Младите прашуваат . . .
Зошто мајка ми е толку болна?
Татко му на Ал умрел од рак.a Бидејќи бил поучен за библиското ветување за воскресение, Ал некако успеал да се справи со загубата. Но, кога и кај мајка му бил дијагнозиран рак, ноќниот кошмар повторно започнал. Мислата дека ќе го изгуби и другиот родител го преплашила. ‚Зошто мора да биде болна баш мојата мајка?‘, огорчено се прашувал тој.
СПОРЕД д-р Леонард Фелдер, „повеќе од шеесет милиони Американци се . . . соочени со болеста или инвалидноста на некој сакан“. Фелдер додава: „Секој ден, речиси секој четврти американски работник има дополнителна работа да ги задоволува потребите на болниот родител“ или на некој друг сакан. Ако се наоѓаш во таква ситуација, не си сам. Сепак, страшно и тешко е да гледаш како некој што го љубиш се разболел. Како можеш да се справиш со тоа?
Зошто мојот родител е болен?
Изреки 15:13 (NW) вели: „Поради болката на срцето постои скршен дух“. Сосема е нормално да бидеш погоден од бран на емоции кога е болен твојот родител. На пример, можеби се чувствуваш виновен поради тешката состојба на родителот. Можеби тебе и на твојот родител ви било тешко да се сложите. Можеби сте имале вжештени расправии. Сега, кога твојот родител е болен, можеби имаш чувство дека ти си виновен за тоа. Но, иако некоја семејна караница може да предизвика стрес, ретко се случува таа да биде причина за сериозна болест. Напнатоста и ситните несогласувања можат да настанат дури и во христијанските домови во кои владее љубов. Затоа, не мора да носиш товар на вина, како ти да си виновен за здравствените проблеми на родителот.
Во основа, мајка ти или татко ти се болни поради гревот на нашите прародители, Адам и Ева (Римјаните 5:12). Поради тој првобитен грев, „сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Римјаните 8:22).
Болни чувства
Сепак, можеби си загрижен и вознемирен. Мајка ѝ на Тери боледува од лупус, заболување со разорни ефекти. Тери признава: „Секогаш кога не сум дома, се грижам и се прашувам дали мајка ми е добра. Тешко ми е да се сконцентрирам. Сепак, бидејќи не сакам таа да се грижи, моите чувства ги чувам во себе“.
Изреки 12:25 вели: „Тагата во срцето го притиска човекот“. Депресијата е доста вообичаена меѓу младите кои се наоѓаат во ваква ситуација. Тери вели дека срцето ѝ се скршило од болка кога видела дека мајка ѝ не може да прави едноставни работи. Стресот го зголемува и фактот што младите — особено девојчињата — честопати се присилени да преземат додатни одговорности. Според професорот Брус Компас, „девојчињата се оптоваруваат со семејни одговорности, како што се одржувањето на домот и грижата за помладите братчиња или сестрички, а тие работи ја надминуваат нивната способност да се справат и го попречуваат нивниот нормален социјален развој“. Некои тинејџери се повлекуваат во свој сопствен свет, слушајќи мрачна и депресивна музика (Изреки 18:1, NW).
Вообичаен е и стравот од тоа дека родителот може да умре. Тери е единствено дете, а мајка ѝ е самохран родител. Тери плачела секогаш кога мајка ѝ ќе отидела в болница, плашејќи се дека никогаш повеќе нема да се врати. Таа вели: „Бевме само ние две. Не сакав да ја изгубам мојата најдобра пријателка“. И една тинејџерка по име Марта признава: „Имам осумнаесет години, но сепак се плашам да не ги изгубам родителите. Чувството на осаменост би било разорно“. Други вообичаени реакции на болеста на родителот се пореметувања во спиењето, ноќни кошмари и пореметувања во исхраната.
Што можеш да сториш
Колку и да ти изгледаат тешки работите во моментов, ти можеш да излезеш на крај! Почни со тоа што ќе ги споделуваш твоите стравови и грижи со своите родители. Колку е сериозна болеста на твојот родител? Колкава веројатност постои дека ќе закрепне? Какви подготовки се направени за да бидеш згрижен доколку твојот родител не закрепне? Постои ли некаква шанса и ти да ја добиеш истата болест подоцна во животот? Иако е тешко родителите да зборуваат за такви работи, ако смирено и со почит побараш помош од нив, тие веројатно ќе дадат сѐ од себе за да ти пружат помош и поддршка.
