Младите прашуваат . . .
Зошто морам да живеам без моите родители?
„Каков беше животот без моите родители? Можам да речам дека од многу причини беше навистина тажен. Многу е тешко да се расте без наклоноста и љубовта на родителите“ (Хоакин).
„Најголем предизвик со кој се соочив беше тогаш кога требаше да дојдат родителите и да ја потпишат мојата ученичка книшка. Бев многу тажна и осамена. Сѐ уште понекогаш се чувствувам така“ (16-годишната Абелина).
ТОА е една трагедија на нашето време — милиони млади луѓе растат без родители. Во Источна Европа илјадници останале сирачиња поради војната. Во Африка епидемијата на СИДА нанела слично пустошење. Некои деца едноставно биле напуштени од своите родители. Семејствата биле одвоени како резултат на војна или некоја природна катастрофа.
Ваквите ситуации биле вообичаени дури и во библиските времиња. На пример, неволјата на сирачето постојано се спомнува во Писмото (Псалм 93:6; Малахија 3:5). Тогаш семејствата ги разделувале војни, како и други трагични околности. Така, Библијата зборува за едно девојче кое било оттргнато од своите родители кога го однела една пљачкашка банда Сиријци (4. Царства 5:2).
Можеби и ти си еден од милионите млади кои останале без родители. Ако е така, ти знаеш колку болна може да биде една таква ситуација. Зошто тоа ти се случило тебе?
Не е твоја вина
Дали се прашуваш дали Бог на некој начин те казнува? Или можеби горко им се лутиш на своите родители што умреле — како намерно да го направиле тоа. Како прво, биди уверен дека Бог не ти се лути тебе ниту, пак, твоите родители намерно одлучиле да те напуштат. Смртта е трагичната судба на несовршеното човештво и понекогаш ги снаоѓа родителите додека нивните деца сѐ уште се мали (Римјаните 5:12; 6:23). Изгледа дека и самиот Исус Христос ја доживеал смртта на својот сакан потатко, Јосиф.a Сигурно дека тоа не се должело на никаков грев од страна на Исус.
Исто така, сфати дека живееме во „времиња тешки“ (2. Тимотеј 3:1—5). Насилството, војните и криминалот убиле без никаков исклучок милиони луѓе во овој век. Други, пак, биле жртви на „времето и непредвидениот настан“, кои можат да го снајдат секого (Проповедник 9:11, NW). Колку и да е болна смртта на твоите родители, таа едноставно не е твоја вина. Наместо да се измачуваш со самообвинување или да бидеш обземен од жалост, теши се со Божјето ветување за воскресение.b Исус претскажал: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Абелина, спомната на почетокот, вели: „Мојата љубов кон Јехова и надежта во воскресение многу ми помогнаа“.
Но, што ако твоите родители сѐ уште се живи но те напуштиле? Бог бара од родителите да ги воспитуваат и да се грижат за своите деца (Ефесјаните 6:4; 1. Тимотеј 5:8). Но, за жал некои родители покажале невиден недостиг на „природна наклоност“ кон своите потомци (2. Тимотеј 3:3, NW). За други, пак, напуштањето е конечниот резултат од крајната сиромаштија, злоупотребата на дрога, затворот или алкохолизмот. Како што е познато, има и родители кои ги напуштаат своите деца чисто од себичност. Која и да е причината, одвоеноста од родителите е поразителна. Но, тоа не значи дека нешто не е во ред со тебе или, пак, дека мораш да се измачуваш со вина. Всушност, родителите се тие кои треба да одговараат пред Бог за тоа како постапувале со тебе (Римјаните 14:12). Се разбира, ако твоите родители биле присилени да се одвојат од тебе поради околности кои биле вон нивна контрола, како што е некоја природна катастрофа или болест, тогаш никој не е виновен! Секогаш постои надежта да бидете повторно обединети, па дури и ако таа надеж понекогаш изгледа сосема мала. (Спореди 1. Мојсеева 46:29—31.)
