Пропагандата може да биде смртоносна
„Лагата може да помине половина пат околу светот додека вистината сѐ уште си ги облекува чевлите“ (му се припишува на МАРК ТВЕН).
„ТИ БЕДЕН Евреину!“ грубо извикнала учителката и му удрила шлаканица на својот седумгодишен ученик. Потоа ги викнала учениците од одделението да поминат пред него и да му плукнат в лице.
И учителката и ученикот — кој бил нејзин внук — совршено добро знаеле дека момчето и неговите родители немаат еврејско потекло. Не биле Евреи ниту по вероисповед. Тие всушност биле Јеховини сведоци. Искористувајќи ја раширената предрасуда против Евреите, учителката подбуцнувала омраза кон ученикот. Со години, свештеникот зборувал пред учителката и пред одделението дека Јеховините сведоци се луѓе кои заслужуваат презир. Родителите на момчето биле нарекувани комунисти и агенти на ЦИА (Американска разузнавачка служба). Затоа, школските другари на момчето се наредиле во колона еден по еден, нестрпливи да му плукнат в лице на еден „беден Евреин“.
Тоа момче преживеало да ја раскаже својата приказна. Но, тоа не било случај и со шесте милиони Евреи кои живееле во Германија и во околните земји пред 60-тина години. Злобната пропаганда послужила како оружје за да се згаснат животите на Евреите во нацистичките гасни комори и во концентрационите логори. Раширениот, длабок, неоспорен и отровен антисемитизам навел многумина да ги сметаат Евреите за непријатели чие истребување било не само неопходно туку и праведно. Во тој случај, пропагандата се покажала како оружје за масовно уништување.
Да, пропагандата може да се манифестира отворено со употреба на симболи на омраза како што е кукастиот крст, или да се манифестира препредено со кажување невкусни вицеви. Нејзините техники на убедување редовно ги применуваат диктаторите, политичарите, свештениците, рекламерите, трговците, новинарите, лицата од радиото и телевизијата, публицистите и другите луѓе кои сакаат да влијаат врз размислувањето и однесувањето на другите.
Се разбира, пропагандните пораки можат да се користат за да се постигнат и позитивни општествени цели, како што е случајот со кампањите за да се ограничи возењето во пијана состојба. Но, пропагандата може да се искористи и за да се рашири омраза кон етничките или религиозните малцинства или, пак, за да се наговорат луѓето да купуваат цигари. „Секој ден сме бомбардирани со дожд од убедливи пораки“, забележуваат истражувачите Антони Пратканис и Елиот Аронсон. „Овие апели не убедуваат со обострана размена на аргументи и со дебати туку манипулирајќи со симболи и со основните човечки емоции. Сеедно дали тоа е добро или лошо, нашава ера е ера на пропаганда“.
Како се користела пропагандата за да се влијае врз човечкото размислување и постапки во текот на изминатите векови? Што можете да сторите за да се заштитите од опасната пропаганда? Постои ли извор на веродостојни информации? За овие и за некои други прашања ќе се дискутира во следните статии.
[Слика на страница 3]
Пропагандата се користела за Евреите да станат жртва на холокаустот