Мажи со скромно потекло ја преведуваат Библијата
ВО 1835, Хенри Нот, ѕидар од Англија и Џон Дејвис, Велшанин што работел во продавница, стигнале до крајот на еден огромен проект. По повеќе од 30 години напорна работа, конечно го завршиле преводот на целата Библија на тахитски. Со кои предизвици се соочиле овие двајца мажи со скромно потекло, и какви биле резултатите од нивната работа на која и се посветиле од љубов?
„Големото будење“
Во втората половина на 18 век, членови на протестантското движење наречено Големото будење, или само Будење, проповедале по селата и во околината на рудниците и фабриките во Британија. Нивната цел била да ги достигнат луѓето од работничката класа. Проповедниците на Будење одушевено го охрабрувале дистрибуирањето на Библијата.
Основачот на движењето, еден баптист по име Вилијам Кери, придонел за формирањето на Лондонското мисионерско друштво (ЛМД), основано во 1795. ЛМД обучувало луѓе што биле спремни да го учат јазикот на домородното население и да служат како мисионери во регионот на Јужниот Пацифик. Целта на овие мисионери била да го проповедаат Евангелието на јазикот на локалното население.
Островот Тахити, тогаш скоро откриен, станал првото мисионерско подрачје на ЛМД. За членовите на Будење овие острови биле ‚мрачни места‘ на паганизам, поле спремно за жетва.
Луѓе со скромно потекло се покажуваат дораснати на ситуацијата
За да ја соберат жетвата, околу 30-тина набрзина избрани и несоодветно подготвени мисионери се качиле на Даф, брод што го купило ЛМД. Во списокот се наведени „четворица пастори [без формална обука], шестмина столари, двајца чевлари, двајца ѕидари, двајца ткајачи, двајца шивачи, еден дуќанџија, изработувач на седла, слуга, градинар, лекар, ковач, бочвар, производител на памук, шапкар, произведувач на ткаенини, изработувач на мебел, пет сопруги и три деца“.
Единствените алатки што ги имале овие мисионери за да се запознаат со оригиналните јазици на Библијата бил еден грчко-англиски речник и една Библија со хебрејски речник. За време на седумте месеци на море, мисионерите запамтиле некои тахитски зборови запишани од претходните посетители, главно од бунтовниците на Баунти. Конечно, Даф пристигнал на Тахити и на 7 март 1797, мисионерите се симнале од бродот. Меѓутоа, по една година повеќето од нив се обесхрабриле и си заминале. Останале само седуммина мисионери.
Од тие седуммина, Хенри Нот, поранешен ѕидар, имал само 23 години. Судејќи по неговите први писма, имал само основно образование. Сепак, уште од почетокот се покажало дека има дарба да го научи тахитскиот јазик. Тој бил опишан како искрен, мирен и пријатен човек.
Во 1801, Нот бил избран да ги поучува тахитски деветмината новопристигнати мисионери. Меѓу нив бил и 28-годишниот Велшанин Џон Дејвис, кој се покажал како способен ученик и вреден работник со благ темперамент и дарежлива душа. Не поминало многу кога овие двајца мажи решиле да ја преведат Библијата на тахитски јазик.
Крајно тешка задача
Меѓутоа, преведувањето на тахитски се покажало како крајно тешка задача, зашто тахитскиот не бил пишан јазик. Мисионерите морале да го научат само од слушање. Немале ниту речник ниту некоја книга по граматика. Издишните гласови во јазикот прекинати со експлозивни гласови, големиот број самогласки едно по друго (дури и пет во еден збор) и малкуте согласки ги доведувале мисионерите до очај. „Во многу зборови нема ништо друго освен самогласки и секоја си има свој глас“, се жалеле тие. Тие признале дека не можеле „добро да чујат како звучат зборовите онака точно како што треба“. Дури мислеле дека слушаат гласови што не постојат!
