Во потрага по човековата судбина
ЗОШТО верувањето во судбина е толку раширено? Низ вековите, човекот настојувал да ги одгатне тајните на животот и да пронајде некаква смисла во одвивањето на настаните. Токму овде стапуваат на сцена категориите ‚бог‘, ‚судбина‘ и ‚случајност‘, во зависност од тоа дали настаните произлегле од моќта на некоја личност, од некој безличен ред или, пак, од никаков ред“, објаснува историчарот Хелмер Рингрен. Историјата е полна со верувања, легенди и митови поврзани со судбината и предодреденоста.
Асирологот Жан Ботеро вели: „Во сите аспекти на нашата култура, во голема мера сме обликувани од месопотамската цивилизација“, и додава дека во древната Месопотамија или Вавилонија ги наоѓаме „најстарите уочливи реакции и размислувања на човештвото во врска со натприродната, најстара препознатлива религиозна структура“. Токму овде ги наоѓаме и почетоците на верувањето во судбина.
Древните корени на судбината
Меѓу древните урнатини на Месопотамија, денешен Ирак, археолозите откриле некои од најстарите списи кои му се познати на човекот. Илјадниците плочки испишани со клинесто писмо ни даваат јасна слика за животот во древните цивилизации на Сумерите и Акадите и во прочуениот град Вавилон. Според археологот Семјуел Н. Крамер, Сумерите „ги мачел проблемот на човечкото страдање, особено оној во врска со неговите прилично загадочни причини“. Нивната потрага по одговори ги довела до идејата за судбина.
Во својата книга Вавилон, археологот Џоан Оутс вели дека „секој Вавилонец имал свој сопствен бог, или божица“. Вавилонците верувале дека боговите „ја одредувале судбината на сето човештво, индивидуално и колективно“. Според Крамер, Сумерите верувале дека „боговите го имаат под контрола космосот, дека ги испланирале и ги вовеле злото, лагата и насилството како нераздвоен дел на цивилизацијата“. Верувањето во судбина било раширено и многу се почитувало.
Вавилонците мислеле дека ќе можат да ги откријат плановите на боговите со гатање — „техника на комуникација со боговите“. Гатањето вклучувало обиди да се претскаже иднината со набљудување, одгатнување и толкување на предмети и настани. Карактеристично било да се анализираат соновите, однесувањето на животните и нивните внатрешни органи. (Споредете Језекиил 21:21; Даниил 2:1—4.) Неочекуваните или необични настани за кои се велело дека ја откриваат иднината, се запишувале на глинени плочки.
Според Едвард Дорм, француски изучувач на древните цивилизации, „колку и да се враќаме далеку наназад во историјата на Месопотамија, секогаш наоѓаме гатач и идеја за гатање“. Гатањето било составен дел од животот. Всушност, професор Ботеро вели дека „сѐ можело да се смета за возможен предмет за испитување и заклучок при гатањето . . . Целиот материјален универзум бил земен како доказ од кој после едно внимателно проучување може некако да се извлече иднината“. Затоа, Месопотамците биле ревносни практикувачи на астрологија како начин на претскажување на иднината. (Споредете Исаија 47:13.)
Освен тоа, при гатањето Вавилонците употребувале коцки, односно ждрепка. Во својата книга Randomness (Случајност), Дебора Бенет објаснува дека тие требало „да ја отстранат можноста за манипулација од страна на човекот и, според тоа, да им дадат на боговите еден јасен канал преку кој тие би ја изразиле својата божествена волја“. Меѓутоа, одлуките на боговите не се сметале за неотповикливи. Можело да се добие помош за да се избегне злата судбина ако се упатувале молби до нив.
Судбината во древниот Египет
Во 15 век пр. н. е. имало развиени односи помеѓу Вавилонија и Египет. Религиозните обичаи поврзани со судбината биле вклучени во културната размена која следела. Зошто Египќаните го прифатиле верувањето во судбина? Според Џон Р. Бенз, професор по египтологија на Универзитетот во Оксфорд, „голем дел од [египетската] религија бил поврзан со обидите да се разбере и да се реагира на непредвидливото и на несреќата“.
