ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 3/06 стр. 18-20
  • Зрно што го пропатува светот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зрно што го пропатува светот
  • Разбудете се! 2006
  • Сличен материјал
  • Дали кафето го зголемува нивото на холестерол?
    Разбудете се! 2000
  • Умешноста на правење еспресо
    Разбудете се! 2009
Разбудете се! 2006
g 3/06 стр. 18-20

Зрно што го пропатува светот

Приказната за тоа колку ѝ бил посветен еден човек на една фиданка од дрвото на кафето се опишува како „најромантичното поглавје од историјата на кафето“, се вели во книгата „Сѐ за кафето“ (All About Coffee). Според списанието „Scientific American“, таа единствена мала фиданка одиграла голема улога во раѓањето на индустријата за кафе која денес носи годишна заработка од 55 милијарди евра. Во поглед на заработката, пред неа е само нафтената индустрија.

ИНТЕРЕСНАТА приказна за кафето почнува во планинските предели на Етиопија, домот на билката на дивото кафе. Потомците на оваа билка, наречени Coffea arabica, сочинуваат две третини од светското производство на кафе. Меѓутоа, не се знае кога точно биле откриени својствата на печеното зрно. Сепак, кафето од видот Coffea arabica се одгледувало на Арапскиот Полуостров веќе во 15 век од н.е. Иако било забрането да се извезува семе за расад, во 1616 година Холанѓаните дошле или до дрвја или до семе. Набрзо насадиле плантажи на Цејлон, сега Шри Ланка, и на Јава, сега дел од Индонезија.

Во 1706 година, од плантажите на Јава Холанѓаните пренеле една фиданка во ботаничките градини во Амстердам (Холандија). Дрвото добро напредувало. Потоа фиданките од семето на ова дрво биле однесени во холандските колонии на Суринам и на Карибите. Во 1714 година, градоначалникот на Амстердам му подарил една фиданка на францускиот крал Луј XIV. Кралот наредил да се засади во еден стакленик во Кралската градина (Jardin des Plantes) во Париз.

Французите едвај чекале да влезат во трговијата со кафе. Купиле семе и фиданки и ги испратиле на островот Реунион. Семето не се фатило и, според некои стручњаци, изумреле сите освен едно дрво. Сепак, во 1720 година, од тоа едно единствено дрво биле посадени 15.000 зрна, и конечно била направена една плантажа. Овие дрвја биле толку вредни што секој што ќе бил фатен како уништува некое од нив бил осудуван на смрт! Французите се надевале дека ќе направат плантажи и на Карибите, но првите два обида не им успеале.

Габриел Матје де Клије, француски поморски офицер кој бил на отсуство во Париз, си поставил за цел на враќање од Франција да однесе една фиданка на својот имот на Мартиник. Отпловил во мај 1723 година со семе од париското дрво.

Во книгата Сѐ за кафето е објаснето дека за време на патувањето, Де Клије ја ставил својата скапоцена фиданка во кутија на која едниот дел ѝ бил од стакло за да може до фиданката да допира сончева светлина и за да ѝ биде топло кога е облачно. Еден друг патник, кој можеби му завидувал на Де Клије и не сакал Де Клије да се прослави, се обидел да му ја одземе фиданката, но не успеал. Дрвцето преживеало. Преживеало и напад од туниските гусари, силна бура и, најлошо од сѐ, преживеало кога снемало свежа вода додека бродот стоел во еден појас околу екваторот зашто немало ветар. Де Клије напишал: „Имаше толку малку вода што повеќе од еден месец морав моите скудни резерви да ги делам со фиданката во која лежеа сите мои надежи и очекувања“.

Таа посветеност на Де Клије била наградена. Фиданката пристигнала на Мартиник во добра состојба, а во тропската средина одлично напредувала и се множела. Во својата книга Кафе (Coffee), Гордон Ригли вели: „Од оваа единствена фиданка, директно или индиректно, Мартиник обезбедувал семе за расад за сите земји во двете Америки, освен за Бразил, Француска Гвајана и Суринам“.

Во меѓувреме, и во Бразил и во Француска Гвајана се појавил интерес за дрвја на кафе. Во Суринам, Холанѓаните сѐ уште имале семе од амстердамското дрво, но многу добро го чувале. Меѓутоа, во 1722 година, Француска Гвајана успеала да набави семе преку еден криминалец кој побегнал во Суринам и таму украл малку семе. Во замена за семето, властите на Француска Гвајана се согласиле да го ослободат и да го вратат во неговата земја.

