Животна приказна
Служењто на другите го олеснува страдањето
РАСКАЖАЛ ХУЛИАН АРИАС
Во 1988, кога имав 40 години, мојата иднина на професионално поле изгледаше сигурна. Бев регионален директор на една мултинационална компанија. Во склоп на мојата работа влегуваше и скап автомобил, добра плата и луксузна канцеларија во центарот на Мадрид (Шпанија). Компанијата дури и напомна дека би сакале да ме наименуваат за национален директор. Не ни помислував дека животот ќе ми се смени драстично.
ЕДЕН ден, истата таа година, мојот доктор ми кажа дека имам мултиплекс склероза, неизлечива болест. Бев скршен. Подоцна, кога прочитав што може да му направи мултиплекс склерозата на човек, се преплашив.a Изгледаше дека ќе морам да живеам со постојана закана до крајот на мојот живот. Како ќе се грижам за мојата сопруга, Милагрос, и за мојот тригодишен син, Исмаел? Како ќе излеземе на крај? Додека сѐ уште бев во потрага по одговорите на овие прашања, добив уште еден болен удар.
Околу еден месец откако докторот ми кажа дека сум болен, мојот претпоставен ме викна во својата канцеларија и ми рече дека на компанијата ѝ се потребни луѓе со „добар имиџ“. А некој со дегенеративна болест — дури и кога е во почетна фаза — не прикажува таков имиџ. Така, мојот шеф ме отпушти на лице место. Одеднаш, мојата световна кариера заврши!
Пред семејството се трудев да изгледам храбар, но копнеев да бидам сам, да размислувам за моите нови околности и да медитирам за мојата иднина. Се обидов да се борам со сѐ поголемото чувство на депресија. Она што најмногу ме болеше беше тоа што преку ноќ станав бескорисен во очите на мојата компанија.
Да се најде сила во слабоста
За среќа, во овие мрачни моменти, можев да се потпрам на неколку извори на сила. Околу 20 години пред тоа, станав Јеховин сведок. Затоа, искрено му се молев на Јехова за моите чувства и неизвесноста што ја носи иднината. Мојата сопруга, која ја дели мојата вера, беше постојан извор на сила, а ја имав и поддршката на неколку блиски пријатели чиишто љубезност и сочувство се покажаа непроценливи (Пословици 17:17).
Исто така, ми помогна и чувството на одговорност кон другите. Сакав добро да го воспитам мојот син, да го поучувам, да си играм со него и да го обучувам за проповедничкото дело. Затоа не смеев да се предадам. Освен тоа, бев старешина во едно собрание на Јеховините сведоци и на моите христијански браќа и сестри таму им беше потребна мојата поддршка. Кога би дозволил мојата неволја да ми ја поткопа верата, каков пример би бил за другите?
Неизбежно, животот ми се промени и физички и економски — од една страна на полошо, но од друга, пак, на подобро. Еднаш слушнав еден доктор како вели: „Болеста не го уништува човекот; напротив, таа го променува“. И научив дека сите промени не се лоши.
Како прво, мојот „трн во телото“ ми помогна подобро да ги разберам здравствените проблеми на другите луѓе и да сочувствувам со нив (2. Коринќаните 12:7). Подобро од кога и да било порано ги сфатив зборовите од Пословици 3:5: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум“. Пред сѐ, моите нови околности ме научија што е навистина важно во животот и што донесува вистинско задоволство и чувство на самопочитување. Имаше уште многу работи што би можел да ги направам во Јеховината организација. Го открив вистинското значење на Исусовите зборови: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
Нов живот
Набрзо откако беше дијагностицирана мојата болест, бев поканет на еден семинар во Мадрид каде што христијански доброволци беа поучени да развиваат соработка меѓу лекарите и нивните пациенти што се Сведоци. Подоцна, овие доброволци беа организирани во Одбори за контакт со болниците. За мене, тој семинар дојде во право време. Најдов една подобра кариера, кариера што ќе ми донесе многу поголемо задоволство од која и да било комерцијална работа.
На семинарот дознавме дека новоформираните Одбори за контакт со болниците треба да ги посетуваат болниците, да разговараат со докторите и да изнесуваат презентации пред здравствените работници, и сето тоа со цел да се негува соработка и да се спречат судири. Одборите им помагаат на Сведоците да најдат доктори што се спремни да извршат медицински зафати без употреба на крв. Се разбира, како лаик, имав многу да научам за медицинските изрази, медицинската етика и организацијата во болниците. Сепак, по тој семинар се вратив дома како нов човек, вооружен за нов предизвик што ме возбудуваше.