Меѓу многуте египетски богови, Изис била опишана како „господарка на животот, владетелка на судбината и на предодреденоста“. Исто така, Египќаните практикувале гатање и астрологија. (Споредете Исаија 19:3.) Една историчарка вели: „Нивната остроумност во испрашувањето на боговите немала граници“. Но, Египет не бил единствената цивилизација која позајмила нешто од Вавилон.
Грција и Рим
Кога станува збор за работи од областа на религијата, „древна Грција не го избегнала далекусежното, но интензивно влијание на Вавилонија“, забележува Жан Ботеро. Професор Питер Грин објаснува зошто верувањето во судбина било толку популарно во Грција: „Во еден несигурен свет, во кој на луѓето им станувало сѐ поодбивно да бидат одговорни за сопствените одлуки и честопати се чувствувале како марионетки туркани од едно до друго место поради барањата на една Судбина која била толку загадочна и нефлексибилна, божествениот декрет на пророчиштето [судбина одредена од боговите] бил еден начин иднината да биде испланирана во корист на поединецот. Со посебните вештини или увид, она што го одредила Судбината можело да се предвиди. Можеби тоа не било она што човек сака да го слушне; но однапред предупредениот бил барем однапред подготвен“.
Освен тоа што ги уверувало луѓето во иднината, верувањето во судбина послужило и за позлобни цели. Идејата за судбина помогнала да се потчинат масите и, од таа причина, според историчарот Ф. Х. Сандбек, „верувањето дека со целиот свет управува провидението би ѝ било привлечно на владејачката класа на еден владејачки народ“.
Зошто? Професорот Грин објаснува дека ова верување „претставувало едно вградено оправдување — морално, теолошко, семантичко — за утврдениот општествено-политички поредок: тоа било најмоќниот и најнеприметлив инструмент за самоовековечување кој хеленистичката владејачка класа некогаш го измислила. Самиот факт дека ќе се случи нешто значел дека било судбински предодредено да се случи; и бидејќи природата била поволно наклонета кон човештвото, она што било одредено од судбината сигурно било најдобро“. Всушност, тоа давало „оправдување за безмилосните лични интереси“.
Од грчката литература е очигледно дека судбината била општо прифатена. Во древните литературни стилови спаѓале епот, легендата и трагедијата — во кои судбината играла клучна улога. Во грчката митологија, судбината на човекот била претставена со трите божици наречени Моири. Клото го предела конецот на животот, Лахезис одредувала колку ќе биде долг животот, а Атропос го пресекувала животот кога ќе изминело предвиденото време. Римјаните имале слична тријада на богови, кои ги нарекувале Парки.
Римјаните и Грците биле желни да дознаат каква ќе биде нивната наводна судбина. Затоа, тие ги позајмиле од Вавилон астрологијата и гатањето и продолжиле да ги развиваат. Настаните кои биле користени за да се предвиди иднината, Римјаните ги нарекувале портента, односно знаци. Пораките што ги давале овие знаци се нарекувале омина. Во третиот век пр. н. е., астрологијата станала популарна во Грција, а во 62 пр. н. е. се појавил најраниот познат грчки хороскоп. Грците биле толку заинтересирани за астрологијата што, според професор Гилберт Муреј, астрологијата „го погодила хеленистичкото размислување исто онака како што некоја нова болест го погодува населението на некој оддалечен остров“.
Во обид да ја дознаат иднината, Грците и Римјаните многу користеле пророчишта или медиуми. Преку нив, боговите наводно комуницирале со луѓето. (Споредете Дела 16:16—19.) Какви биле последиците од овие верувања? Филозофот Бертранд Расел рекол: „Стравот го зазел местото на надежта; смислата на животот била да се избегне несреќа наместо да се постигне некакво вистинско добро“. Слични теми станале предмет на контроверзија во христијанскиот свет.
„Христијански“ дебати околу судбината
Раните христијани живееле во една култура врз која силно влијаеле грчките и римските идеи за судбината и предодреденоста. Таканаречените црковни Отци, на пример, многу црпеле од делата на грчките филозофи како што се Аристотел и Платон. Еден проблем кој се обиделе да го решат бил: ‚Како може еден сезнаен, семоќен Бог, оној кој „го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот“, да биде во склад со еден Бог на љубовта?‘ (Исаија 46:10; 1. Јованово 4:8). Ако Бог го знае крајот уште од почетокот, резонирале тие, тогаш сигурно однапред знаел и за падот на човекот во грев, како и за катастрофалните последици што ќе ги донел тој.
Ориген, еден од најплодните рани христијански писатели, аргументирал дека еден од најважните елементи кои треба да се имаат на ум е идејата за слободна волја. „Всушност, во Писмото има безброј извадоци кои со извонредна јасност го утврдуваат постоењето на слободна волја“, напишал тој.
Ориген рекол дека, да се припишува одговорноста за нашите постапки на некоја надворешна сила „не е ниту вистинито ниту, пак, во склад со разумот, туку дека тоа е изјава на оној кој сака да го сруши концептот за слободна волја“. Ориген аргументирал дека, иако Бог може однапред да ги знае настаните по хронолошки редослед, тоа не значи дека тој предизвикува некој настан или дека е неопходно настанот да се случи. Меѓутоа, со тоа не се согласиле сите.
Еден влијателен црковен отец, Августин (354—430 н. е.), ја усложнил расправијата со тоа што ја намалил улогата на слободната волја во настаните. Августин ѝ ја дал на предодреденоста нејзината теолошка основа во христијанскиот свет. Неговите дела, првенствено De libero arbitrio, биле централни во дискусиите во средниот век. На крајот, дебатата достигнала кулминација во реформацијата, при што христијанскиот свет бил длабоко поделен во врска со спорното прашање за предодреденоста.a
Распространето верување
Но, идеите за судбина воопшто не се ограничени само на Западниот свет. Откривајќи го своето верување во судбина, многу муслимани велат „мектуб“ — ‚така е пишано‘ — кога се соочени со некоја несреќа. Иако е точно дека многу ориентални религии ја нагласуваат улогата на поединецот во сопствената судбина, сепак и во нивните учења има елементи на фатализам.
На пример, кармата во хиндуизмот и будизмот е неизбежната судбина која произлегува од делата во некој претходен живот. Во Кина, најраните списи кои се откриени се наоѓаат на оклопите од желки кои се користеле во гатањето. Судбината била дел и од верувањата на домородечките народи во Америка. На пример, Астеките измислиле календари за гатање кои се користеле за да се одреди судбината на поединци. Фаталистичките верувања се вообичаени и во Африка.
Раширената прифатеност на концептот за судбина покажува дека човекот има една основна потреба да верува во некоја натприродна сила. Во својата книга Man’s Religions (Религиите на човекот), Џон Б. Нос признава: „На овој или на оној начин, сите религии велат дека човекот не е сам и дека не може да постои сам. Тој е суштински поврзан со, па дури и зависен од силите во Природата и Заедницата кои се надвор од него. Нејасно или јасно, тој знае дека не е независен центар на сила кој може да постои одвоено од светот“.
Освен потребата да веруваме во Бог, ние имаме и една темелна потреба да разбереме што се случува околу нас. Сепак, постои разлика помеѓу признавањето на еден семоќен Творец и верувањето дека тој непроменливо ја одредува нашата судбина. Но, каква улога имаме ние во обликувањето на нашата судбина? Каква улога игра Бог?
[Фуснота]
a Видете го нашето придружно списание Стражарска кула од 15 февруари 1995, страници 3, 4.
[Слика на страница 5]
Вавилонски астролошки календар, 1000 пр. н. е.
[Извор на слика]
Музејот Лувр, Париз
[Слика на страница 7]
Грците и Римјаните верувале дека човековата судбина ја одредуваат три божици
[Извор на слика]
Музејот Лувр, Париз
[Слика на страница 7]
Египетската Изис, „владетелка на судбината и предодреденоста“
[Извор на слика]
Музејот Лувр, Париз
[Слика на страница 8]
Најрани кинески списи на оклопите на желки кои се користеле при гатањето
[Извор на слика]
Институт за историја и филологија, академија Синика, Тајпеј
[Слика на страница 8]
Знаците на зодијакот се појавуваат на оваа персиска кутија
[Извор на слика]
Фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј