Дали со твојот живот управува судбина?
„АЛА НО ДО.“ На јазикот бамбара во Мали (Западна Африка), овој израз значи: „Тоа е Божје дело“. Ваквите пароли се сосема вообичаени во тој дел од светот. На волоф јазикот, таа изрека гласи: „Јала мо ко деф“ (Бог го направи тоа). А на еден догон селски дијалект, се вели: „Ама бире“ (Бог го предизвика тоа).
Овие изрази имаат свои дупликати во други земји. Изреките како што се: „Му дојде времето“ и „Тоа беше Божја волја“, често се слушаат кога ќе настапи смрт или трагедија. Во Западна Африка, паролите како што е: „Човек мисли едно, Господ дава друго“, се вообичаено испишани на јавните превозни средства и се истакнати како натписи во продавниците. За многумина тие се само стилски фигури. Меѓутоа, честопати тие се одраз на длабоко всадено верување во фатализам.
Но што, всушност, е фатализам? The World Book Encyclopedia го дефинира како „верување дека настаните се одредени од сили кои луѓето не можат да ги контролираат“. Какви се овие „сили“? Пред илјадници години, Вавилонците верувале дека врз судбината на некој поединец силно влијае распоредот на ѕвездите при неговото раѓање. (Спореди Исаија 47:13.) Грците верувале дека судбината е во рацете на три моќни божици кои ја предат, мерат и ја сечат нишката на животот. Меѓутоа, теолозите на христијанскиот свет дошле на идеја дека самиот Бог ја одредува судбината на лицето!
На пример, „свети“ Августин ги отфрлил „лажните и штетни мислења“ на астролозите. Од друга страна, пак, тој докажувал дека „да се признае постоењето на Бог и во исто време да се одрекува дека Тој има предзнаење за идните работи — е најочигледна глупост“. Тој тврдел дека за да биде Бог навистина семоќен, тој мора да ги „знае сите работи пред да се случат“, не оставајќи „ништо непредодредено“. Но, Августин горливо докажувал дека и покрај тоа што Бог однапред знае сѐ што се случува, луѓето сепак поседуваат слободна волја (The City of God — Градот на Бог, книга V, поглавја 7—9).
Со векови подоцна, протестантскиот теолог Џон Калвин направил понатамошен чекор, докажувајќи дека додека некои се „предодредени [од Бог] да бидат деца и наследници на небесното царство“, други се предодредени да го „примат неговиот гнев“!
Денес, верувањето во судбина се сфаќа сериозно во многу делови од светот. Разгледај го искуството на Усман, еден млад човек од Западна Африка. Тој бил еден од најдобрите студенти во училиштето, но кога ги полагал последните испити, паднал! Тоа значело не само да ја повторува школската година туку и да поднесува срам пред семејството и пријателите. Еден пријател се обидел да го утеши така што му рекол дека тоа било Божја волја. На сличен начин, и Усмановата мајка ја обвинила судбината за неговиот неуспех.
На почетокот Усман со радост ги прифатил нивните обиди на сочувство. Најпосле, ако неговиот неуспех навистина бил Божја волја, немало ништо што би можел да направи за да го спречи тоа. Но татко му ги гледал работите поинаку. Му рекол на Усман дека тоа што паднал на испитите било негова грешка — не Божја. Усман паднал едноставно поради тоа што ги запоставил своите студии.
Бидејќи верата во судбина му била разнишана, Усман решил самиот да ги испита работите. Сега те покануваме да го направиш истото со тоа што ќе ја разгледаш следнава статија.