Манипулирање со информации
„Со вешто и упорно користење на пропагандата, дури и рајот можете да им го претставите на луѓето како пекол, и обратно, најмизерниот живот како рај“ (АДОЛФ ХИТЛЕР, MEIN KAMPF).
СО РАЗВОЈОТ на средствата за комуникација — од печатачот па сѐ до телефонот, радиото, телевизијата и Интернет — драстично се зголеми приливот на пораки кои нѐ убедуваат. Оваа комуникациска револуција доведе до презаситеност со информации бидејќи луѓето се преплавени со безброј пораки кои доаѓаат од сите страни. Многумина реагираат на овој притисок со тоа што набрзина ги примаат пораките и ги прифаќаат без да ги испитаат или анализираат.
Препредениот пропагандист сака такви пократки патишта — особено оние кои го заобиколуваат рационалното размислување. Пропагандата го потпомага ова на тој начин што ги погодува емоциите, ја искористува несигурноста, ја користи двосмисленоста на јазикот и ги искривува законите на логиката. Како што потврдува историјата, ваквите тактики можат да бидат крајно ефикасни.
Историја на пропагандата
Денес зборот „пропаганда“ има негативен призвук и укажува на нечесни тактики. Меѓутоа, во почетокот тоа не било значењето наменето за овој термин. Изгледа дека зборот „пропаганда“ доаѓа од латинското име на една група римокатолички кардинали, Congregatio de Propaganda Fide (Собрание за пропагирање на верата). Овој одбор — скратено наречен Propaganda — го основал папата Гргур XV во 1622 година за да ги надгледува мисионерите. Постепено, секој обид да се рашири некое верување почнал да се означува како „пропаганда“.
Но, идејата за пропаганда не била родена во 17 век. Уште од древни времиња, луѓето ги користеле сите достапни средства за да шират идеологии или за да ја зголемат славата и моќта. На пример, уметноста служела за пропагандни цели уште од времето на египетските фараони. Овие цареви ги конструирале своите пирамиди за да создадат слика на моќ и трајност. И архитектурата на Римјаните послужила за политичка цел — за величење на државата. Општо земено, терминот „пропаганда“ добил негативно значење во I светска војна, кога владите почнале да играат активна улога во обликувањето на воените информации кои ги ширеле медиумите. Во текот на II светска војна, Адолф Хитлер и Јозеф Гебелс се покажале како врвни пропагандисти.
По II светска војна, пропагандата сѐ повеќе станувала главен инструмент за унапредување на националната политика. И Западниот и Источниот блок со сета сила воделе кампањи за да ги придобијат на своја страна широките народни маси кои сѐ уште не биле определени. Секој аспект од националниот живот и политика бил користен за пропагандни цели. Во последниве години, сѐ поголемото усовршување на пропагандните техники е очигледно во предизборните кампањи и во рекламите на тутунските компании. Ангажирани се таканаречени експерти и други предводници за да го прикажат пушењето како шармантно и здраво, а не како штетно за здравјето на луѓето, какво што навистина е.
Лаги, лаги!
Сигурно, најлесен трик за пропагандистите е да користат чисти лаги. На пример, да ги разгледаме лагите што ги напишал Мартин Лутер во 1543 година во врска со Евреите во Европа: „Тие ги трујат бунарите, убиваат, киднапираат деца . . . Полни се со омраза, огорчени, одмаздници, лукави змии, убијци, деца на ѓаволот кои касаат и прават штета“. А на што ги поттикнал таканаречените христијани? „Запалете ги нивните синагоги и училишта . . . И нивните домови [треба] сосема да се уништат и да се урнат.“
Еден професор по политички и општествени науки кој го изучувал тој период вели: „Антисемитизмот во основа нема никаква врска со постапките на Евреите и затоа нема никаква врска ниту со она што антисемитите го знаат за вистинската природа на Евреите“. Исто така, тој забележува: „Евреите биле синоним за сѐ што е лошо, така што секогаш кога ќе се случело некое природно или општествено зло, нормално било вината да се припише на неговиот наводно еврејски извор“.
Обопштување
Друга многу успешна тактика на пропагандата е обопштувањето на работите. На овој начин се прикриваат важни факти во врска со вистинските спорни прашања што се разгледуваат и честопати се користи за да се понижат цели групи луѓе. На пример, во некои европски земји често се слуша изразот „Ромите [или доселениците] се крадци“. Но, дали тоа е вистина?
Колумнистот Рикардос Сомеритис вели дека во една земја, таквите сфаќања предизвикале некакво „ксенофобично и честопати расистичко лудило“ против странците. Меѓутоа, се покажало дека, кога станува збор за деликвентни дела, подеднаква е веројатноста виновниците во една земја да бидат и од локалното население и странци. На пример, Сомеритис забележува дека анкетите покажале дека во Грција, „96 од секои 100 казниви дела извршуваат [Грци]“. „Причините за криминалот се економски и социјални“, забележува тој, „а не ‚расни‘.“ Тој ги обвинува медиумите за „систематско негување ксенофобија и расизам“ со тоа што даваат пристрасни извештаи за криминалот.
Ставање погрдни имиња
Некои луѓе ги навредуваат оние кои не се сложуваат со нив на тој начин што ја доведуваат во прашање личноста или мотивите наместо да се сосредоточат на фактите. Кога се даваат погрдни имиња, некоја личност, група или идеја добива негативна етикета која може лесно да се запамти. Оној што го прави тоа се надева дека таквата етикета „ќе се залепи“. Ако луѓето отфрлат некоја личност или идеја врз основа на негативната етикета наместо лично да ги одмерат доказите, тогаш стратегијата на оној кој ги дал погрдните имиња успеала.
На пример, во последниве години многу земји во Европа и надвор од неа беа погодени од силни негативни чувства против сектите. Овој тренд ги разбранува емоциите, создаде слика на непријател и ги зголеми постоечките предрасуди за религиозните малцинства. Во голем број случаи, зборот „секта“ стана етикета. „,Секта‘ е уште еден збор за ‚еретик‘“, напишал германскиот професор Мартин Криеле во 1993, „а некој еретик во Германија денес, исто како и порано, е [осуден на истребување] — ако не со оган . . . тогаш со уништување на угледот на личноста, со изолација и со економска пропаст“.
Институтот за анализа на пропагандата забележува дека „користењето погрдни имиња играло многу силна улога во светската историја и во нашиот индивидуален развој. На тој начин биле уништени репутации . . . биле испратени [луѓе] во затвор и народот бил излуден до степен да влезе во бој и да ги убива своите ближни“.
Играње со емоциите
Иако чувствата можеби се неважни кога станува збор за тврдења кои се поткрепени со факти или за логиката на некој аргумент, тие играат пресудна улога во убедувањето. Искусните публицисти апелираат на емоциите и си играат со чувствата толку вешто како што некој виртуоз свири на пијано.
На пример, стравот е една емоција која може да го замрачи просудувањето. И, како што е случај со зависта, со стравот може да се манипулира. Канадскиот весник The Globe and Mail од 15 февруари 1999, го даде следниов извештај од Москва: „Кога минатата недела во Москва три девојки извршија самоубиство, руските медиуми веднаш сугерираа дека тие се фанатични следбенички на Јеховините сведоци“. Забележете го зборот „фанатични“. Нормално, луѓето би се плашеле од некоја фанатична религиозна организација која наводно ги тера младите луѓе да се самоубиваат. Дали тие несреќни девојки навистина биле поврзани со Јеховините сведоци?
Globe продолжува: „Подоцна полицијата призна дека девојките немале никаква врска со [Јеховините сведоци]. Но, дотогаш московската телевизија веќе имаше лансирано нов напад врз оваа секта, кажувајќи им на гледачите дека Јеховините сведоци соработувале со Адолф Хитлер во нацистичка Германија — и покрај историските докази дека илјадници членови биле жртви во нацистичките логори на смртта“. Во мислите на погрешно информираната и веројатно исплашена јавност, Јеховините сведоци биле некој самоубиствен култ или соработници на нацистите!
Омразата е друга силна емоција што ја користат пропагандистите. Тешките зборови се особено ефикасни за да се разгори омраза. Изгледа дека постои речиси бескраен арсенал од валкани зборови кои ја шират и ја искористуваат омразата кон одделни расни, етнички или религиозни групи.
Некои пропагандисти ја искористуваат гордоста. Честопати можеме да забележиме дека се апелира на гордоста ако ги погледнеме клучните фрази како што се следниве: „Секој интелигентен човек знае дека . . .“ или „Човек со Вашето образование не може а да не види дека . . .“ Друга страна на апелирањето на гордоста е искористувањето на стравот да не изгледаме глупави. Професионалците во убедувањето се сосема свесни за тоа.
Слогани и симболи
Слоганите се нејасни изјави кои посебно се користат за да се изразат гледишта или цели. Заради нивната нејасност, лесно е да се сложите со нив.
На пример, кога има некоја национална криза или конфликт, демагозите можеби користат слогани од типот: „Мојата земја секогаш е во право“, „Татковина, религија, семејство“ или „Слобода или смрт“. Но, дали повеќето луѓе внимателно ги анализираат вистинските спорни прашања што се вклучени во кризата или во конфликтот? Или едноставно го прифаќаат она што ќе им се каже?
Во своите записи за I светска војна, Винстон Черчил забележал: „Потребен е само еден знак па овие мноштва мирољубиви селани и работници да се претворат во силни војски кои ќе се растргнат едни со други“. Понатаму забележал дека, кога ќе им се каже што да прават, повеќето луѓе реагираат без размислување.
Пропагандистот располага со голем асортиман симболи и знаци со кои ја пренесува својата порака — плотун од 21 куршум, воен поздрав, знаме. Може да се искористи и љубовта на родителите. Затоа, симболи како што се татковината, родната земја или матичната црква се скапоцени алатки во рацете на остроумниот убедувач.
Значи, препредената пропаганда може да ги парализира мислите, да го блокира трезвеното размислување и проникливоста и да ги наведе поединците да дејствуваат како маса. Како можете да се заштитите?
[Истакната мисла на страница 8]
Препредената пропаганда може да ги парализира мислите и да го блокира трезвеното размислување
[Рамка/слики на страница 7]
ДАЛИ ДЕЛОТО НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ Е ОД ПРОПАГАНДЕН КАРАКТЕР?
Некои противници ги обвинуваат Јеховините сведоци дека шират ционистичка пропаганда. Други, пак, изнесуваат обвиненија дека службата на Сведоците шири комунизам. Трети тврдат дека делото на Јеховините сведоци ги шири идеалите и интересите на „Американскиот империјализам“. Има и такви кои тврдат дека Сведоците се анархисти кои шират неред со цел да го променат општествениот, економскиот, политичкиот или правниот поредок. Очигледно, не можат да бидат вистинити сите овие противречни обвиненија.
Едноставната вистина е дека Јеховините сведоци не прават ништо од горенаведеното. Сведоците го извршуваат своето дело од верна послушност на налогот што им го дал Исус Христос на своите ученици: „Ќе ми бидете сведоци . . . до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Нивното дело е сосредоточено единствено и исклучително на добрата вест за небесното Царство — Божјето средство со кое тој ќе донесе мир на целата земја (Матеј 6:10; 24:14).
Оние кои ги набљудувале Јеховините сведоци не пронашле никаков доказ дека оваа христијанска заедница некогаш дејствувала како сила која го нарушува установениот ред на некоја земја.
Многу новинари, судии и други лица коментирале за позитивниот придонес што го дале Јеховините сведоци за околината во која живеат. Да разгледаме неколку примери. Откако присуствувала на еден конгрес на Јеховините сведоци, една репортерка од јужна Европа коментирала: „Овие луѓе имаат цврсти семејни врски, се учат да љубат и да ја следат својата совест која им вели да не им наштетуваат на другите“.
Друг новинар, кој претходно имал негативно мислење за Сведоците, изјавил: „Тие живеат примерен живот. Не ги прекршуваат мерилата за она што е морално и исправно“. Еден експерт за политички науки дал слична забелешка во врска со Сведоците: „Во односот кон другите луѓе тие покажуваат голема љубезност, љубов и благост“.
Јеховините сведоци поучуваат дека е исправно да се биде подложен на авторитетот. Како граѓани кои се послушни на законот, тие ги следат библиските мерила за чесност, вистинољубивост и чистота. Всадуваат добри морални начела во своите семејства и им помагаат на другите да научат како да го прават истото. Живеат во мир со сите луѓе, не се вклучуваат во разединувачки демонстрации или во политички револуции. Јеховините сведоци настојуваат да бидат примерни во послушноста кон законите на човечките виши власти, додека стрпливо чекаат Врховниот Авторитет, Суверениот Господ Јехова, да го обнови совршениот мир и праведната влада на оваа земја.
Во исто време, делото на Сведоците има образовен карактер. Користејќи ја Библијата како темел, тие ги поучуваат луѓето ширум светот да расудуваат за библиските начела и со тоа да стекнат исправни мерила на однесување и морален интегритет. Унапредуваат морални принципи кои го подобруваат семејниот живот и им помагаат на младите да се справат со предизвиците на кои наидуваат. Исто така, им помагаат на луѓето да соберат сила да ги победат лошите навики и да научат да живеат во слога со другите. Ваквото дело не би можело да се нарече „пропаганда“. Како што вели The World Book Encyclopedia, во средина каде што слободно циркулираат идеи, „пропагандата се разликува од образованието“.
[Слики]
Публикациите на Јеховините сведоци унапредуваат семејни вредности и високи морални начела
[Слики на страница 5]
Пропагандата која унапредува војни и пушење придонела за смртта на многу луѓе