Можете да ја изберете својата иднина
ИАКО гатањето се сметало за „големо интелектуално достигнување во древниот свет“, тоа било „вештина на која еврејските пророци се исмејувале“, забележува археологот Џоан Оутс. Зошто?
И покрај тоа што биле опкружени со нации кои имале фаталистичко гледиште за животот, древните Израелци ја отфрлиле идејата дека некоја слепа сила ги обликува нивните животи. Во упатствата што ѝ биле дадени на нацијата, Бог им рекол: „Да не се најде пред тебе човек . . . да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци“ (5. Мојсеева 18:10, 11).
Без идејата за судбина или посредство на гатачи, Израелците можеле да имаат доверба во иднината. Објаснувајќи ја причината за ова, француската католичка енциклопедија Théo наведува дека нацијата верувала дека „човекот и светот не биле жртва на некоја слепа сила. Бог имал намера со човекот“. Каква била оваа намера?
Судбината и слободната волја
Бог им ветил на Израелците мир и напредок ако бидат послушни на неговите закони (3. Мојсеева 26:3—6). Освен тоа, тие се ослонувале на Месијата кој требало да воспостави праведни услови на земјата (Исаија, поглавје 11). Сепак, фактот што Бог ги ветил овие работи не значел дека човек може само да си седи и да допушти работите да се случуваат. Напротив, им било речено: „Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши“ (Проповедник 9:10).
Суштината на ова била идејата за слободна волја. Израелците имале слобода да му служат на Бог и да ја обликуваат својата иднина. Бог им ветил: „Ако ги слушате заповедите Негови, кои ви ги кажувам денес, ако Го сакаш Господа, твојот Бог, и Му служиш од сето срце твое и од сета душа твоја, Он ќе ѝ даде на земјата твоја дожд навреме, ран и доцен, и ти ќе го собираш житото свое, виното свое и елејот свој“ (5. Мојсеева 11:13, 14). Израел ги добивал Божјите благослови кога бил послушен.
Непосредно пред да влезат во земјата што им ја ветил Бог, тој поставил избор пред нацијата Израел: „Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло“ (5. Мојсеева 30:15). Иднината на секој човек зависела од неговите постапки и одлуки. Служењето на Бог значело живот и благослови, додека одбивањето да му се служи значело неволја. Но, како стојат работите денес?
Причина и последица
Ние сме ограничени од извесни природни закони кои се поставени за наше добро. Еден од нив е законот за причина и последица или, како што се изразува Библијата, „што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7). Штом ќе го согледаме ова начело, можеме да ја разгледаме веројатноста за извесни идни настани.
Ако невнимателно возиме со голема брзина, постои поголема веројатност да ни се случи несреќа отколку ако возиме претпазливо. Ако пушиме, постои поголема веројатност да се разболиме од рак отколку ако не пушиме. Се разбира, настаните како што се терористичките напади спомнати во уводната статија на оваа серија имаат незначителни изгледи да ни се случат нам и пресметувањето на таа веројатност би било бесмислено. Сепак, не би нѐ одвело никаде ако се обратиме на идејата за судбина. Таа не ја осветлува сегашноста ниту иднината. Верувањето во лага не дава реална сигурност за иднината. Таква сигурност нема ниту ако се гледа Божјата рака во секој настан.
Каква ќе биде Вашата иднина?
Нашата иднина не е запишана однапред туку е обликувана од сегашноста. Иако животот е дар од Бог, Библијата јасно покажува дека ние треба да имаме клучна улога во одредувањето на нашата сегашност и иднина. Фактот што имаме избор да го израдуваме Бог или, пак, да го ражалостиме, покажува дека Бог ни дал одредена мерка контрола над нашите животи (1. Мојсеева 6:6; Псалм 77:40; Изреки 27:11).
Освен тоа, Светото писмо постојано нагласува дека нашата иднина е поврзана со нашата истрајност и со нашиот животен правец, а тоа би имало мало значење доколку работите веќе би биле предодредени (Матеј 24:13; Лука 10:25—28). Според тоа, ако одлучиме да му бидеме послушни и верни на Бог, каква иднина можеме да очекуваме?
Библијата открива дека пред човештвото лежи една светла иднина. Земјата ќе биде преобразена во рај каде што ќе царуваат мир и безбедност (Псалм 36:9—11; 45:8, 9). Таа иднина е сигурна затоа што семоќниот Творец ќе ги исполни своите ветувања (Исаија 55:11). Но, нашиот благослов со живот во рај не зависи од судбината; тој треба да се ужива како резултат на тоа што послушно сме ја извршувале Божјата волја во ова време (2. Солунјаните 1:6—8; Откровение 7:14, 15). Бог ни дал слободна волја и нѐ охрабрува: „Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое“ (5. Мојсеева 30:19). Каков избор ќе направите Вие? Наместо да бидете препуштени на судбината, Вашата иднина е во Ваши раце.
[Слики на страница 10]
Божјата намера е една прекрасна иднина за послушното човештво