Дали Библијата учи да се верува во судбина?
НАВРЕДА! КЛЕВЕТА! Кога некој почитуван член на општеството смета дека на неговото име или углед е нанесена штета преку лажен извештај, тој се чувствува наведен да ги исправи работите. Дури може да преземе законска постапка против оние кои се одговорни за навредата.
Па, фатализмот не е ништо друго освен клевета против Семоќниот Бог. Таа теорија тврди дека Бог е лично одговорен за сите трагедии и незгоди што го погодуваат човештвото. Ако веруваш во судбина, можеби си замислуваш дека Универзалниот Суверен составил дневен ред кој гласи нешто како следново: ‚Денес, Џон ќе биде повреден во автомобилска несреќа, Фату ќе има напад на маларија, куќата на Мамаду ќе биде уништена во бура‘! Дали навистина би можел да бидеш поттикнат да му служиш на еден таков Бог?
‚Но, ако Бог не е одговорен за нашите несреќи, тогаш кој е?‘ — прашуваат оние кои веруваат во судбина. Усман, младиот човек кој е спомнат во претходната статија, и самиот се прашувал за тоа. Но, тој не морал да погаѓа или да шпекулира за да дојде до вистината. Дознал дека Бог се исчистил од оваа клевета преку учењата кои се наоѓаат во Неговата инспирирана Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16). Тогаш, да разгледаме што вели Библијата за оваа тема.
Кој е виновен?
Поплави, бури, земјотреси — таквите катастрофи често се наречени Божји дела. Сепак, Библијата не покажува дека Бог ги предизвикува таквите катастрофи. Разгледај една трагедија што се случила пред многу векови на Средниот Исток. Библијата ни кажува дека единствениот преживеан во оваа катастрофа известил: „Оган Божји [овој хебрејски израз честопати значи молња] од небото падна, ги изгори овците и момоците и ги голтна“ (Јов 1:16).
Иако овој преплашен човек можеби мислел дека Бог бил одговорен за огнот, Библијата покажува дека Тој не бил виновен. Самиот прочитај во Јов 1:7—12 и ќе дознаеш дека молњата била предизвикана не од Бог, туку од неговиот Противник — Сатана Ѓаволот! Не значи дека сите незгоди се директно дело на Сатана. Но, јасно е дека нема причина да го обвинуваме Бог.
Всушност, кога работите ќе тргнат наопаку, честопати луѓето се тие што се виновни. Неуспесите на училиште, на работа или во социјалните врски може да бидат последица на недоволен напор и добро обучување или можеби поради недостиг на обѕир кон другите. Слично на тоа, болестите, несреќните случаи и смртта можат да бидат резултат на немарност. Зашто, само носењето ремен за врзување многу ја намалува веројатноста некој да погине во сообраќајна несреќа. Ременот за врзување не би менувал ништо ако дејствувала непроменливата „судбина“. Соодветната медицинска нега и санитарната заштита драматично го намалуваат бројот на случаи на предвремена смрт. Дури и некои катастрофи, вообичаено етикетирани како „дела Божји“, всушност се дела на човекот — жално наследство на човековото погрешно управување со Земјата. (Спореди Откровение 11:18.)
„Времето и непредвидениот настан“
Точно, постојат многу жалосни настани чии причини не се сосема јасни. Меѓутоа, забележи што вели Библијата во Проповедник 9:11 (НС): „Се вратив да видам под Сонцето дека брзите не ја добиваат трката, ниту силните битката, ниту мудрите ја имаат храната, ниту разумните го имаат богатството, дури ниту оние кои имаат знаење ја имаат милоста; бидејќи времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“. Затоа, нема причина да веруваме дека Творецот стои зад несреќните случаи или дека жртвите на несреќните случаи, на некој начин, се казнети.
Самиот Исус Христос аргументирал против фаталистичкото расудување. Укажувајќи на една трагедија која им била добро позната на неговите слушатели, Исус прашал: „Мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим? Не, ви велам“ (Лука 13:4, 5). Исус, очигледно, не ја припишал несреќата на Божјата интервенција, туку на „времето и непредвидениот настан“.
Штетата од несовршеноста
Меѓутоа, што е со необјаснетите смртни случаи и болести? Библијата го дава овој директен опис на човековата состојба: „По Адама сите умираат“ (1. Коринтјаните 15:22). Смртта му задава болка на човештвото уште откако нашиот прататко Адам го трасирал патот на непослушност. Токму како што предупредил Бог, на своето потомство Адам му оставил во наследство смрт (1. Мојсеева 2:17; Римјаните 5:12). Според тоа, трагата на сите болести може да нѐ одведе до нашиот заеднички предок Адам. Нашите наследени слабости, исто така, многу допринесуваат за разочарувањата и неуспесите што ги доживуваме во животот (Псалм 50:5).
Разгледај го проблемот со сиромаштијата. Верувањето во судбина честопати ги охрабрувало страдалниците да се помират со својата тешка егзистенција. ‚Тоа е наша судбина‘, веруваат тие. Меѓутоа, Библијата покажува дека виновна е човечката несовршеност, а не судбината. Некои стануваат сиромашни кога го ‚жнеат она што го посеале‘ преку мрзливоста или погрешното ракување со парите (Галатјаните 6:7; Изреки 6:10, 11). Неброени милиони живеат во сиромаштија бидејќи се жртви на алчните луѓе кои се на власт. (Спореди Јаков 2:6.) „Човекот господари над човек на своја штета“, вели Библијата (Проповедник 8:9). Не постои доказ со кој ќе му се припише целата сиромаштија на Бог или на судбината.
Верување во судбина — штетни последици
Уште еден убедлив аргумент против верувањето во судбина е последицата што фатализмот може да ја има врз верниците. Исус Христос рекол: „Секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови“ (Матеј 7:17). Да разгледаме еден ‚плод‘ на фатализмот — начинот на кој влијае врз чувството за одговорност кај луѓето.
Здравото чувство за лична одговорност е важно. Тоа е една од работите кои ги мотивираат родителите да се грижат за своите семејства, работниците совесно да ги извршуваат своите задачи, производителите да обезбедуваат квалитетен производ. Верувањето во судбина може да го затапи тоа чувство. На пример, замисли дека автомобилот на некој човек има расипан механизам за управување. Ако тој има изострено чувство за одговорност, ќе даде автомобилот да се поправи поради грижата за сопствениот живот и животот на неговите патници. Од друга страна, пак, оној кој верува во судбина може да го игнорира ризикот, расудувајќи дека до откажување може да дојде само ако е ‚Божја волја‘!
Да, верувањето во судбина може лесно да унапреди негрижа, мрзливост, пропуст да се прифати одговорноста за своите постапки и мноштво други негативни особини.
Препрека за нашата врска со Бог?
Што е најштетно од сѐ, верувањето во судбина може да задуши нечие чувство за одговорност или обврска кон Бог (Проповедник 12:13). Псалмистот го поттикнал целото човештво да ‚вкуси и да види колку е благ Господ‘ (Псалм 33:8). Бог поставува извесни барања за оние кои ќе се радуваат на неговата доброта (Псалм 14:1—5).
Едно такво барање е покајанието (Дела 3:19; 17:30). Тоа вклучува да ги признаеме нашите грешки и да ги направиме потребните промени. Како несовршени луѓе, сите ние имаме многу за што треба да се покаеме. Но, ако некое лице верува дека е беспомошна жртва на судбина, тешко дека ќе чувствува потреба да се покае или да преземе одговорност за своите грешки.
Во врска со Бог, псалмистот рекол: „Зашто милоста твоја е подобра од животот“ (Псалм 62:3). Сепак, верувањето во судбина убедило милиони дека Бог е извор на нивната беда. Природно, ова предизвикало многумина да се огорчат на него и да ја затворат вратата на множноста да имаат вистински близок однос со Творецот. Најпосле, како можеш да чувствуваш љубов кон некого на кого гледаш како на оној кој ги предизвикува сите твои проблеми и искушенија? Така, фатализмот подига препрека помеѓу Бог и човекот.
Ослободени од тиранијата на судбината
Младиот Усман, спомнат на почетокот, некогаш робувал на верувањето во судбина. Меѓутоа, кога Јеховините сведоци му помогнале да го оцени своето размислување во светло на Библијата, Усман бил поттикнат да го напушти верувањето во судбина. Резултатите биле длабоко чувство на олеснување и еден нов, позитивен поглед на животот. Што е уште поважно, го запознал Јехова како Бог кој е „штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6).
Исто така, Усман сфатил дека Бог, иако не го планира секој детаљ од нашиот живот, сепак тој има намера за иднината.a Во 2. Петрово 3:13 се вели: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“. Јеховините сведоци им помогнале на милиони да ја негуваат надежта за вечен живот како дел од ветената „нова земја“. Тие би сакале да ти помогнат и тебе.
Додека растеш во точното спознание на Библијата, ќе почнеш да увидуваш дека твојата иднина не зависи од некоја предодредена судбина над која немаш контрола. Сосема на место се зборовите на Мојсеј до древните Израелци: „Живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него“ (5. Мојсеева 30:19, 20). Да, ти имаш удел во твојата иднина. Таа не е во рацете на судбината.
[Фуснота]
a За темелна дискусија во врска со Божјето предзнаење, види Стражарска кула од 15 јули 1984, стр. 3—7 (англ.).
[Слики на страници 6 и 7]
Овие несреќи не биле ‚Божји дела‘
[Извори на слики]
U.S. Coast Guard photo
WHO
UN PHOTO 186208 /M. Grafman