Зошто е толку лесно да се лаже?
НИКОЈ не сака да биде излажан. Па сепак, луѓето по целиот свет се лажат едни со други од најразлични причини. Една анкета во книгата Денот кога Америка ја кажа вистината (The Day America Told the Truth) од Џејмс Патерсон и Питер Ким, откри дека 91 отсто од Американците редовно лажат. Авторите изјавиле: „На повеќето од нас им е тешко да проживеат барем една седмица без да излажат. Секој петти не може да проживее ниту еден единствен ден — овде мислиме на свесни, намерни лаги“.
Лажењето е вообичаена практика во скоро сите аспекти на современиот живот. Политичките водачи ги лажат своите народи, а се лажат и еден со друг. Секогаш одново се појавуваат на телевизија и негираат дека имаат било каква врска со скандалозните завери во кои, всушност, биле длабоко вмешани. Сисела Бок во својата книга Лажењето — морален избор во јавниот и приватниот живот (Lying—Moral Choice in Public and Private Life), забележува: „Во правото и во новинарството, во владата и во општествените науки, измамата се зема здраво за готово кога се смета дека е оправдана за оние кои ги кажуваат лагите и кои исто така имаат тенденција да ги кројат правилата“.
Осврнувајќи се на политичкото лажење во Соединетите Американски Држави, Common Cause Magazine од мај/јуни 1989 забележал: „Вотергејт и Виетнам сигурно можат да ѝ конкурираат на аферата со иранските контраши во поглед на мамењето од страна на владата и јавната недоверба. Всушност, каква пресвртница направија годините на Регановиот мандат? Многумина лажеа, а само малцина чувствуваа грижа на совеста“. Затоа, со добра причина обичните луѓе немаат доверба во своите политички водачи.
Во меѓународните односи, на таквите водачи им е тешко да имаат доверба еден во друг. Грчкиот филозоф Платон забележал: „На владетелот на државата . . . може да му биде допуштено да лаже за доброто на државата“. Состојбата во меѓународните односи е токму како што вели библиското пророштво во Даниил 11:27: „Ќе седат на една трпеза и ќе зборуват лага“.
Во деловниот свет, лажењето за производите и услугите е вообичаена практика. Купувачите мораат претпазливо да склучуваат спогодби и да бидат сигурни дека го прочитале текстот и „меѓу редови“. Некои земји имаат контролни органи во владата за да ги штитат луѓето од лажни реклами, од штетна трговска стока што се нуди како корисна или безопасна, и од измама. И покрај ваквите напори, луѓето и понатаму страдаат финансиски затоа што трговците лажат.
За некои луѓе лажењето е толку лесно што им станува навика. Други се воглавно вистинољубиви, но кога ќе се најдат во непријатна положба, тогаш лажат. Малкумина одбиваат да лажат под какви и да било околности.
Лагата се дефинира како „1) лажна изјава или постапка, особено ако е направена со намера некого да се измами . . . 2) сѐ што се прикажува или е смислено за да даде лажен впечаток“. Намерата е да се натераат другите да веруваат во нешто за кое лажливецот знае дека не е вистина. Со лаги или полувистини тој тежнее да ги измами оние кои имаат право да ја знаат вистината.
Причини за лажењето
Луѓето лажат од многу причини. Некои мислат дека се должни да лажат во поглед на своите способности за да напредуваат во овој конкурентен свет. Други се трудат со лаги да ги прикријат своите грешки или вина. Трети пак, ги фалсификуваат извештаите за да остават впечаток дека ја извршиле работата којашто не ја направиле. Потоа, тука се оние кои лажат за да извалкаат нечиј углед, да избегнат срам, да ги оправдаат претходните лаги или да им ги проневерат парите на луѓето.
Вообичаено оправдување за некоја лага е дека таа штити некое друго лице. Некои тоа го сметаат за безопасна лага, бидејќи мислат дека не повредува никого. Но, дали тие таканаречени „безопасни лаги“ навистина не оставаат лоши последици?
Размисли за последиците
Безопасните лаги оставаат пример кој може да води до навика да се лаже, а која може да вклучи посериозни работи. Сисела Бок коментира: „Сите лаги коишто се оправдуваат како ‚безопасни‘, не можат така лесно да се отфрлат. Како прво, општо е познато дека се оспорува безопасноста на лагите. Она што лажливецот го смета за безопасно или дури корисно, може да биде поинакво во очите на оној што е излажан“.
Сеедно колку изгледаат невини, лагите се разорни за добрите човечки односи. Уништена е веровитоста на лажливецот и може да настане траен прекин на довербата. Прочуениот есеист Ралф Валдо Емерсон напишал: „Секое насилство врз вистината не само што претставува еден вид самоубиство за самиот лажливец, туку и убод со нож за здравјето на човечкото општество“.
