Дали кафето го зголемува нивото на холестерол?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
ИСТРАЖУВАЧИТЕ при Земјоделскиот универзитет во Вагенинген (Холандија), велат дека пиењето нефилтрирано кафе го зголемува нивото на холестерол.
Клучниот збор е „нефилтрирано“. Зошто? Research Reports, билтен на холандската Организација за научни истражувања, вели дека зрната кафе содржат една супстанција што го зголемува нивото на холестерол, наречена кафестол. Ако врз меленото кафе директно се полее врела вода, кафестолот се ослободува. Истото се случува и кога ситно меленото кафе неколку пати преврива во вода, како што е случај со турското кафе, или кога се користи метален наместо книжен филтер, како што е француската преса. Без книжен филтер, кафестолот завршува во пијалакот.
Еден филџан нефилтрирано кафе, кој може да содржи четири милиграми кафестол, може да го зголеми нивото на холестерол за околу 1 процент. И еспресото содржи кафестол, бидејќи се прави без книжен филтер. Меѓутоа, неговото дејство во зголемувањето на холестеролот е помало ако користите мал филџан. Помалку еспресо, помалку кафестол — можеби само еден или два милиграма на еден филџан. Но, Research Reports предупредува дека пет мали филџани еспресо на ден можат да го зголемат нивото на холестерол во телото за 2 проценти.
Заклучокот е дека кафето што се подготвува со книжен филтер не содржи кафестол.