Немојте да бидете жртва на пропагандата!
„Глупавиот верува на секој збор“ (ПОСЛОВИЦИ 14:15).
ПОСТОИ разлика — и тоа голема разлика — помеѓу образованието и пропагандата. Образованието Ви покажува како да размислувате. Пропагандата Ви кажува за што да размислувате. Добрите учители ги изнесуваат сите аспекти на некоја тема и охрабруваат на дискусија. Оние што вршат пропаганда немилосрдно Ве присилуваат да го слушате нивното гледиште и одвратуваат од дискусија. Честопати не можат да се видат нивните вистински мотиви. Тие ги просејуваат фактите, искористувајќи ги оние што им одат во прилог и криејќи ги другите. Исто така, тие ги извртуваат и ги менуваат фактите, станувајќи специјалисти за лаги и полувистини. Нивна цел се Вашите емоции, а не Вашата способност за логично размислување.
Пропагандистот води сметка неговата порака да изгледа исправна и морална и да Ви создаде чувство дека ќе бидете важни и прифатени од другите ако ја следите. Вие сте еден од паметните, не сте единствениот, Вие сте на сигурно и безбедно — велат тие.
Како можете да се заштитите од луѓето кои Библијата ги нарекува „бескорисни дрдорковци“ и „измамници на умот“? (Тит 1:10). Штом ќе се запознаете со некои од нивните трикови, полесно ќе можете да ја процените секоја порака или информација која ќе Ви биде изнесена. Еве некои начини како да го сторите тоа.
Бидете избирливи: Еден сосема отворен ум може да се спореди со цевка низ која може да помине сѐ и сешто — дури и отпадни води. Никој не сака неговиот ум да биде затруен. Соломон, еден цар и поучувач од древно време, предупредил: „Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“ (Пословици 14:15). Значи, треба да бидеме избирливи. Треба добро да го испитаме сето она што ни се презентира и да одлучиме што да прифатиме, а што да отфрлиме.
Сепак, не сакаме да бидеме толку тесногради па да одбиеме да ги разгледаме фактите кои можат да го подобрат нашето размислување. Како можеме да постигнеме рамнотежа? Со тоа што ќе прифатиме некое стандардно мерило според кое ќе можеме да ги одмеруваме новите информации. На ова поле христијанинот поседува извор на голема мудрост. Ја има Библијата како сигурен водич во своето размислување. Од една страна, неговиот ум е отворен, што значи дека сака да прима нови информации. Тој исправно ги проценува новите информации наспроти библиското стандардно мерило и она што е вистинито го вклопува во својот начин на размислување. Од друга страна, пак, неговиот ум ја гледа опасноста од информациите кои воопшто не се во склад со моралните принципи кои се темелат на Библијата.
Применете проникливост: Проникливоста претставува „острина во просудувањето“. Таа е „моќ или способност на умот да разликува една работа од друга“. Оној што е прониклив ги согледува сите скриени аспекти на идеите или работите и добро просудува.
Ако бидеме проникливи, ќе можеме да ги препознаеме луѓето кои користат „сладок говор и ласкави зборови“ само за да ‚ги заведат срцата на незлобните‘ (Римјаните 16:18). Проникливоста Ви овозможува да ги отфрлите неважните информации или работите кои заведуваат и да ја согледате суштината. Но, како можеме да препознаеме дали нешто е со цел да заведе?
Проверете ги информациите: „Љубени“, рекол Јован, христијански учител од првиот век, „не верувајте му на секој инспириран израз, туку испитувајте ги инспирираните изрази“ (1. Јов. 4:1). Некои луѓе денес се како сунѓери; впиваат сѐ на што ќе наидат. Многу е лесно да се впие она што нѐ опкружува.
Но, многу подобро е секој лично да избере со што ќе го храни својот ум. Се вели дека ние сме она што го јадеме, а ова може да важи како за телесната така и за храната наменета за умот. Без оглед на тоа што читате, гледате или слушате, проверете дали има призвуци на пропаганда или е вистинито.
Освен тоа, за да бидеме справедливи, мораме да бидеме спремни постојано да ги проверуваме своите гледишта кога прифаќаме нови информации. Мораме да сфатиме дека тие се само гледишта. Нивната веродостојност зависи од непобитноста на нашите факти, од квалитетот на нашето резонирање и од мерилата или моралните принципи кои избираме да ги примениме.
Поставувајте прашања: Како што видовме, многу луѓе денес би сакале да ‚нѐ заведат со убедливи аргументи‘ (Колошаните 2:4). Затоа, кога ќе ни се изнесат убедливи аргументи, треба да си поставиме некои прашања.
Најнапред испитајте дали постои пристрасност. Кој е мотивот зад таквата порака? Ако пораката е полна со навреди и тешки зборови, која е нејзината цел? Кога ќе се тргнат настрана тешките зборови, каква е вредноста на самата порака? Исто така, ако е можно, обидете се да проверите какви личности се оние што го зборуваат тоа. Дали се познати по тоа што ја кажуваат вистината? Ако се користат некои „авторитети“, кои или какви се тие? Што Ви дава основа да мислите дека тоа лице — или организација или публикација — има стручно знаење или веродостојни информации во врска со темата за која станува збор? Ако осетите дека се апелира на чувства, запрашајте се: ‚Кога ќе се разгледа непристрасно, каква е вредноста на пораката?‘
Немојте само да го следите мноштвото: Ако сфатите дека она што го мислат сите не мора да значи дека е точно, тогаш ќе можете да најдете сила да размислувате поинаку. Иако можеби изгледа дека сите други размислуваат исто, дали тоа значи дека и Вие треба да размислувате така? Популарното мислење не е сигурен барометар за вистината. Низ вековите, секакви идеи биле општо прифатени, но подоцна се покажало дека биле погрешни. Сепак, сѐ уште постои склоноста да се следи мноштвото. Заповедта што е дадена во Излез 23:2 служи како едно добро начело: „Не се поведувај по мноштвото, за да правиш зло“.
Вистинското спознание наспроти пропагандата
Претходно спомнавме дека Библијата е сигурен водич за јасно размислување. Јеховините сведоци недвосмислено се сложуваат со она што Исус му го рекол на Бог: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Ова е така затоа што Бог, Авторот на Библијата, е ‚Бог на вистината‘ (Псалми 31:5).
Да, во оваа ера на софистицирана пропаганда, со доверба можеме да ѝ се обратиме на Божјата реч како на извор на вистината. На крајот, тоа ќе нѐ заштити од оние кои сакаат да ‚нѐ искористат со измамливи зборови‘ (2. Петрово 2:3).
[Слика на страница 9]
Проникливоста Ви овозможува да ги отфрлите информациите кои се неважни или заведуваат
[Слики на страница 10]
Испитајте дали е вистинито она што го читате или гледате
[Слика на страница 11]
Популарните гледишта не се секогаш сигурни
[Слика на страница 11]
Со доверба можеме да се обратиме на Божјата реч како на извор на вистината