Во прво време, тајните обиди да се внесе во Бразил семе кое би можело да издржи таму не успеале. Потоа меѓу Суринам и Француска Гвајана дошло до спор во врска со границата и го замолиле Бразил да испрати посредник. Еден воен офицер, Франсиско де Мело Палјета, бил испратен во Француска Гвајана со упатства да го смири спорот и да донесе од таму неколку фиданки кафе.

Преговорите биле успешни и пред да си замине Палјета, гувернерот организирал гозба во негова чест. Во знак на благодарност кон овој почесен гостин, сопругата на гувернерот му подарила на Палјета еден убав букет. Но, меѓу цвеќето имало скриено семе и фиданки од кафе. Според тоа, може да се каже дека во 1727 година, индустријата за кафе, која сега му носи милијарда долари на Бразил, се родила од еден букет.

На тој начин, од фиданката што во 1706 година била однесена од Јава во Амстердам, и од семето што од неа било посадено во Париз, дошол целиот расад за Централна и Јужна Америка. Господин Ригли објаснува: „Така, производството на кафето од видот Coffea arabica, всушност, се развило од многу ограничен генетски потенцијал“.

Денес, преку 25 милиони семејни плантажи во околу 80 земји одгледуваат отприлика 15 милијарди дрвја на кафе. Нивниот производ на крајот завршува во 2,25 милијарди филџани кафе секој ден.

Иронично, денес проблемот е во тоа што има прекумерно производство на кафе. Политиката, економијата и моќните картели уште повеќе ги комплицираат работите, доведувајќи ги одгледувачите на кафе од многу земји на работ на егзистенцијата. Ова е запрепастувачки податок, особено кога ќе помислиме како пред речиси 300 години де Клије ги делел своите скудни резерви вода со една малечка фиданка.

[Рамка/слика на страница 20]

ДВЕТЕ НАЈЧЕСТИ СОРТИ КАФЕ

„Суровите зрна кафе се добиваат од растението што припаѓа на фамилијата Rubiaceae, која се состои од најмалку 66 видови од родот Coffea“, се вели во списанието Scientific American. „Двата вида кафе што се користат за комерцијални цели се Coffea arabica, кое сочинува две третини од светското производство, и C[offea] canephora, честопати наречено и кафе робуста, на кое отпаѓа една третина од светското производство“.

Кафето робуста има јака, остра арома и од него обично се прави инстант кафе. Дрвото на ова кафе дава многу плод и е отпорно на болести. Достигнува височина до 12 метри. Непоткастреното дрво на кафето арабика е двапати пониско, поосетливо е и дава помалку род. Зрното на кафето робуста содржи и до 2,8 отсто кофеин, додека арабика има најмногу 1,5 отсто кофеин. Иако арабика има 44 хромозоми, а робуста и сите други видови диво кафе имаат 22, направени се некои вкрстувања за да се добијат хибридни сорти.

[Рамка/слика на страница 20]

„КРШТАВАЊЕ“ НА КАФЕТО

Кога кафето првпат било донесено во Европа, во 17 век, некои католички свештеници го нарекле сатански напиток. Го сметале како потенцијална замена за виното кое, според нив, било посветено од Христос. Меѓутоа, во книгата Кафе се вели дека папата Клемент VIII наводно го пробал овој напиток и веднаш го сменил мислењето. Оваа религиозна дилема ја решил така што извршил симболично крштавање на кафето, со што тоа станало прифатливо за католиците.

[Табела/карта на страници 18 и 19]

(Види во публикацијата)

КАКО СЕ РАШИРИЛО КАФЕТО

1. 1400-тите На Арапскиот Полуостров се одгледува кафе од видот Coffea arabica

2. 1616 Холанѓаните набавуваат фиданки кафе или семе за расад

3. 1699 Холанѓаните донесуваат фиданки на Јава и на другите острови во Индија

4. 1700-тите Кафе се одгледува во Централна Америка и на Карибите

5. 1718 Французите го донесуваат кафето на Реунион

6. 1723 Г. М. де Клије донесува една фиданка кафе од Франција на Мартиник

7. 1800-тите Кафе се одгледува на Хаваите

[Извор на слика]

Извор: од книгата “Uncommon Grounds”

[Слика на страници 18 и 19]

На пат кон Мартиник, Габриел Матје де Клије ја дели својата вода за пиење со една мала фиданка кафе, 1723 година

[Извори на слики на страница 19]

Карта: © 1996 Visual Language; Де Клије: Tea & Coffee Trade Journal

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели