Дали нашата иднина е однапред запишана?
ХРИСТИЈАНИНОТ, муслиманот, Евреинот, хиндусот или верникот од друга религија — луѓе од сите вери доживуваат трагедии и жалат поради нив.
На пример, на 6 декември 1997, во сибирскиот град Иркутск се случи ужасна трагедија. Еден огромен AN-124 транспортен авион само што полета, кога два од неговите мотори откажаа. Авионот, со полн резервоар гориво, се сруши во еден станбен комплекс. Пламењата проголтаа извесен број станбени згради, нанесувајќи им смрт и повреди на многу беспомошни станари, вклучувајќи и недолжни деца.
Во подрачјето на Сибир каде што се случи несреќата, веројатно има луѓе со различни религиозни гледишта. Иако можеби некои изразуваат верување во христијанството, сепак сѐ уште би можеле да мислат дека трагедијата била резултат на судбина. Тие и другите можеби мислеле: ‚Тоа е Божја волја и, доколку оние кои биле убиени не умреле на тој начин, тие би умреле на некој друг начин — таква им била судбината‘.
Таквото размислување, без разлика дали било изговорено или не, одразува еден концепт кој е вообичаен во многу религии ширум Земјината топка — судбина. Многу луѓе веруваат дека нашата иднина, од денот на нашето раѓање па сѐ до денот на нашата смрт, е некако однапред запишана.
Верувањето во судбина поприма различни облици, отежнувајќи ја сеопфатната дефиниција. Во основа, судбина ја пренесува идејата дека сѐ што се случува, секое дело, секој настан — било добар или лош — е неминовен; тој е предодреден да се случи бидејќи за него било однапред одлучено од страна на некоја виша сила, која е надвор од човечката контрола. Таков еден концепт може да се најде во астрологијата, во хиндуистичката и во будистичката карма, како и во доктрината за предодреденост во христијанскиот свет. Во древната Вавилонија, луѓето верувале дека боговите ги контролираат судбината и иднината преку еден пишан документ. Наводно, кој и да е бог кој ги контролирал тие „плочки на судбата“, би можел да ја одреди судбината на луѓето, на царствата, па дури и на самите богови.
Многу верници се држат за тоа дека преку божествен декрет, уште пред луѓето да се родат, Бог одредува сѐ што ќе им се случи на нив, вклучувајќи ја и должината на нивниот живот, дали ќе бидат машко или женско, богати или сиромаси, јадни или среќни. Речено е дека сето ова постои во Божјиот ум или дека е запишано во една книга, уште пред да се случи. Затоа, кога погодува несреќа, не е невообичаено некој верник да каже „мектуб“ — пишано е! Се резонира дека, бидејќи Бог претходно знае сѐ, тој исто така мора да одреди кој ќе го слуша и кој нема да го слуша. На тој начин, многу приврзаници веруваат дека дури и пред да се роди некое лице, Бог веќе одлучил дали тоа е предодредено за вечно блаженство во Рај или, пак, ќе добие вечно осудување.
Можеби мислиш дека ова многу звучи како доктрината за предодреденост која се научува во некои цркви на христијанскиот свет. Најистакнатиот протестантски поборник на предодреденоста бил францускиот реформатор од 16 век, Џон Калвин. Тој ја дефинирал предодреденоста како „вечен декрет од Бог, со кој тој го одредил она што сакал да го стори со секој човек. Сите не се создадени во истата состојба, туку за некои однапред е одреден вечен живот а за други вечно проклетство“. Исто така, Калвин тврдел: „Бог не само што го предвидел падот на првиот човек, а со него и разорувањето на неговото потомство, туку на свое сопствено задоволство и го уредил тоа“.
Сепак, сите членови на религиите кои учат за предодреденост или за фатализам, лично не веруваат во тоа. Некои со право истакнуваат дека религиозните записи ја спомнуваат човековата слободна волја. Всушност, постои голема контроверзија околу човековите постапки, што се однесува до тоа дали тие се последица на слободниот човеков избор или, пак, се предодредени од Бог. На пример, некои аргументираат дека човекот мора да биде слободен да избере и да дејствува, бидејќи Бог, кој е праведен, го смета човекот одговорен и како таков кој ќе положи сметка за своите постапки. Други рекле дека Бог ги создава делата на човекот, но дека човекот некако ги „стекнува“ и станува одговорен за нив. Меѓутоа, општо говорејќи, многумина сметаат дека секој настан во нашиот секојдневен живот, голем и мал, е одреден од Бог.
Што веруваш ти? Дали Бог веќе одредил каква ќе биде твојата иднина? Дали луѓето навистина имаат слободна волја, способност да прават вистински избори во врска со својата иднина? До која мера нашата судбина зависи од нашите сопствени постапки? Следната статија ќе се обиде да даде одговори на овие прашања.
[Извор на слика на страница 3]
SEL/Sipa Press