„Вие ќе умрете!“
РАСКАЖАЛА ЛИЕН КАРЛИНСКИ
Мојата потрага по најдоброто можно бескрвно лекување во Шпанија
КОГА би можеле да отпатувате на некое место во светот, каде би одбрале да одите? За мене одговорот беше лесен. Јас предавам шпански јазик во едно училиште и заедно со мојот сопруг Џеј и син ми Џоел одиме во едно шпанско собрание на Јеховините сведоци во Галакс (Вирџинија, САД). Затоа многу копнеев да отпатувам во Шпанија. Само замислете си колку бев возбудена кога родителите ми понудија да појдам таму заедно со нив! Иако мојот сопруг и син ми не можеа да дојдат со мене, мојот сон почна да се остварува кога со родителите се качивме на еден директен лет за Мадрид. Пристигнавме на 21 април и одлучивме да возиме до Естелја, едно гратче во Навара, во северна Шпанија. Удобно се сместив на задното седиште и веднаш задремав.
Следно на што се сеќавам е дека лежев во едно поле а сонцето ми блескаше во очите. ‚Каде сум? Како се најдов овде? Дали сонувам?‘ Додека низ главата ми поминуваа овие прашања, ја сфатив страшната реалност. Нешто не беше во ред и ова не беше сон. Левиот ракав ми беше искинат на парчиња и не можев да ги мрдам ниту рацете ниту нозете. Подоцна дознав дека нашиот автомобил удрил во заштитната ограда и дека јас сум излетала од возилото додека тоа се тркалало низ насипот долг 20 метри. За среќа, ниту јас ниту моите родители не се сеќаваме на ништо од несреќата.
Викав за помош и еден камионџија брзо дотрча до мене. Потоа се спушти низ насипот и дојде до автомобилот, каде што беа заглавени моите родители. „Речи ѝ на првата помош да побрза!“ му викна на својот партнер. „Луѓето во автомобилот се во лоша состојба!“ Потоа се врати до местото каде што лежев парализирана и со најдобри намери се обиде да ми ја исправи ногата. Јас вриснав од болка и тогаш прв пат сфатив колку сериозно сум повредена.
Наскоро се наоѓав во собата за итни случаи во локалната болница во Логроњо. Полицијата љубезно ги извести локалните Јеховини сведоци во врска со тоа каде се наоѓам и што се случило. Наскоро, многумина од собранијата во Естелја и Логроњо беа покрај мојот кревет, заедно со локалниот Одбор за контактирање со болниците. Всушност, во текот на моето тешко искушение во оваа болница, драгите сохристијани кои никогаш порано ги немав сретнато, беа спремни и подготвени да се грижат за моите потреби 24 часа на ден. Исто така, тие со љубов се грижеа за моите родители, кои доволно закрепнаа за да бидат отпуштени од болницата околу една седмица по несреќата.
Околу 1.00 часот по полноќ, во средата, лекарите дојдоа да извршат операција на мојот скршен колк. Му реков на докторот дека не сакам да примам крв.a Тој безволно се согласи да го почитува моето барање, иако ми рече дека веројатно ќе умрам. Ја преживеав операцијата, но ми беше чудно тоа што не ми ги исчистија раните и подоцна не ми направија преврска.
До петокот, мојата крвна слика опадна на 4,7 и јас ја губев силата. Лекарот се согласи да ми даде алтернативно лекување — инјекции со еритропоетин (ЕПО) кој, во комбинација со железо и додатоци за јакнење на крвта, го стимулира создавањето на црвени крвни клетки.b Дотогаш, Џеј и Џоел веќе пристигнаа. Колку беше убаво повторно да го видам мојот сопруг и син ми!
Некаде околу 1.30 часот по полноќ, еден лекар му рече на Џеј дека болницата веќе добила судски налог да ми даде крв доколку ми се влоши состојбата. Џеј им рече дека мојата желба е да не примам крв под никакви околности. „Во тој случај, таа ќе умре!“ одговори докторот.
Џеј разговараше со Одборот за контактирање со болниците за моето префрлање во некоја друга болница — каде што ќе се почитуваат моите желби. Сепак, не беа непријателски настроени сите во болницата. Една лекарка, на пример, ме увери дека таа ќе стори сѐ што може за да се погрижи да бидам лекувана со почитувањето што го заслужувам. Но, наскоро другите лекари ми вршеа притисок. „Сакате ли да умрете и да го оставите своето семејство?“ ме прашуваа. Ги уверував дека го сакам најдоброто можно бескрвно лекување. Лекарите не беа спремни да помогнат. „Вие ќе умрете!“ грубо рече еден од нив.
Одборот за контактирање со болниците пронајде една болница во Барселона која се согласи да ме лекува без крв. Колкава само беше разликата помеѓу овие две болници! Во Барселона, две медицински сестри нежно ме измија и ми помогнаа да се чувствувам удобно. Кога ми правеа преврска, едната медицинска сестра виде дека завоите беа зелени и извалкани со засушена крв. Рече дека се срами заради тоа што нејзините сонародници постапиле така со мене.
Наскоро добив лекарски третман кој требаше да се започне уште во болницата во Логроњо. Резултатите беа неверојатни. За неколку дена, моите витални органи беа вон животна опасност, а хемоглобинот се покачи на 7,3. Кога излегов од болницата, беше покачен на 10,7. Кога требаше да се направи уште една операција во една болница во Соединетите Држави, тој изнесуваше 11,9.
Благодарна сум за напорите на лекарите и медицинските сестри кои се спремни да излезат во пресрет на желбите на нивните пациенти, сеедно дали се сложуваат со нив или не. Кога болничкиот персонал ги почитува верувањата на пациентот, тогаш ја лекува целата личност — и со тоа го дава најдоброто можно лекување.
[Фусноти]
a Од библиски причини, Јеховините сведоци одбиваат трансфузија на крв. (Видете 1. Мојсеева 9:4; 3. Мојсеева 7:26, 27; 17:10—14; 5. Мојсеева 12:23—25; 15:23; Дела 15:20, 28, 29; 21:25.)
b Дали еден христијанин ќе прифати ЕПО или не, тоа е лична одлука. (Видете Стражарска кула од 1 октомври 1994, страница 31.)
[Слика на страница 12]
Со мојот сопруг и син ми
[Слика на страница 13]
Двајца членови на Одборот за контактирање со болниците