Трауматско искуство
Во меѓувреме, можеби се соочуваш со некои сериозни проблеми. Едно истражување спроведено од Детскиот фонд при Обединетите нации, наречено Децата во војната, објавува: „Децата кои се сами се најранливи деца — оние кои . . . се соочуваат со најсуровите препреки за преживување, немаат поддршка за нормален развој и се злоупотребени. Одвоеноста од родителите може да биде една од најтрауматските загуби за детето“. Можеби и ти се бориш со чувства на депресија и фрустрација.
Помисли на Хоакин, кој беше спомнат на почетокот. Неговите родители се одвоиле и го оставиле него и неговите браќа и сестри. Во тоа време тој имал само една година и го воспитувале постарите сестри. Тој објаснува: „Прашував зошто немаме родители како што имаа моите пријатели. И кога ќе видев како некој татко си игра со својот син, посакував тој да ми беше татко“.
Добивање помош
Колку и да е тешко да пораснеш без родители, тоа не значи дека ќе бидеш неуспешен. Со помош и поддршка, ти не само што можеш да преживееш туку можеш и да бидеш успешен. Можеби ти е тешко да поверуваш во тоа, особено ако си измачуван од тага и жалост. Сепак, сфати дека таквите чувства се нормални и дека нема да те измачуваат засекогаш. Во Проповедник 7:2, 3 читаме: „Подобро е да одиш во куќа каде што плачат по умрен, отколку да отидеш во куќа, каде што се гоштева . . . Тагата е подобра од смеата; зашто, кога е лицето нажалено, срцето станува подобро“. Да, нормално и здраво е да плачеш и да тагуваш кога ќе се случи некоја голема трагедија. Исто така, може да ти биде од помош да му се повериш на некој пријател кој те разбира или на некој зрел член на собранието и да зборуваш за болката што ја чувствуваш.
Точно е дека можеби ќе паднеш во искушение да се повлечеш во изолација. Но, Изреки 18:1 (NW) предупредува: „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи; ќе букне против секаква практична мудрост“. Подобро е да ја побараш помошта од некој кој е љубезен и покажува разбирање. Изреки 12:25 вели: „Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува“. Можеш да го добиеш тој ‚добар збор‘ само ако кажеш некому за твојата ‚тага‘.
Со кого можеш да разговараш? Побарај поддршка во христијанското собрание. Исус ветува дека таму можеш да најдеш „браќа, и сестри, и татко, и мајка“ кои ќе те сакаат и ќе се грижат за тебе (Марко 10:30). Хоакин се присетува: „Дружењето со христијанските браќа ме наведе да гледам поинаку на животот. Редовното присуство на состаноците ме наведе повеќе да го сакам Јехова и да сакам да му служам. Зрелите браќа му дадоа духовна помош и совет на моето семејство. Денес, некои од моите родени браќа и сестри се полновремени министри“.
Исто така, запомни дека Јехова е „татко на сираците“ (Псалм 67:5, 6). Уште во библиските времиња, Бог го охрабрил својот народ да постапува милосрдно и праведно со сираците (5. Мојсеева 24:19; Изреки 23:10, 11). А и денес тој ја чувствува истата грижа за младите кои немаат родители. Затоа, обрати му се на Бог во молитва, со увереност дека тој се грижи за тебе и дека ќе одговори. Цар Давид напишал: „Зашто татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими. Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое“ (Псалм 26:10, 14).
И покрај тоа, младиот човек без родители се соочува со извесен број секојдневни предизвици. Каде ќе живееш? Како ќе преживееш економски? Некоја идна статија ќе дискутира за тоа како можат успешно да се пресретнат некои од овие предизвици.
[Фусноти]
a Пред да умре, Исус му ја доверил грижата за својата мајка на ученикот Јован, нешто што веројатно не би се случило доколку сѐ уште бил жив неговиот потатко, Јосиф (Јован 19:25—27).
b За информации како да се справиш со смртта на родителот, види ги статиите „Младите прашуваат . . .“ кои се појавија во изданијата на Разбудете се! од 8 декември 1994 и 8 јануари 1995 (срп.).
[Истакната мисла на страница 27]
„Мојата љубов кон Јехова и надежта во воскресение многу ми помогнаа“
[Слика на страница 27]
Понекогаш можеби ќе бидеш исполнет со чувства на осаменост
[Слики на страница 28]
Во собранието има пријатели кои можат да ти помогнат и да те охрабрат