Пренеси им ги и своите позитивни чувства. Ал се сеќава на својот пропуст да го направи тоа кога дознал дека мајка му умира од рак. Тој вели: „Не ѝ кажав колку ја сакам. Знаев дека сака да слушне како го велам тоа, но како тинејџер ми беше смешно да ѝ ги искажам таквите чувства. По кратко време таа умре, но сега се чувствувам виновен затоа што, кога имав прилика, не ја искористив. Жалам поради тоа затоа што таа ми беше најважна личност во животот“. Не се воздржувај да им кажеш на родителите колку ги сакаш.
Ако е можно, научи нешто за болеста на твојот родител (Изреки 18:15). Можеби семејниот лекар ќе може да ти помогне во тоа. Ако си добро информиран, тоа ќе ти помогне да бидеш посочувствителен, пострплив и полн со разбирање. Тоа може да ти помогне да се подготвиш и за сите физички промени кои можеби ќе ги доживее твојот родител, како што се лузни, губење на косата или замор.
Дали твојот родител е во болница? Тогаш, биди весел и изградувачки кога одиш да го посетиш. Биди колку што е можно порасположен додека разговарате. Пренеси му ги новостите од училишните задачи и од твоите христијански активности. (Спореди Изреки 25:25.) Ако живееш во земја каде што од роднините се очекува да обезбедат храна и други услуги за родителот, тогаш дај го твојот дел без да се жалиш. Ако изгледаш уредно и дотерано, тоа не само што ќе го развесели родителот туку ќе остави добар впечаток и пред вработените од болницата и лекарите. Тоа би можело да го подобри квалитетот на негата што ја добива твојот родител.b
Дали родителот закрепнува дома? Тогаш направи сѐ што можеш за да помогнеш во грижата за него. Доброволно понуди се да извршуваш еден разумен дел од домашните задачи. Обиди се да го имитираш Јехова со тоа што ќе се даваш себеси „изобилно и без укор“ (Јаков 1:5). Направи го најдоброто што можеш за да покажеш неприговарачки, оптимистичен и позитивен дух.
Се разбира, ти сѐ уште имаш обврски со училиштето. Обиди се да си одвоиш време за тоа, бидејќи твоето образование сепак е важно. Ако е можно, остави си време за одмор и рекреација (Проповедник 4:6, NW). Тоа ќе те освежи и ќе ти помогне да му даваш поголема поддршка за твојот родител. На крајот, избегнувај да се изолираш. Искористи ја поддршката на сохристијаните (Галатјаните 6:2). Тери вели: „Собранието стана мое семејство. Старешините секогаш беа спремни да разговараат со мене и да ме охрабрат. Никогаш нема да го заборавам тоа“.
Одржувај ја својата духовна рамнотежа
Најважно од сѐ е да ја одржуваш својата духовна рамнотежа. Остани зафатен со духовните активности, како што е проучувањето на Библијата, присуството на состаноците и проповедањето на другите (1. Коринтјаните 15:58). Во текот на летните месеци, Тери го зголемува своето учество во евангелизаторската активност како помошен пионер. Таа додава: „Мајка ми секогаш ме охрабруваше да се подготвувам за состаноците и да присуствувам на нив во Салата на Царството. Тоа беше добро и за мене и за неа. Бидејќи не можеше да присуствува на секој состанок иако сакаше, јас внимавав повеќе од вообичаено за да можам да ѝ раскажувам подоцна. Обезбедувањето духовна храна кога таа не можеше да биде таму зависеше од мене“.
Една статија во The New York Times добро ги резимираше работите кога зборуваше за една социјална работничка која „постојано била изненадена од тоа колку децата можат да растат, па дури и да напредуваат и покрај траумите поврзани со болеста на родителот“. Таа вели: „Тие стекнуваат некои вештини за кои не знаеле дека ги имаат . . . Ако можат успешно да го надминат тоа, тие можат успешно да надминат многу работи“.
И ти можеш успешно да го надминеш овој тежок период. Мајка ѝ на Тери, на пример, сега е доволно цврста за да се грижи за себе. Можеби, со текот на времето, и твојот родител ќе закрепне. Но, во меѓувреме, не заборавај дека ја имаш поддршката на твојот небесен Пријател, Јехова. Тој е ‚Слушач на молитвата‘ и ќе ги чуе твоите повици за помош (Псалм 65:2, NW). Ќе ти даде тебе — и на твојот богобојазлив родител — ‚сила која е над она што е нормално‘ за да можеш да се справиш со своите околности (2. Коринтјаните 4:7, NW; Псалм 40:3).
[Фусноти]
a Некои имиња се изменети.
b Статијата „Посета на пациент — како да се помогне“ во српското издание на Разбудете се! од 8 јуни 1991, има неколку практични предлози.
[Истакната мисла на страница 27]
„Секогаш кога не сум дома, се грижам и се прашувам дали мајка ми е добра“
[Слики на страница 28]
Сознанието за некои работи во врска со болеста на родителот може подобро да те опреми да помогнеш