносци, локомотива: The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck; Фоербах: The Bettmann Archive (види и стр. 3)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели