Младите прашуваат . . .
Како можам да одржувам врска ако живееме на голема оддалеченост?
„Само што испратив до хотелот група делегати кои присуствуваа на еден меѓународен конгрес на Јеховините сведоци. Се спремав да си одам дома, но тогаш влезе друга група. Запрев да поразговарам и се запознав со Одет. Повторно се сретнавме истата седмица. Одлучивме да се допишуваме и после неколку години запознавање преку писма, почнавме врска“ (Тони).
СВЕТОТ станува сѐ помал. Во последниве децении развојот на авионскиот превоз со попуст, телефонската мрежа која го поврзува светот, експрес поштата и Интернетот отворија нови можности на полето на романтиката. И од многу аспекти помислата за одржување врска на голема оддалеченост од преку стотици, па дури и илјадници километри, може да изгледа привлечна — особено ако изгледите за брак дома се ограничени.
За некои двојки, врската на голема оддалеченост се покажала како благослов. „Веќе 16 години имаме среќен брак“, вели Тони. Некои можеби дури и ќе аргументираат дека врската на голема оддалеченост ја има таа предност што им дозволува на двојките да се запознаат без заслепувачката моќ на физичката привлечност. Но, какви и да се нејзините предности, романсата на голема оддалеченост носи и некои единствени предизвици.
Меѓусебно запознавање
Најдобро е да знаеш колку што е можно повеќе за оној со кого размислуваш да стапиш во брак. Меѓутоа, како што кажува од лично искуство еден сопруг по име Френк, „не е лесно да ја запознаеш вистинската личност, ‚тајната личност на срцето‘“ (1. Петрово 3:4, NW). Даг, еден друг христијанин кој имал таква врска, признава: „Кога ќе се сетам, сфаќам дека не се познававме многу добро“.
Дали навистина е можно да се запознае некој кој живее на оддалеченост од стотици или илјадници километри? Да, но за тоа е потребен исклучителен напор. „Немавме пари за телефонски разговори, па затоа си пишувавме писма еднаш неделно“, вели Даг. Но, Јоана и Френк утврдиле дека не им било доволно да си пишуваат писма. „Во почетокот пишувавме писма и се обидовме со телефонот“, вели Јоана. „Потоа Френк ми испрати мал диктафон. Секоја седмица снимавме нова касета.“
Искреноста — единствениот пат
Кој и да е начинот на кој ќе комуницирате, важно е да бидете искрени. „Ако лажете, подоцна тоа ќе излезе на површината и ќе се одрази на врската“, забележува една христијанска сопруга по име Естер. „Бидете искрени еден спрема друг. Биди искрен спрема себеси. Ако има нешто за што не се согласувате, не го отфрлајте тоа. Разговарајте.“ Апостол Павле дава добар совет: „Кажувајте си ја вистината секој на својот ближен“ (Ефесјаните 4:25; спореди Евреите 13:18).
Кои се некои работи за кои треба да дискутирате? Сите двојки кои одржуваат врска треба да дискутираат за теми како што се целите, децата, финансиите и здравјето. Сепак, има некои работи кои бараат посебно внимание. На пример, едниот од вас — или обајцата — ќе мора да се пресели доколку стапите во брак. Дали си спремен и дали можеш да го сториш тоа, умствено и емоционално? Од каде знаеш? Дали порано си се преселил или, пак, си бил далеку од своето семејство подолго време? Идниот сопруг на Јоана сакал обајцата да служат како доброволни работници во седиштето на Watch Tower Society, издавачите на ова списание. „Ме праша дали би можела да живеам во мала соба, со малку пари“, се присетува Јоана. „Моравме темелно да разговараме за тоа.“
Ако одржуваш врска со некој кој е од друга земја, дали си спремен да се прилагодиш на друга култура? „Дали веќе постојано на секој од вас му се допаѓа културата на другиот?“ прашува Френк. „Разговарајте за овие важни прашања уште на почетокот на вашата врска. Колку побрзо откриете толку подобро за вас — пред да вложите премногу во емоционален или финансиски поглед.“ Да, да се живее секојдневно во друга култура е поинаку отколку да се биде турист неколку дена. Ќе има ли потреба да научиш друг јазик? Ќе можеш ли да се прилагодиш на големите разлики во животните услови? Од друга страна, пак, дали можеби повеќе си фасциниран од културата отколку од личноста? Таквата фасцинираност веројатно ќе се изгуби со текот на времето. Но бракот трајно сврзува двајца луѓе (Матеј 19:6).
Тони објаснува: „Познавам една девојка од друг дел на светот која се омажи на Карибите. Но, животот на островот ѝ беше тежок. Бидејќи секогаш беше жешко, таа се разболе. Храната беше поинаква и ѝ недостигаше семејството. Затоа се обидоа да живеат во нејзината татковина. Но, тој сметаше дека животот таму е премногу материјалистички и му недостигаше блискоста што порано ја имал со семејството и со соседите. Сега тие се одвоени; тој живее во својата земја а таа во нејзината. На нивните две деца им недостига љубовта и вниманието на обата родитела“.
Стапувањето во брак со лице кое живее многу далеку и можеби е од друга култура, донесува и други предизвици. Дали си подготвен за дополнителните патни и комуникациски трошоци? Лидија се сеќава: „Фил се шегуваше дека мораме да се венчаме затоа што неговите телефонски сметки беа многу високи, но сега мораме да ги плаќаме моите телефонски повици до мајка ми!“ Што ако имаат деца? Некои израснуваат знаејќи малку за своите роднини и не можат дури ни да зборуваат со нив по телефон поради различниот јазик! Ова не значи дека таквите проблеми се несовладливи. Но, човек треба да го пресмета трошокот пред да влезе во таков брак. (Спореди Лука 14:28.)
Каков навистина е тој (или таа)?
Како можеш да знаеш дали твојот пријател навистина е отворен и искрен? „Секое добро дрво дава добри плодови“, се наведува во Матеј 7:17. Па, кои се неговите дела? Дали неговите постапки го поткрепуваат она што го вели? Дали неговото минато го поткрепува она што го вели за своите цели во иднината? „Првото нешто што го откривме еден за друг беа нашите духовни цели“, објаснува Естер. „Тој служеше како полновремен евангелизатор осум години и тоа ме увери дека е верен на својата желба да продолжи.“
Но, да претпоставиме дека лицето со кое имаш врска некако заобиколува. Не ја отфрлај таа работа едноставно надевајќи се на најдоброто. Навлези подлабоко! Прашај ЗОШТО? Една изрека вели: „Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува“ (Изреки 20:5). „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“, предупредува една друга изрека (Изреки 14:15).
Лице в лице
Сепак, ограничен си во она што можеш да го научиш за некого само преку писма или по телефон. Интересно, апостол Јован напишал повеќе писма до своите христијански браќа. Иако овие писма придонеле многу за да се зајакне врската на наклоност меѓу нив, Јован рекол: „Имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, оти се надевам дека ќе дојдам при вас и од устата да ви зборувам“ (2. Јованово 12). Слично на тоа, нема ништо подобро отколку да минуваш време со некого лично. Можеби би било практично едниот од вас привремено да се пресели за да бидете поблиску. Тоа ќе му овозможи на оној што ќе се пресели да ја почувствува климата и животните услови на неговиот или нејзиниот потенцијален нов дом.
Како можете најдобро да го искористите времето додека сте заедно? Правете работи кои ги откриваат вашите особини. Заедно проучувајте ја Божјата реч. Набљудувајте се додека учествувате на собраниските состаноци и во службата. Заедно правете ги секојдневните домашни задачи, како што се чистењето и пазарувањето. Многу работи можат да ти станат јасни кога ќе видиш како се однесува другото лице под стрес или при исполнет распоред.a
Треба да минуваш време и со родителите на другиот. Настојувај да изградиш добар однос со нив. На крајот на краиштата, ако вие двајцата стапите во брак, тие ќе ти бидат фамилија. Дали ги познаваш? Дали се сложувате? Јоана советува: „Ако воопшто е можно, добро е двете фамилии да се запознаат“. Понатаму, Тони објаснува: „Начинот на кој твојот пријател се однесува со својата фамилија е начинот на кој ќе се однесува и со тебе“.
Сеедно дали се додворувате лице в лице или преку телефон и писма, избегнувајте да избрзувате со одлуките (Изреки 21:5). Ако стане очигледно дека бракот помеѓу вас двајцата едноставно нема да биде успешен, тогаш би било мудро да дискутирате за прекинување на врската (Изреки 22:3). Од друга страна, пак, можеби едноставно треба повеќе време за отворена, искрена комуникација.
Може да биде тешко да одржувате врска ако живеете на голема оддалеченост, но исто така може да биде и наградувачки. Во секој случај, тоа е сериозна работа. Не брзајте. Запознајте се. Тогаш, ако сепак одлучите да стапите во брак, вашата врска ќе биде време што ќе го цените, а не време за кое ќе жалите.
[Фуснота]
a За понатамошни информации за додворувањето, види ја книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, страници 255—260, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 15]
Погрижете се уште на почетокот на вашата врска да дискутирате за теми како што се цели, деца и финансии