Младите прашуваат . . .
Како можам да го направам успешен мојот престој во странство?
„Кога пристигнав на аеродромот, единствено што сакав беше да си одам дома ! . . Изгубив секаква желба за авантура и секаква радост за нови откритија. Со еден збор, имав поголема носталгија од кога и да е порано“ (Ута).
СТРАШНО е чувството да бидеш сосема сам во туѓа земја. Но, како што покажа претходната статија од оваа серија, многу млади луѓе одлучуваат да живеат во странство извесно време. Некои заминуваат за да стекнат образование или за да добијат посебно школување. Некои сакаат да научат јазик. Други, пак, едноставно сакаат да заработат пари. А некои се преселиле за да служат во странски земји каде што има потреба од проповедници на Царството.
Под претпоставка дека си во странство од мудри причини — причини кои ги земаат предвид твоите духовни потреби и целиa — што можеш да направиш за да се погрижиш твојот престој да биде успешен?
Биди одлучен да се адаптираш
Прво, мора да покажеш спремност да се адаптираш. Тоа не значи дека ќе треба да ги напуштиш твоите христијански начела или духовната рутина што си ја стекнал. Но, би можело да значи да се привикнеш на нови јадења, да научиш нови правила на однесување или да пробаш да ги правиш работите на поинаков начин. Овие нови обичаи можеби ќе бидат многу поинакви од начинот на кој си ги правел работите во твојата татковина. Но, овде можеме да ја примениме Исусовата заповед ‚да престанеме да судиме‘ (Матеј 7:1). Всушност, ниту една раса или култура нема право да се прогласи за супериорна во однос на другите (Дела 17:26). Исто како што постарите луѓе треба да избегнуваат да прават критизерски споредби помеѓу младите од минатото и денешните млади, така и младите кои се во странство треба да избегнуваат да прават критизерски споредби помеѓу таа странска земја и нивната татковина (Проповедник 7:10). Сосредоточи се на позитивните работи што има да ти ги понуди оваа нова земја и култура. Исто така, колку побргу ќе го научиш јазикот на оваа земја, толку побргу ќе почнеш да се чувствуваш како дома.
Апостол Павле успешно се адаптирал на различни култури додека го извршувал мисионерското дело заради тоа што бил спремен ‚на луѓето од сите видови да им стане сѐ‘ (1. Коринќаните 9:22). Таквиот сличен став ќе ти помогне да се адаптираш. Адријан е „о-пер“ која живее во Германија и помага како куќна помошничка во едно семејство во замена за стан и храна. Таа објаснува: „Морам да бидам многу флексибилна затоа што не можам да очекувам другите да се адаптираат на мене“.
‚Чувствувам носталгија!‘
Во текот на првите неколку седмици, не е необично да се чувствува тага и носталгија. Библијата покажува дека Јаков ‚копнеел по својот татков дом‘, иако бил во туѓа земја повеќе од 20 години! (Битие 31:30). Затоа, немој да се изненадиш ако понекогаш ти дојде да заплачеш. Се разбира, ако постојано размислуваш за она што си го оставил зад себе, ќе станеш уште потажен (Броеви 11:4, 5). Најдобар начин да ја совладаш потиштеноста е да се навикнеш на новата рутина и околина. Иако е добро да одржуваш контакти со своето семејство преку писма или преку телефон, ако пречесто телефонираш дома ќе ти биде потешко да се приспособиш на твојот нов дом.
Многу христијански млади сметаат дека најдобар лек за осаменоста е да се вратат на нивната духовна рутина (Филипјаните 3:16). Амбер се сеќава на првите неколку недели кога отишла во странство: „Ми беше тешко навечер, кога немаше што да правам, и затоа се обидов повеќе да учам или да читам книги“. Младата Рејчел, британска „о-пер“ во Германија, од лично искуство советува: „Веднаш ангажирај се. Веднаш почни да одиш на состаноци“. Во почетокот можеби ќе ти треба помош за да одиш на состаноците. Но, во христијанското собрание можеш да најдеш добри пријатели кои можат да бидат како „браќа и сестри и мајки“ (Марко 10:29, 30).
Учеството во христијанското евангелизаторско дело е исто така еден важен дел од добрата духовна рутина. Проповедањето нема да ти користи само духовно туку ќе ти помогне и да се привикнеш на новата култура и јазик.
Конечно, следи постојана рутина на молитва и лична студија. Тие се неопходни за да останеш духовно здрав (Римјаните 12:12; 1. Тимотеј 4:15). Од таа причина, Адријан, што ја спомнавме претходно, си понела библиска литература на својот мајчин јазик.
Да се живее со семејството каде што си сместен
Некои млади христијани однапред се договориле да живеат кај некое семејство верници додека престојуваат во странство. Иако од семејството каде што си сместен не може да се очекува да игра улога на родител, тие можат да бидат добро друштво и извор на духовно охрабрување (Пословици 27:17).
