Авокадо — навистина сестрано овошје!
Од дописникот на Разбудете се! во Колумбија
ШПАНСКИТЕ конквистадори на почетокот на 16-тиот век никогаш порано не виделе нешто слично. Имало облик и било големо отприлика како круша, но останувало зелено дури и откако ќе узреело. Плодот во средината бил мек и по состав како путер, со вкус сличен на орев. На крајот станало познато како авокадо, од астечкиот збор ахуакат.
Авокадото за прв пат им го донел на Европејците Мартин Фернандез де Енсисо во 1519. Енсисо ја видел оваа овошка во близината на денешна Санта Марта (Колумбија), за време на една од првите шпански експедиции во Јужна Америка. Во текот на тие години на истражување, Европејците за прв пат вкусиле и некои други нови јадења освен авокадото, вклучувајќи ги и чоколадото, пченката и компирот.
Се разбира, ниту едно од овие јадења не било навистина ново. Домородците во пределите со умерена клима на западната хемисфера знаеле за нив и ги користеле веќе со векови. Кај некои домородни племиња, авокадото се ценело толку многу што се користело како свадбен подарок и како подарок за изразување добредојде на гостите.
Одгледување авокадо
Денес авокадото се одгледува на многу места со топла или умерена клима, вклучувајќи ги Австралија, Израел, Кенија, Нов Зеланд, Северна и Јужна Америка и Филипините. Тоа е едно од 20-те тропски овошја што стекнаа важност во трговијата ширум светот.
Меѓутоа, низ тропските земји на Америките се распространети многу сорти авокадо, од такви кои не се поголеми од кокошкино јајце до некои кои се големи колку просечна лубеница и тежат до два килограми. Бојата може да биде од зелена до темно виолетова, а кората кај некои сорти е рапава и трошна, додека кај други е тенка и мазна. Но, може да се одгледуваат и во овоштарници во кои растат авокада со еднаков изглед и квалитет.
Кога цветаат, дрвјата на авокадото се покриени со илјадници бледожолти цветови. Меѓутоа, само 1 од секои 5.000 цветови ќе стане авокадо. Една невообичаена карактеристика на овие цветови е тоа што секој од нив има прашник, односно структура што создава полен, а во исто време има и толчник, односно структура што содржи јајце клетка. Ова би можело да овозможи самоопрашување доколку не постоеше еден чудесен механизам во авокадовото дрво кој ги програмира овие структури да се активираат во различно време.
Како резултат на тоа, на утринското сонце некои дрвја ги отвораат своите цветови како рецептори на полен, а ги затвораат напладне. Истите овие цветови повторно се отвораат навечер како произведувачи на полен. Другите дрвја што се во близина го имаат спротивниот циклус. Опрашувањето настанува кога некое дрво што произведува полен се наоѓа во близина на друго дрво кое во истото време прима полен. Исто така, во пренесувањето на поленот важна улога играат и пчелите или другите инсекти. Така, една сложена координација на сончева светлина, топлина, инсекти, ветар и локација ја овозможува репродукцијата на овој плод.
Хранливо и корисно
Авокадото има извонредна хранлива вредност бидејќи содржи многу протеини, рибофлавин, нијацин, калиум и витамин Ц. Се вели дека содржи најмалку 11 витамини и 14 минерали. Во некои делови на Централна Америка, авокадото со тортиљи се смета за целосен оброк. Авокадото е богато и со масти, а неговото масло е слично на маслиновото масло по тоа што содржи мононезаситени масти. Маслото се користи и за производство на сапуни и козметички средства.
Речиси секој дел од авокадовото дрво е корисен. Дрвото се користи како гориво. Коската, односно семката, се користи во Јужна Америка за да се прават отпечатоци врз облеката, бидејќи остава неизбришливи траги. Во некои делови на Филипините, листовите се користат за подготвување чај. Кората на дрвото наводно може да се користи за штавење кожа.
Купување и јадење на плодот
Ако отидете на пазар да купите авокадо, не обидувајте се да оцените дали е зрело според бојата на кората бидејќи таа се разликува од сорта до сорта. Пробајте нежно да го притиснете плодот. Ако е малку мек, тогаш е зрел. Плодовите на авокадото треба да се складираат на топли, добро проветрени места и можете малку да го потпомогнете процесот на зреење ако ги завиткате во весник. Може да се чуваат и во фрижидер, па дури и откако ќе ги пресечете. Ако ја испрскате пресечената страна на плодот со лимонов сок, можете да го спречите темнеењето на внатрешноста на плодот.
Многумина уживаат да јадат авокадо заедно со агруми и патлиџани. Неговиот вкус може да се засили со некој остар или јак прелив. Освен тоа, авокадото добро оди со ракови, морски ракчиња или јастог и може да се користи за да ги збогати многуте видови салати. Некои луѓе го комбинираат со други плодови за да направат освежителен сок.
Кога авокадото ќе се измеша со зачини и со други состојки, се добива една вкусна каша што може да се користи за крекери. Се разбира, не треба да се заборави ниту прочуената гуакамола, која се прави со авокадо, патлиџани, кромид, зелени пиперки и зачини. Овој плод може да се послужи и со готвени јадења, како дел од главниот оброк. Во тој случај треба да се додаде во последен момент, на пониска температура.
Можеби авокадото веќе игра важна улога во Вашата исхрана. Но, во некои делови од светот можеби се смета за егзотично и ретко овошје. Ако никогаш досега не сте пробале авокадо, зошто не го сторите тоа следниот пат кога ќе имате прилика? Би можеле да откриете дека ова навистина сестрано овошје е и многу вкусно!