Посети на болниците — извор на задоволство
Иако болеста полека и безмилосно ме осакатуваше, моите одговорности како член на Одборот за контакт со болниците растеа. Добив инвалидска пензија, па така имав време да ги посетувам болниците. И покрај повремените разочарувања, овие посети се покажаа полесни и понаградувачки отколку што очекував. Иако сега сум врзан за инвалидска количка, тоа не претставува некоја голема пречка. Еден член од одборот секогаш ме придружува. Освен тоа, докторите се навикнати да разговараат со луѓе во инвалидска количка, и понекогаш се чини дека слушаат со поголема почит кога ќе ги видат напорите што ги вложувам за да ги посетам.
Во изминатите десет години, посетив стотици доктори. Некои беа спремни да ни помогнат речиси од самиот почеток. Д-р. Хуан Дуарте — кардиохирург од Мадрид кој со задоволство ја почитува совеста на пациентите — веднаш ги понуди своите услуги. Оттогаш има извршено повеќе од 200 операции без употреба на крв врз пациенти што се Сведоци од многу делови на Шпанија. Низ годините сѐ повеќе доктори почнаа да применуваат бескрвна хирургија. Нашите редовни посети одиграа некоја улога, но напредувањето се должеше и на напредокот во медицината и на добрите резултати што беа постигнати во бескрвната хирургија. И уверени сме дека Јехова ги благослови нашите напори.
Бев особено охрабрен од одѕивот на некои кардиохирурзи што специјализираат да лекуваат деца. Две години посетувавме еден тим од двајца хирурзи и нивните анестезиолози. Ги снабдувавме со медицинска литература што објаснуваше што прават други доктори на ова поле. Нашите напори беа наградени во 1999, за време на Медицинскиот конгрес за детска кардиоваскуларна хирургија. Двајцата хирурзи — вешто водени од еден друг хирург од Англија — извршија една особено тешка операција врз бебе на Сведоци кај кое требаше да се направи модификација на залистоците на аортата.b Се радував заедно со родителите кога еден од хирурзите излезе од операционата сала и рече дека операцијата била успешна и дека совеста на семејството била почитувана. Сега овие двајца доктори редовно примаат пациенти Сведоци од цела Шпанија.
Она што ми причинува вистинско задоволство во врска со овие случаи е сознанието дека можам да им помогнам на моите христијански браќа. Кога контактираат со Одборот за контакт со болниците, обично тоа им се најтешките моменти во животот. Ги чека операција, а докторите во локалната болница не се спремни или не се способни да ги лекуваат без крв. Меѓутоа, на браќата многу им олеснува кога ќе дознаат дека овде во Мадрид има доктори од сите гранки на медицината што се спремни да соработуваат. Сум видел како изразот на лицето на некој брат се менува од загриженост во спокојство, само затоа што сме покрај него во болницата.
Светот на судиите и медицинската етика
Во изминативе години, членови на Одборите за контакт со болниците ги посетуваат и судиите. Во текот на тие посети им ја даваме публикацијата Family Care and Medical Management for Jehovah’s Witnesses (Семејна грижа и медицински третман за Јеховините сведоци) која беше специјално подготвена за да ги информира таквите службеници за нашиот став во врска со употребата на крв и бескрвните медицински алтернативи што се на располагање. Овие посети беа многу потребни зашто едно време во Шпанија не беше невообичаено судиите да им дадат дозвола на докторите да дадат трансфузија спротивно на желбите на пациентот.
Канцелариите на судиите се импресивни места, и кога првпат бев во посета се почувствував многу безначаен додека со мојата инвалидска количка минував низ ходниците. За да биде уште полошо, имавме мала несреќа и јас паднав од количката на колена. Неколку судии и адвокати, кои ја видоа таа незгодна ситуација, љубезно ми помогнаа, но јас се чувствував глупаво.
Иако судиите не беа сигурни за причините на нашите посети, повеќето од нив беа љубезни со нас. Првиот судија што го посетив веќе имал размислувано за нашиот став и рече дека би сакал подетално да разговара со нас. На нашата следна посета, самиот тој ја туркаше мојата количка до неговата канцеларија и внимателно слушаше. Добрите резултати од оваа прва посета нѐ охрабрија мене и моите пријатели да го надминеме нашиот страв и набрзо видовме и други добри резултати.
Истата година, му оставивме примерок од Семејна грижа и на еден друг судија што љубезно нѐ прими и ни вети дека ќе ги прочита информациите. Му го дадов мојот телефонски број во случај да треба итно да стапи во контакт со нас. Две седмици подоцна ми се јави и рече дека некој локален хирург побарал од него дозвола за да даде трансфузија на пациентка Сведок на која требало да ѝ се изврши операција. Судијата ни рече дека би сакал да му помогнеме да најде решение со кое би се почитувала желбата на Сведокот да избегне крв. Не беше многу тешко да најдеме друга болница, каде што хирурзите успешно ја извршија операцијата без крв. Судијата беше воодушевен кога слушна за исходот и нѐ увери дека во иднина ќе бара слични решенија.
