Кецал — раскошна птица
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КОСТАРИКА
КОСТАРИКА зафаќа помалку од 0,03 проценти од површината на Земјата, а сепак е дом на 875 регистрирани видови птици. Според еден извор, тоа е повеќе од вкупниот број што го има во Канада и во Соединетите Држави заедно. Затоа, не изненадува тоа што Костарика стана главна дестинација на вљубениците во набљудувањето птици. Ајде заедно да патуваме и да разгледаме една од овие птици, раскошниот кецал.
Во почетокот на 1500-тите, шпанскиот конквистадор Ернан Кортес пристигнал во Мексико. Таму, како подарок од Ацтеките добил накит за главата од пердуви на кецал. Само царевите на Ацтеките имале привилегија да носат толку ценети украси. Перјата на кецалот кои се зелени како жад можеби се сметале за поскапоцени од златото.
Денес, живеалиште на оваа извонредно убава птица е огромното подрачје од Мексико до Панама. Кецалот може да се пронајде во тропските шуми на надморска височина од 1.200 до 3.000 метри. Облаците во шумите се создаваат кога топлиот воздух се крева нагоре и брзо се лади. Резултат на тоа е бујна вегетација во зелени тонови во текот на целата година и огромни дрвја кои досегаат 30 или повеќе метри во маглата.
Околу 200 километри северно од Сан Хозе се наоѓа шумскиот резерват Санта Елена — добра локација за да се набљудува кецалот во неговиот природен амбиент. Со помош на водич ја започнуваме нашата потрага по некој раскошен кецал. Заради нејзината боја на жад, оваа птица тешко се забележува бидејќи се прелева со листовите на шумата. Нашиот водич почнува да го имитира неговиот нежен, благ повик. Звукот е сличен на кученце што цимоли. Всушност, кога слушна како одговори кецалот, една жена од нашата група помисли дека во шумата се изгубило некое куче!
Наскоро, на околу 15 метри над нас, еден мажјак срамежливо слетува на гранката за да види што се случува. Низ двогледот неговите блескави бои изгледаат уште поспектакуларни отколку што си замислувавме. Градите му се пурпурноцрвени, во контраст со неговите пердуви кои се како жад. Неговиот зашеметувачки раскош го зголемуваат белите пердуви на опашот, кои се во контраст со неговите два зелени пердува кои се прелеваат во разни бои. Познати како ленти, тие се долги околу 60 сантиметри. Да се види кецал кој седи на гранка со неговите долги ленти кои нежно се лелеат на ветрот е глетка на спокојна убавина.
Набљудувањето на кецалот е ретко искуство. Всушност, нашиот водич ни спомна дека честопати се потребни повеќе патувања во шумата за да се види кецал. Најдобро време за да се набљудуваат кецали е во текот на нивната сезона на гнездење, која трае од март до јуни. Во тој период може да имаат две гнезда и во секое од нив да има по две јајца.
На враќање во канцеларијата на резерватот, слушаме уште еден кецал. Едрејќи грациозно и влечејќи ги по себе своите зелени ленти, се спушта на една гранка не подалеку од 5 метри од местото каде што седиме! Водичот ни кажува дека едно пиленце исчезнало од гнездото. Таткото оди од дрво на дрво за да го пронајде своето малечко. Дознаваме дека само отприлика 25 проценти од јајцата преживуваат до зрелост. Останатите страдаат од грабливци како што се вервериците, смарагдните тукани, кафеавите сојки, ласиците и тајрите. Друга закана за преживувањето на кецалите е местото каде што ги свиваат своите гнезда, кои се дупки како оние што ги прави клукајдрвецот, а кецалите ги прават на 3—20 метри над земјата во стари, изгниени стебла. Кога паѓаат поројни дождови, дупките можат да бидат поплавени или да се срушат.
Дознаваме и тоа дека омилена храна на кецалите е дивото авокадо. Ќе седне на некоја гранка со очите вперени во некое авокадо што се ниша на гранката на некое соседно дрво. Потоа, одеднаш забрзано почнува да мавта со крилјата, нишани на својата цел, го зграпчува плодот со клунот и се враќа во своето одмаралиште. Го проголтува целиот плод и отприлика после 20 до 30 минути ја повраќа големата семка на авокадото.
Во потрага по диви авокада, кецалите мигрираат на различни падини на Континенталната вододелница. На пример, од јули до септември нивниот дом е пацифичката падина. Потоа, во октомври се селат на карипската страна за да се хранат со нови приноси од авокадо.
Додека минуваме преку еден висечки мост околу 30 метри над подножјето на шумата, еден кецал речиси налета на нас! Изгледа дека оваа птица беше во потрага по ручек кога ѝ го пресековме патот. Женката застана токму над нас, упатувајќи ни прекорен поглед затоа што ѝ пречевме.
Ни рекоа дека уште еден плод што многу го сакаат е капинката, која расте на трнливи грмушки. Кога кецалите се спуштаат за да го зграпчат плодот, понекогаш лентите им се фаќаат во трњето и ги губат. Но, со текот на времето пердувите на опашот повторно ќе пораснат.
На тој начин оваа птица живее според своето име. „Кецал“ е земено од ацтечкиот збор „кецали“, што значи „скапоцен“ или „прекрасен“. За жал, убавината на кецалот претставува закана за неговиот опстанок. Всушност, кецалот е ставен на списокот на загрозени видови. Го ловеле заради неговото перје, кое се продавало како сувенир. Некои птици ги фаќаат живи за да ги продадат како миленичиња. Меѓутоа, како што вели нашиот водич, сега кецалот има извесна законска заштита од такво пљачкање.
Уште една закана за неговиот опстанок е сечењето на шумите, што води до исчезнување на живеалиштата. За да се заштити оваа раскошна птица и другиот животински свет, околу 27 проценти од Костарика се одвоени како заштитени површини.
Нашето патување за да го набљудуваме кецалот навистина беше наградувачко. Точно, во Британскиот музеј во Лондон можете да го видите накитот за глава од пердуви на кецал што го добил Хернан Кортес. Но, пердувите на кецалот се далеку поинтересни кога се гледаат на жива птица во дивината! Барем за сега, дивите кецали и понатаму уживаат слобода и релативна сигурност во тропските шуми на Централна Америка.