На лажливецот му е лесно да даде лажна изјава за некој човек. Иако не пружа никаков доказ, неговата лага создава сомнеж и многумина му веруваат без да го проверат неговото тврдење. Така угледот на невиниот е оцрнет, а тој самиот го носи товарот да докаже дека е невин. Затоа е разочарувачки кога луѓето повеќе му веруваат на лажливецот отколку на невиниот човек, а со тоа се нарушува односот меѓу невиниот и лажливецот.
Лажливецот лесно може да стекне навика да лаже. Обично една лага води до друга. Томас Џеферсон, еден од првите американски државници, забележал: „Не постои друг толку опасен, толку беден, толку подол порок; а на оној кој си дозволува еднаш да каже лага, му е многу полесно да го стори тоа по втор и трет пат, сѐ додека не му стане навика“. Тоа е патот кон морална пропаст.
Зошто е лесно да се лаже
Лажењето започнало кога еден бунтовен ангел ја излажал првата жена, велејќи ѝ дека таа нема да умре ако не го послуша својот Творец. Тоа довело до несогледива штета за целиот човечки род, донесувајќи им несовршеност, болест и смрт на сите (1. Мојсеева 3:1-4; Римјаните 5:12).
Уште од времето на непослушноста на Адам и Ева, подмолното влијание на овој татко на лагите создало клима во светот на човештвото која го одобрува лажењето (Јован 8:44). Тоа е свет кој се распаѓа, во кој вистината е само релативна. Весникот The Saturday Evening Post од септември 1986, забележал дека проблемот со лажењето ги „тангира“ односите во деловниот свет, владата, образованието, забавата и едноставите секојдневни односи меѓу сограѓаните и соседите . . . Ја прифативме теоријата на релативитетот, таа едноставна голема лага која вели дека не постојат апсолутни вистини“.
Такво е гледиштето на оние кои лажат од навика, на кои им недостига соживување со оние кои што ги лажат. Ним им е лесно да лажат. Тоа е нивни начин на живот. Но други кои не лажат од навика, можеби лажат без да се колебаат од страв — страв да не бидат разоткриени, страв од казна и така натаму. Тоа е слабост на несовршеното тело. Како може оваа склоност да се замени со решителност да се зборува вистината?
Зошто да се биде вистинољубив?
Вистината е мерило кое нашиот голем Творец го поставил за сите. Неговата пишана Реч, Библијата, во Евреите 6:18 тврди дека „не е можно Бог да излаже“. Кон истото мерило се придржувал и неговиот Син, Исус Христос, кој бил личен Божји претставник на Земјата. На еврејските религиозни водачи кои сакале да го убијат, Исус им рекол: „Сега сакате да Ме убиете, Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината, што ја чув од Бога. . . . И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како вие“ (Јован 8:40, 55). Тој ни дал пример во тоа дека „не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2:21, 22).
Нашиот Творец, чие име е Јехова, го мрази лажењето, како што јасно потврдуваат Соломоновите изреки 6:16-19: „Еве шест работи, кои Господ ги мрази — дури седум, што му се одвратни на душата Негова: очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, срце кое крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа“.
Овој вистинит Бог од нас бара да живееме според неговите мерила за да добиеме негово одобрување. Неговата инспирирана Реч ни заповеда: „Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте [,соблечете го‘, NW] стариот човек со неговите дела“ (Колосјаните 3:9). Луѓето кои одбиваат да престанат со навиката да лажат, не му се прифатливи; тие нема да го добијат неговиот дар на живот. Всушност, Псалми 5:6 отворено велат дека Бог ‚ќе ги уништи сите лажливци‘. Понатаму, Откровение 21:8 вели дека делот „на сите што лажат“ е во „втората смрт“, што значи вечно уништување. Затоа, ако го прифатиме Божјето гледиште за лажењето, тоа ќе ни даде цврста причина да ја зборуваме вистината.
Меѓутоа, што би требало да се стори во ситуација кога вистината може да предизвика неугодна атмосфера или лоши чувства? Лажењето не е решение никогаш, но молчењето понекогаш е. Зошто да кажеш лаги кои можат само да ја упропастат твојата веровитост и да те направат предмет на Божје неодобрување?
Од страв и човечка слабост некој може да биде искушан да побара излез во лага. Тоа е патот на најмал отпор или погрешна доброљубивост. Апостолот Петар подлегнал на такво искушение кога трипати одрекол дека го познава Исус Христос. После таа лага чувсвтвувал голема болка во срцето (Лука 22:54-62). Неговото искрено каење го поттикнало Бог да му прости, што се гледа по тоа што подоцна бил благословен со многу службени предности. Покајанието заедно со одлучната решеност да се престане со лажењето е пат кој донесува Божје простување за она што Бог го мрази.
Но наместо да лажеш и после да бараш простување, зачувај добар однос со твојот Творец и одржи ја твојата веродостојност кај другите така што ќе ја зборуваш вистината. Сети се што велат Псалми 14:1, 2: „Господи [Јехова, NW], кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се настани во Твојата Света Гора? Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина“.