За да биде уште полошо, одвреме навреме некои зборови во тахитскиот биле забранувани, или станувале табу и затоа морале да бидат заменети. Синонимите им причинувале уште една главоболка. За зборот „молитва“ имало повеќе од 70 изрази на тахитски. Тахитската синтакса, која сосема се разликува од англиската, била уште еден предизвик. И покрај тешкотиите, малку по малку мисионерите составиле список со зборови што Дејвис конечно, 50 години подоцна, го издал како речник со 10.000 зборови.
Тука бил и предизвикот да се пишува на тахитски. Мисионерите се обиделе да пишуваат користејќи го установениот англиски правопис. Меѓутоа, англиската латинска азбука не одговарала на тахитските гласови. Затоа следеле бескрајни дискусии за фонетиката и правописот. Мисионерите честопати измислувале нови начини на пишување зашто тие биле првите на Јужните Мориња што го пренеле усниот јазик во пишан облик. Не ни знаеле дека нивната работа подоцна ќе биде образец за многу од јазиците во Јужниот Пацифик.
Со малку алатки но со многу снаодливост
Преведувачите имале само неколку прирачници на располагање. ЛМД ги упатило да го користат Textus Receptus и King James Version како основен текст. Нот побарал од ЛМД да му пратат и други речници на хебрејски и грчки како и Библии на двата јазика. Не е познато дали некогаш ги добил тие книги. Што се однесува до Дејвис, тој добил неколку научни книги од пријатели од Велс. Извештаите покажуваат дека поседувал барем грчки речник, хебрејска Библија, Нов завет на грчки и Септуагинтата.
Во меѓувреме, проповедничката активност на мисионерите останала без плод. Иако мисионерите биле на Тахити веќе 12 години, ниту еден од локалното население не се крстил. На крај, постојаните граѓански војни ги принудиле сите мисионери, освен храбриот Нот, да пребегнат во Австралија. Некое време, тој бил единствениот мисионер што останал на Островите Винвард од групата Општествени Острови, но морал да го следи кралот Помаре II кога тој пребегнал на блискиот остров Муреа.
Меѓутоа, преселбата на Нот не го запрела преведувањето и откако поминал две години во Австралија, Дејвис повторно му се придружил на Нот. Во меѓувреме, Нот се зафатил со проучување на грчкиот и хебрејскиот и добро ги совладал тие јазици. Потоа, почнал да преведува некои делови од Хебрејските списи на тахитски. Избрал делови од Библијата што содржеле извештаи кои локалното население можело лесно да ги разбере.
Тесно соработувајќи со Дејвис, Нот потоа почнал да го преведува евангелието на Лука, кое било завршено во септември 1814. Тој составил превод што звучел природно на тахитски, а Дејвис го споредил преводот со оригиналниот текст. Во 1817, кралот Помаре II замолил ако може тој да ја отпечати првата страница од евангелието на Лука. Тоа го направил на една мала рачна печатарска машина што на Муреа ја донеле мисионерите. Приказната за преводот на Библијата на тахитски не би била потполна доколку не се спомне верниот Тахиќанец по име Туахине, кој останал со мисионерите во текот на сите години и им помогнал да ги сфатат нијансите на јазикот.
Преводот е завршен
Во 1819, по шест години, преводот на евангелијата, Дела на апостолите и на книгата Псалми бил завршен. Една печатарска машина што ја донеле новодојдените мисионери го олеснила печатењето и дистрибуирањето на овие библиски книги.
Следел период на интензивна активност на преведување, коригирање и ревизија. По 28 години на Тахити, во 1825 Нот се разболел и ЛМД му дозволило да се врати во Англија. За среќа, дотогаш проводот на Грчките списи бил речиси завршен. Тој продолжил да го преведува останатиот дел од Библијата за време на своето патување до Англија и за време на престојот таму. Нот се вратил на Тахити во 1827. Осум години подоцна, во декември 1835, го спуштил своето перо. По повеќе од 30 години напорна работа, била преведена целата Библија.
Во 1836 Нот повторно отпатувал во Англија за да ја отпечати целата Библија на тахитски во Лондон. На 8 јуни 1838, возбудениот Нот ѝ го дал на кралицата Викторија првото издание на Библијата на тахитски. Се разбира, тоа бил момент исполнет со силни емоции за поранешниот ѕидар што 40 години пред тоа отпловил на Даф и се претопил со тахитската култура за да ја заврши оваа огромна, животна задача.
Два месеца подоцна, Нот тргнал кон Јужниот Пацифик со 27 сандаци во кои биле првите 3.000 примероци од комплетната Библија на тахитски. Кога запреле во Сиднеј, повторно се разболел, но одбил да се раздели од скапоцените сандаци. Откако оздравел, пристигнал на Тахити во 1840, каде што луѓето речиси го нападнале товарот, сакајќи да добијат примерок од Библијата на тахитски. Нот умрел на Тахити во мај 1844, на 70-годишна возраст.
Далекосежно влијание
Меѓутоа, делото на Нот и понатаму живее. Неговиот превод имал далекосежно влијание врз полинезиските јазици. Пренесувајќи го тахитскиот во пишан облик, мисионерите го зачувале тој јазик. Еден автор рекол: „Нот ја утврдил класичната граматичка форма на тахитскиот. Секогаш ќе треба да се осврнеме кон Библијата за да го научиме тахитскиот јазик во неговата чистота“. Непрестајната работа на овие преведувачи зачувала илјадници зборови од заборав. Еден век подоцна, еден автор рекол: „Извонредната тахитска Библија на Нот е ремек-дело на тахитскиот јазик — секој се согласува со тоа“.
Ова важно дело не само што им било од корист на Тахиќаните туку го положило темелот и за други преводи на јужнопацифичките јазици. На пример, преведувачите на Куковите Острови и Самоа ја користеле како пример. „Јас всушност го следев г-н Нот, чијшто превод внимателно го испитав“, рекол еден преведувач. Се известува дека еден друг преведувач ‚ги имал пред себе хебрејскиот псалтир и англиската и тахитската верзија‘ додека ‚преведувал еден од псалмите на Давид на јазикот самоа‘.
Следејќи го примерот на членовите на Будење во Англија, мисионерите на Тахити одушевено ја унапредувале писменоста. Всушност, повеќе од еден век, Библијата била единствената книга што му била достапна на тахитското население. На тој начин, таа станала важен елемент на тахитската култура.
Честото појавување на божественото име во Хебрејските и Грчките списи претставува едно од најубавите обележја на Nott Version. Како резултат на тоа, денес Јеховиното име е добро познато на Тахити и неговите острови. Тоа дури се појавува на некои протестантски цркви. Меѓутоа, Божјето име сега главно се поврзува со Јеховините сведоци и нивната ревносна проповедничка активност, во која во голема мера ја користат тахитската Библија преведена од Нот и неговите соработници. А неуморните напори на преведувачите како Хенри Нот нѐ потсетуваат на тоа колку треба да бидеме благодарни што денес Божјата реч е лесно достапна за поголемиот дел од човештвото.
[Слики на страница 26]
Првите преводи на Библијата на тахитски, 1815. Се појавува Јеховиното име
Хенри Нот (1774—1844), главниот преведувач на тахитската Библија
[Извори на слики]
Тахитска Библија: Copyright the British Library (3070.a.32); Хенри Нот и писмо: Collection du Musèe de Tahiti et de ses Îles, Punaauia, Tahiti; катехизам: со дозвола на the London Missionary Society Papers, Alexander Turnbull Library, Wellington, New Zealand
[Слика на страница 28]
Двојазичен тахитски и велшки катехизам од 1801, каде што се појавува Божјето име
[Извор на слика]
Со дозвола на the London Missionary Society Papers, Alexander Turnbull Library, Wellington, New Zealand
[Слика на страница 29]
Avec la permission du Pasteur Teoroi Firipa
[Извор на слика]
Протестантска црква со Јеховиното име напред, островот Хуахине (Француска Полинезија)