Сеопштата привлечност на латино музиката
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО
ПОВЕЌЕ од 400 милиони луѓе ширум светот зборуваат шпански. После мандаринскиот и хинди, шпанскиот им е мајчин јазик на повеќе луѓе од кој и да е друг јазик. Затоа, не изненадува тоа што на многу луѓе им е позната музиката на Латинска Америка. Луѓето ширум светот уживаат да го слушаат или да играат по ритамот на мамбото, ча-ча-ча, меренгото или салсата.
Зошто оваа музика е толку популарна? Делумно поради нејзиниот жив, весел карактер. Многу Латиноамериканци ги сакаат брзите, тропски ритми. Некои од овие ритмички тактови биле донесени во Латинска Америка од западноафриканските робови пред стотици години. Како што е познато, на некои кои не се Латинци тешко им се допаѓаат некои од побрзите мелодии со нивните повторливи удари на тапани.
Латино музиката може да биде и бавна, романтична, па дури и меланхолична. На пример, латиноамериканското болеро отсекогаш било омилено во многу земји. Болерото обично го изведувале трија и се карактеризирало со неговата романтична и поетска природа. Болерото, кое беше многу популарно во текот на 40-тите и 50-тите, неодамна се врати во вокалната музика на младите артисти. Исто така, мексиканските маријачи, со нивните атрактивни костими, големи сомбрера и уникатна музика, се препознаваат низ целиот свет.
Меренго, салса и текс-мекс
Меренгото и салсата станале многу популарни во голем број земји. Овие ритми не се нови. Меренгото потекнува од Доминиканската Република и од Хаитите. Опишан е како ‚неверојатно брз, повторлив, заразен и сладок‘. Шпанскиот збор меренго едноставно значи шампита — слаткарски производ направен со енергично матење шеќер и белки од јајца. Откако ќе се набљудуваат енергичните движења на некои танчери на меренго, лесно ќе може да се увиди дека тоа име е прикладно.
Во музичкиот жанр на салсата има различни ритми, повеќето со потекло од Куба или Порторико. Шпанскиот збор салса значи „сос“. Според некои, салсата е резултат на музичкото спојување кое настанало во Њујорк Сити, каде што се помешала група изведувачи од целиот карибски предел. Оттаму се проширила низ целиот свет.
Во 1995, убиството на Селена, пејачка во Соединетите Држави од шпанско потекло, ги направи нејзините песни уште попопуларни отколку додека беше жива. Таа беше позната како кралица на текс-мекс музиката, која беше опишана како комбинација на американската кантри музика и нортењо (северномексиканските) ритми. Овие мелодии се пеат на англиски, шпански или шпанглиски, комбинација од шпански и англиски. Оваа музика станала многу популарна меѓу Латинците во Соединетите Држави и во Латинска Америка.
Урамнотежено гледиште за музиката и танцувањето
Исто како и многу други работи кои пружаат задоволство, во музиката најдобро се ужива сѐ додека е умерена (Изреки 25:16). Христијаните се внимателни во нивниот избор на музика. Библијата опоменува: „Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави“ (Ефесјаните 5:15, 16). Добро познато е дека некои песни се со безбожни, неморални, па дури и сатански теми. Латинската музика не е имуна на таквите расипани влијанија.
Некои латински песни се карактеризираат со безобразни текстови. Некои имаат двосмислено значење, додека други се еротски или сексуално експлицитни. Во многу песни значително се истакнати политички прашања, насилство и бунтовност. На пример, мексиканската музика позната како коридо, долго време била омилена меѓу многу Латинци. Меѓутоа, од неодамна станува популарен еден нов вид коридо познат како нарко коридо. Овие песни раскажуваат насилнички приказни за препродавачи на дрога, каде што тие се претставени како херои. И некои песни на маријачите унапредуваат впечатливи теми кои го величаат пијанството, машкиот шовинизам или национализмот. Слична загриженост постои и за текстовите на меренгото, салсата и други видови латинска музика.
Некои кои уживаат во латинската музика не го разбираат текстот. Тие несвесно би можеле да уживаат во песни кои унапредуваат сексуален неморал, насилство, па дури и окултизам. Оние кои разбираат шпански може да не бидат свесни за текстот на сомнителни песни додека танцуваат во нивниот привлечен и весел ритам. Меѓутоа, длабокото почитување на библиските мерила треба да нѐ поттикне внимателно да ја испитаме секоја песна која се пушта во нашиот дом и на друштвените собири. Тоа ќе нѐ спречи да го слушаме или да играме на тактот на песните кои содржат текстови кои се навредливи во Божји очи.
Исто така, треба да внимаваме да не ги спрепнуваме другите со начинот на кој танцуваме (1. Коринтјаните 10:23, 24). Христијаните внимаваат да не танцуваат со безгрижна опуштеност која ги лишува од достоинството. Исто така, тие не би сакале намерно да се впуштат во предизвикувачко танцување. Брачните двојки треба да покажат добро просудување за нивното танцување да не стане неприкладно јавно покажување на брачна интимност.
Христијанската урамнотеженост бара умереност и тогаш кога станува збор за јачината на пуштената музика и за траењето на друштвените собири. Сигурно дека Јеховините обожаватели можат да уживаат во нивниот избор на музика без да мора да се впуштаат во „лумпувања“ (NW) кои траат до раните утрински часови и кои се карактеризираат со заглушувачки гласна музика. Библијата опоменува: „Зашто доволно е што минатото време на животот го поминавме во вршење волја на незнабошците, живејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препивање и во нечестиво идолопоклонство“ (1. Петрово 4:3).
И покрај тоа што во денешната забава преовладуваат неморални елементи, сѐ уште постои голема разноликост на добра музика во која може да се ужива. Музиката е еден прекрасен дар од Бог, а Библијата вели дека „секоја работа под небото има свое време . . . време кога се тагува, и време кога се игра“ (Проповедник 3:1, 4). Ако сакате жива, заразно ведра музика, сигурно ќе уживате да ги слушате и да танцувате на привлечните ритми на латино музиката, правејќи го тоа со умереност и со христијанска урамнотеженост (1. Коринтјаните 10:31; Филипјаните 4:8).