Сепак, неопходна е отворена комуникација со тоа семејство за да се задржи добар однос (Пословици 15:22; 20:5; 25:11). Амбер забележува: „Потребно е да имаш план за она што ќе треба да го правиш. Треба да знаеш што очекуваат твоите домаќини. И тие треба да знаат кои се твоите очекувања“. Дознај какви се правилата во домот на тоа семејство и во која мерка од тебе се очекува да учествуваш во секојдневните работи. Потребно е темелно да се дискутира за сѐ.
Твојата ситуација ќе претставува посебен предизвик ако, на пример, работиш за некое семејство кое не ги дели твоите верувања. Бидејќи тоа семејство можеби не го разбира твојот став за библиските начела, би можел да се најдеш во компромитирачки ситуации (Пословици 13:20). Кога од тебе ќе се бара да завршиш некои домашни работи, тоа може да дојде во судир со духовните обврски, како што е присуството на христијанските состаноци. Затоа, ако некои неизбежни околности те присилуваат да останеш со некое семејство кое не ги дели твоите верувања, тогаш треба да преземеш мерки на претпазливост.
Рејчел препорачува: „Погрижи се да знаат дека ти си христијанин. Најдобро е веднаш искрено да им го кажеш тоа“. Ако им ги објасниш своите религиозни и морални мерила, тоа ќе ти послужи како заштита. Исто така, треба јасно да му дадеш до знаење на твојот работодавач колку ти се важни христијанските состаноци и проповедањето. На крајот, мудро е да се погрижиш пред да почнеш да работиш писмено да се договориш за важните работи, како што е работното време, слободните денови и платата. Ова може да те поштеди од фрустрации подоцна.
Решавање на проблемите
И покрај тоа што ќе вложуваш големи напори, сепак би можеле да се појават проблеми. На пример, што ако домаќините бараат да си заминеш? Тоа може да биде разорно. Ако дојде до некакво недоразбирање, би можел да се обидеш отворено да разговараш со своите домаќини на еден смирен и разумен начин (Пословици 15:1). Биди спремен да ја признаеш и најмалата грешка што си ја направил. Можеби ќе се премислат. Ако не, ќе мораш да најдеш сместување на некое друго место.
За некои од проблемите што ќе се појават можеби ќе треба да побараш помош од некого. На пример, можеби ќе се најдеш во финансиски или здравствени проблеми. Од страв дека твоите родители ќе дојдат и ќе те одведат дома, може да се колебаш да им кажеш што се случува. Освен тоа, од нив те делат стотици километри и можеби не знаат што да прават во таква ситуација во туѓа земја. Меѓутоа, можеби старешините од локалното собрание имаат искуство во решавањето такви проблеми и ќе можат да ти дадат практичен совет. Исто така, ќе можат да ти помогнат да одлучиш дали за таа работа треба да дознаат и твоите родители.
Враќање дома
И покрај тешкотиите и предизвиците, животот во странство може да биде наградувачко искуство, особено ако одиш таму од причини кои се поврзани со духовноста. Се разбира, можеби ќе дојде време кога ќе треба да се вратиш дома. Андреас вели: „Со толку многу пријатни спомени — лошите спомени брзо се забораваат —ми беше многу тешко да си заминам“. Сепак, кога ќе се вратиш дома со новите ставови што си ги научил во странство, немој да очекуваш твоите пријатели или роднини во твојата татковина веднаш да го променат начинот на кој ги прават работите. Освен тоа, немој да ги нервираш со тоа што постојано ќе ги потсетуваш како се прават работите на друго место. Се разбира, ти ќе сакаш на сите да им раскажеш за твоите искуства, но немој да се нервираш ако сите не го делат твоето воодушевување.
Јасно, одлуката да живееш извесно време во туѓа земја треба да се сфати сериозно. Ако после дискусијата со твоите родители донесете одлука дека има добри причини да се преселиш, биди подготвен да се справиш со предизвиците на кои ќе наидеш. Како што е случај и со секоја друга голема одлука со која се соочуваш во животот, мудро е најнапред да ги пресметаш трошоците (Лука 14:28—30).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Дали да живеам во странство?“ што излезе во изданието од 8 октомври 2000.
[Рамка/слика на страница 31]
Мерки на безбедност
● Пасошот, парите и повратниот билет чувај ги на сигурно место.
● Направи фотокопија од пасошот и од дозволата за влез или визата, повратниот билет и другите важни документи. По еден примерок од овие фотокопии имај кај себе, а по еден примерок испрати им на твоите родители или пријатели дома.
● Секогаш имај го со себе телефонскиот број на твоите родители или пријатели дома и на семејството каде што си сместен.
● Задржи чесно однесување со припадниците на спротивниот пол, сеедно дали си во семејството каде што си сместен, на училиште, на работа или на други места.
● Научи барем некои основни зборови и фрази на јазикот што се зборува во земјата домаќин.
● Пред да заминеш, појди на лекарски преглед. Погрижи се да си земеш доволно лекови кои ти се потребни.
[Слика на страница 30]
Ако дојде до недоразбирања со семејството каде што си сместен, отворено разговарај за нив на еден смирен начин