Дали Бог веќе ја одредил нашата судбина?
„ТОЛКУ многу замислени проблеми би се избегнале кога воопшто не би се користел честопати погрешно сфатениот термин предодреденост.“ Можеби се прашуваш зошто, доколку си го користел овој збор „предодреденост“ или, пак, си слушнал дека се користи.
Според најновата француска католичка енциклопедија Théo, пожелно би било да не се користи зборот „предодреденост“. Една друга книга наведува: „Се чини дека денес предодреденоста не е повеќе во центарот на теолошките дебати, па дури ни за повеќето протестанти“.
Сепак, прашањето за предодреденост вознемирило многу луѓе низ историјата. Ова прашање било во сржта на полемиката што ја предизвикала Реформацијата, па дури и во рамките на Католичката црква во која со векови тоа било предмет на горливи дебати. Иако за ова денес помалку се дискутира, тоа сѐ уште претставува проблем. Кој не би сакал да знае дали неговата судбина е однапред одредена?
Предодреденост — значењето на самиот збор
Што значи зборот „предодреденост“ во црквите? Речникот Dictionnaire de théologie catholique смета дека тоа претставува „божествена намера за одредени луѓе, означени по име, да бидат доведени до вечен живот“. Обично се мисли дека избраните, односно ‚означените по име‘, се оние за кои зборувал апостол Павле во своето писмо до Римјаните, велејќи: „Бог им прави добро на оние кои го сакаат, кои се повикани според неговата намера. Оние кои претходно ги познавал тој исто така ги предодредил да се усогласат со ликот на неговиот Син . . . А оние кои ги предодредил, нив и ги повикал; а оние кои ги повикал, нив и ги оправдал; а оние кои ги оправдал, нив и ги прославил“ (Римјаните 8:28-30, Revised Standard Version).
Дури и пред нивното раѓање, некои луѓе наводно биле избрани од Бог, со изглед да ја споделат Христовата слава на небесата. Тоа доведува до долго дебатираното прашање: Дали Бог самоволно бира кого ќе го спаси или, пак, од нив самите зависи дали ќе ја стекнат и задржат Божјата милост?
Августин — таткото на предодреденоста
Иако и други црковни отци претходно пишувале за предодреденоста, општо земено е дека Августин (354-430 н. е.) ги поставил темелите на доктрината, како за католичките така и за протестантските цркви. Според Августин, уште од далечно минато праведниците биле предодредени од Бог да добијат вечни благослови. Од друга страна, неправедниците, иако не се предодредени од Бог во потесна смисла на зборот, треба да добијат заслужена казна за нивните гревови — осуда. Објаснувањето на Августин оставало малку простор за слободната волја, отворајќи го на тој начин патот за многу полемики.
Наследниците на Августин
Дебатата во врска со предодреденоста и слободната волја постојано се појавувала во средниот век, а за време на Реформацијата дошло до кулминација. Лутер ја сметал индивидуалната предодреденост како слободен избор од страна на Бог, без Тој да ги предвидува идните заслуги или добрите дела на избраните. Калвин дошол до еден порадикален заклучок со својот концепт за двократна предодреденост: Некои се предодредени за вечно спасение, а други за вечна осуда. Меѓутоа, и Калвин сметал дека Божјиот избор е произволен, дури и неразбирлив.
Прашањето за предодреденоста и тесно поврзаното прашање за „милоста“ — збор што го употребуваат црквите за одредување на чинот по кој Бог ги спасува и ги прогласува луѓето за праведни — зело такви размери што во 1611 година католичката Света Столица забранила било што да се издава на таа тема без нејзина дозвола. Во рамките на Католичката црква, учењата на Августин добиле силна поддршка од страна на француските Јансенисти од XVII и XVIII век. Тие застапувале еден многу строг и елитен облик на христијанство па имале дури свои следбеници меѓу аристократијата. Сепак, полемиката околу тоа не се намалила. Кралот Луј XIV наредил да се уништи опатијата во Порт Ројал, лулката на јансенистичката мисла.
Во рамките на протестанските реформирани цркви, дискусијата била далеку од тоа да биде завршена. Заедно со други религиозни групи, Ремонстрантите, кои го следеле Јакобус Арминиус, верувале дека човекот игра одредена улога во сопственото спасение. Протестантскиот синод од Дордрехт (1618-19) привремено го решил прашањето со прифаќање на еден строг облик на калвинистичка ортодоксија. Според книгата L’Aventure de la Réforme — Le monde de Jean Calvin (Потфатот на Реформацијата — светот на Жан Калвин), во Германија расправијата за предодреденоста и за слободната волја довела до еден долг период на „неуспешни обиди за помирување, како и период на малтретирања, затворања и протерувања на теолози“.
Предодреденост или слободна волја?
Од почетокот, овие две потполно спротивни идеи, за предодреденоста и за слободната волја, покренале многу вжештени конфликти. Августин, од своја страна, не можел да ја објасни оваа инкомпатибилност. Калвин исто така увидел дека тоа претставува израз на Божјата суверена волја и поради тоа е необјасниво.
Но, дали библиското откровение на Божјите особини и на неговата личност ни помага појасно да ги разбереме овие прашања? Следната статија подетално ќе ги разгледа овие точки.
[Слики на страница 4]
Калвин
Лутер
Јансен
[Извор на слики]
Фотографии: Bibliothèque Nationale, Paris