Гледиште на Библијата
Лажење — дали некогаш е оправдано?
„МАЛКУ НЕТОЧНОСТ ПОНЕКОГАШ ПОШТЕДУВА МНОГУ ОБЈАСНУВАЊЕ.“
ОВОЈ коментар илустрира што мислат многу луѓе за лажењето. Нивното начело е дека не е погрешно да се лаже ако со тоа не му се наштетува никому. Таквото резонирање има дури и едно академско име — етика на ситуацијата — според која единствениот закон што треба да се следи е таканаречениот закон на љубовта. Со други зборови, објаснува авторот Дајен Комп, „ако Вашите мотиви се исправни и Вашето срце е исправно, (тогаш) фактот дека сте излажале . . . не е некоја голема работа.“
Таквото гледиште е вообичаено во денешниов свет. Јавноста ја потресоа скандали во кои беа вклучени лаги што ги кажале истакнати политичари и други светски лидери. Под влијание на една ваква клима, многу луѓе попуштиле во својата одлучност да ја зборуваат вистината. Во некои домени лажењето станало службена норма. „Платена сум да лажам. Ако лажам, победувам на аукции и секоја година добивам одлични критики . . . Изгледа дека тоа е сржта на обуката за малопродажба насекаде“, се жали една продавачка. Многумина веруваат дека нема ништо лошо во таканаречените мали, „ситни“ лаги. Дали тоа е точно? Има ли некои ситуации кога може да биде оправдано христијаните да кажат некоја лага?
Возвишеното мерило на Библијата
Библијата силно осудува секакво лажење. ‚[Бог] ќе ги уништи сите лажливци‘, изјавува псалмистот (Псалм 5:6; види Откровение 22:15). Во Изреки 6:16—19, Библијата набројува седум работи што ги мрази Јехова. „Јазик лажлив“ и „лажен сведок, кој измислува лаги“ заземаат истакнато место на овој список. Зошто? Затоа што Јехова ја мрази штетата што ја нанесуваат лагите. Тоа е една причина зошто Исус го нарекол Сатана лажливец и убиец. Неговите лаги го турнале човештвото во неволји и смрт (1. Мојсеева 3:4, 5; Јован 8:44; Римјаните 5:12).
Колку сериозно гледа Јехова на лажењето е истакнато со она што им се случило на Ананија и Сапфира. Тие двајца намерно ги излажале апостолите во еден очигледен обид да изгледаат подарежливи отколку што биле. Нивната постапка била намерна и смислена однапред. Затоа апостол Петар изјавил: „Ти не излага луѓе, туку Бога!“ Заради тоа, и двајцата загинале од Божјата рака (Дела 5:1—10).
Неколку години подоцна, апостол Павле ги опоменал христијаните: „Не лажете се еден со друг“ (Колосјаните 3:9). Оваа опомена е особено важна во христијанското собрание. Исус рекол дека љубовта темелена на начела ќе биде знак за идентификација на неговите вистински следбеници (Јован 13:34, 35). Таквата нелицемерна љубов може да расте и да цвета само во една средина на целосна искреност и доверба. Тешко е да сакаме некого во кого не можеме да имаме доверба дека секогаш ќе ни ја кажува вистината.
Иако секоја лага е за осуда, некои лаги се посериозни од други. На пример, некој може да лаже од срам или од страв. Друг, пак, можеби злобно има обичај да лаже со намера да наштети или да повреди. Заради оваа злобна мотивација, таквиот намерен лажливец претставува опасност за другите и ако не се покае, ќе биде исклучен од собранието. Бидејќи сите лаги не потекнуваат од злоба, мора да се внимава да не се осудува без потреба туку да се биде сигурен дека се познати сите фактори што се вклучени кога некој излажал. Треба да се земат во обѕир мотивите и олеснителните околности (Јаков 2:13).
„Мудри како змии“
Се разбира, да бидеме вистинољубиви не значи дека сме обврзани да ги разгласиме сите информации на секого што ќе нѐ праша. „Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да . . . не ве раскинат“, предупредил Исус во Матеј 7:6. На пример, лица кои имаат злобни намери, немаат право да знаат извесни работи. Христијаните сфаќаат дека живееме во еден непријателски настроен свет. Затоа, Исус ги советувал своите ученици да бидат „мудри како змии“, но да останат „незлобни како гулаби“ (Матеј 10:16; Јован 15:19). Исус не ја откривал секогаш целата вистина, особено не тогаш кога откривањето на сите факти би можело да му нанесе непотребна штета нему или на неговите ученици. Сепак, дури и во тие прилики тој не лажел. Наместо тоа, одлучувал да не каже ништо или, пак, да го сврти разговорот во друг правец (Матеј 15:1—6; 21:23—27; Јован 7:3—10).
Верните мажи и жени кои се спомнати во Библијата, како што се Авраам, Исак, Раав и Давид, биле остроумни и претпазливи кога имале работа со потенцијални непријатели (1. Мојсеева 20:11—13; 26:9; Исус Навин 2:1—6; 1. Цареви 21:10—14). Библијата ги вбројува тие мажи и жени во верните обожаватели чии животи се одликувале со послушност. Тоа ги прави достојни за имитирање (Римјаните 15:4; Евреите 11:8—10, 20, 31, 32—39).
Можеби ќе се појават прилики кога лажењето навидум ќе овозможи лесен излез од некоја ситуација. Но, христијаните денес ќе направат добро ако го имитираат Исусовиот правец и ако ја следат својата библиски школувана совест кога се соочуваат со особено тешки ситуации (Евреите 5:14).
Библијата нѐ охрабрува да бидеме вистинољубиви и чесни. Погрешно е да се лаже и треба да го следиме библискиот совет: „Кажувајте си ја вистината секој на својот ближен“ (Ефесјаните 4:25). Правејќи го тоа, ќе задржиме чиста совест, ќе унапредуваме мир и љубов во собранието и ќе продолжиме да му оддаваме чест на ‚Богот на вистината‘ (Псалм 30:5; Евреите 13:18).
[Слика на страница 20]
Ананија и Сапфира го загубиле животот затоа што лажеле