Набљудување на светот
Опасноста од очајот
„Научниците . . . велат дека очајот може да му нанесе на срцето исто толкава штета колку кога би се испушиле 20 цигари на ден“, известува The Times од Лондон. „Едно четиригодишно истражување на речиси 1.000 средовечни Финци открило дека очајот довел до значително зголемен ризик од атеросклероза, односно задебелување на артериите.“ Истражувањето покажало дека нечија душевна состојба може да има значително влијание врз здравјето. „Постојано откриваме дека психолошката и емоционалната состојба играат улога во здравјето“, рекла д-р Сузан Еверсон, која го водела истражувањето. „Лекарите треба да сфатат дека безнадежноста влијае негативно и ја отежнува болеста. Луѓето треба да сфатат дека, кога се чувствуваат безнадежно и очајно, треба да се обидат да побараат помош.“
Нема пластична операција на лицето
После седум години обновување, од сфингата во Египет конечно е тргнато скелето што ја опкружуваше. „Помеѓу 1990 и 1997 беа употребени сто илјади камења за да се обнови сфингата“, рекол Ахмад Ал-Хагар, директор за антиквитети на тоа подрачје. Меѓутоа, тој додал дека внимателното обновување не го вклучувало оштетеното лице на тој „варовен џин кој е половина лав а половина човек“.
Дали навистина е без кофеин?
Оние кои се осетливи на кофеин честопати се свртуваат кон бескофеински напитоци како алтернатива. Но, колкави се шансите да добиете навистина бескофеинско кафе кога ќе побарате? Според еден извештај во The New York Times, шансите се отприлика 1 спрема 3. Установата на САД за исхрана и лекови го дефинира бескофеинското кафе како кафе со два до пет милиграма кофеин. Но, примероците од 18 продавачи на кафе во Њујорк Сити откриле дека износот на кофеин во шолја од пет унци многу варира — од 2,3 до 114 милиграми кофеин! Според Националното здружение за кафе, една стандардна шолја обично кафе содржи од 60 до 180 милиграми кофеин!
Католичката црква бара простување
Римокатоличката црква во Франција издаде формална „Декларација на покајување“, молејќи го Бог и еврејскиот народ за простување поради „рамнодушноста“ што Католичката црква ја покажала кон прогонувањето на Евреите под француската воена влада на Виши. Од 1940 до 1944, повеќе од 75.000 Евреи беа уапсени и депортирани од Франција во нацистичките логори на смртта. Во една изјава на надбискупот Оливер де Беранџер, црквата признала дека допуштила нејзините сопствени интереси „да ја засенат библиската должност за почитување на секое човечко суштество создадено по Божја слика“, известува францускиот весник Le Monde. Иако еден грст француски свештеници отворено проговориле во корист на Евреите, мнозинството ја поддржало владата на Виши и нејзината политика. Декларацијата делумно гласела: „Црквата мора да признае дека во поглед на прогонството на Евреите, а особено во поглед на многубројните антисемитски мерки преземени од властите на Виши, рамнодушноста далеку ја надминала лутината. Молчењето било правило, а зборувањето во корист на жртвите било исклучок . . . Денес признаваме дека тој молк бил грешка. Исто така, признаваме дека црквата во Франција не успеала во својата мисија како воспитувач на совеста на луѓето“.
Музиката им помага на децата
Кога три—четиригодишните деца учат да свират, тоа може да им помогне да расудуваат и да размислуваат, вели Гордон Шо, професор по физика на универзитетот Калифорнија во Ирвин. На оваа млада возраст лесно се формираат врските во мозокот. Истражувачите покажале дека редовното вежбање, дури и само по десет минути на ден, помага да се создаде „едно долготрајно подобрување во начинот на кој детето расудува и размислува“. При едно деветмесечно тестирање, децата кои зеле часови по пијано биле споредени со групите кои добиле или часови за компјутер или не добиле никаква обука. Оние кои научиле да свират пијано покажале подобри резултати на тестовите за интелигенција за 35 проценти, додека другите две групи покажале мало или никакво подобрување, известува лондонскиот Sunday Times.
Пронајдена признаницата за храмот
Она што „изгледа дека е признаница за донација од три сребрени сикли за храмот на Јахве, неодамна се појави на пазарот за антиквитети“, изјавува Biblical Archaeology Review. „Тоа е најстарото вонбиблиско спомнување на храмот на цар Соломон што некогаш било откриено. [Зборовите] БЕТ ЈХВХ, ‚домот на Господ [Јахве]‘ . . . пронајдени се целосно само во еден вонбиблиски натпис“ и, поради нејасниот контекст, неговото значење е оспорувано. Новото парче со натпис, кое е со димензии 10,9 на 8,6 сантиметри и кое содржи пет редови и 13 зборови, јасно и лесно може да се прочита. Со датум уште од деветтиот век пр. н. е., тоа е барем еден век постаро од другиот натпис и стручњаците го прогласиле за автентично.