За време на моите посети на болниците, честопати се покренуваше прашањето за медицинска етика зашто сакавме докторите да ги земат предвид правата и совеста на пациентот. Една болница од Мадрид што соработува со нас ме покани да земам учество во еден курс по етика што таму се нуди. Овој курс ми овозможи да им го изнесам нашето библиски темелено гледиште на многу специјалисти на ова поле. Исто така, ми помогна да ги сфатам многуте тешки одлуки што докторите мораат да ги донесуваат.
Еден од предавачите на овој курс, професор Диего Грасија, редовно организира угледен курс за стекнување магистерска диплома по етика за докторите од Шпанија и тој цврсто ги поддржува нашите права за информирана согласност во врска со трансфузијата на крв.c Нашите редовни контакти со него доведоа до тоа некои претставници од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Шпанија да бидат поканети да им го објаснат нашиот став на постдипломците на курсот на професор Грасија, од кои некои се сметаат за најдобрите доктори во земјата.
Да ѝ се погледне в лице на стварноста
Се разбира, оваа работа во корист на соверниците што ми носи задоволство не ги реши сите мои лични проблеми. Мојата болест безмилосно напредува. Меѓутоа, за среќа, умот ми е бистар. Благодарение на мојата сопруга и синот, кои никогаш не се жалат, сѐ уште можам да се справам со моите одговорности. Без нивната помош и поддршка, тоа би било невозможно. Не можам дури ни панталоните да си ги закопчам или да си го облечам палтото. Особено уживам кога во сабота проповедаме со син ми, Исмаел, кој ја турка мојата количка за да можам да разговарам со различни станари. И сѐ уште можам да се грижам за моите должности како собраниски старешина.
Во изминативе 12 години имав и некои трауматски моменти. Понекогаш, тоа што гледам како мојот физички хендикеп влијае на моето семејство ми нанесува повеќе болка отколку самата болест. Знам дека страдаат, иако само во себе. Неодамна, во една година починаа мојата тешта и татко ми. Истата таа година повеќе не можев да се движам без инвалидска количка. Татко ми, кој живееше со нас, почина од една друга дегенеративна болест. За Милагрос, која се грижеше за него, тоа беше како да гледа што ќе ми се случи мене во иднина.
Меѓутоа, гледано од позитивната страна, нашето семејство е обединето додека заедно се справуваме со проблемите. Ја заменив директорската фотелја со инвалидска количка, но мојот живот сега всушност е подобар зашто целосно е посветен на тоа да им служам на другите. Давањето може да го олесни страдањето, а Јехова навистина го одржува своето ветување да ни даде сила во тешки времиња. Како Павле, и јас можам искрено да речам: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13).
[Фусноти]
a Мултиплекс склероза е нарушување на централниот нервен систем. Честопати предизвикува прогресивно губење на рамнотежата, функцијата на екстремитетите, а понекогаш и на видот, говорот или разумот.
b Оваа операција е позната како процедура Рос.
[Рамка на страница 24]
Гледиштето на сопругата
За една жена, животот со сопруг што страда од мултиплекс склероза е тежок — ментално, емоционално и физички. Морам да бидам разумна во она што планирам да го правам и спремна да не обрнувам внимание на непотребните грижи за иднината (Матеј 6:34). Сепак, да се живее со некое страдање може да направи да се извлече најдоброто од човек. Нашиот брак е поцврст од порано, а мојот однос со Јехова е поблизок. И животните приказни на други во слични стресни околности многу ме зајакнаа. Го делам задоволството што Хулиан го чувствува како резултат на неговата скапоцена служба во корист на браќата и увидов дека Јехова никогаш не нѐ напушта, дури и кога секој ден може да носи нов предизвик.
[Рамка на страница 24]
Гледиштето на синот
Истрајноста и позитивниот дух на татко ми ми се одличен пример и се чувствувам корисен кога го туркам во количката. Знам дека не можам секогаш да го правам она што јас би сакал да го правам. Сега сум тинејџер, но кога ќе пораснам би сакал да служам како член во некој Одбор за контакт со болниците. Од библиските ветувања знам дека страдањето е само привремено и дека многу браќа и сестри страдаат повеќе од нас.
[Слика на страница 22]
Мојата сопруга е извор на сила за мене
[Слика на страница 23]
Разговарам со кардиохирургот др. Хуан Дуарте
[Слика на страница 25]
Јас и син ми уживаме заедно да работиме во службата