ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/10 стр. 12-14
  • Дали да живеам во странство?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали да живеам во странство?
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Анализирај ги своите мотиви
  • Дали си подготвен?
  • Дознај ги фактите!
  • Донесување одлука
  • Како можам да го направам успешен мојот престој во странство?
    Разбудете се! 2000
  • Да се пресметаат трошоците на преселбата во богата земја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Што ако сме сиромашни?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Можеш ли да ‚прејдеш во Македонија‘?
    Нашата служба за Царството 2011
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/10 стр. 12-14

Младите прашуваат . . .

Дали да живеам во странство?

„Сакав да живеам на друго место“ (Сем).

„Едноставно бев многу љубопитен. Сакав да видам нешто ново“ (Марен).

„Еден близок пријател ми рече дека ќе биде добро за мене ако излезам од дома извесно време“ (Андреас).

„Копнеев по авантура“ (Хаген).

ДАЛИ некогаш мечтаеш да живееш во друга земја — макар само привремено? Секоја година, илјадници млади луѓе имаат токму таква можност. Во врска со своето искуство во странство, Андреас вели: „Многу би сакал повторно да го направам тоа“.

Некои млади се селат само привремено затоа што сакаат да заработат пари или да научат некој странски јазик. На пример, во многу земји се многу популарни „о-пер“ програмите. Со нив им се овозможува на младите странци да работат за некое семејство во одржувањето на домот во замена за храна и сместување, а своето слободно време можат да го користат за да го учат локалниот јазик. Исто така, има млади кои се преселуваат во странство за да добијат образование. Други, пак, се селат за да најдат работа и за да можат финансиски да им помагаат на своите семејства. А некои се селат затоа што не знаат што сакаат да прават откако ќе завршат со училиштето и затоа прават пауза во странство.

Интересно, но некои млади христијани се преселиле во земји каде што нема доволно евангелизатори, со цел да ја прошират својата служба. Која и да е причината за преселбата, живеењето во странство може да биде скапоцена лекција за да се стекне самостојноста на еден возрасен човек. Тоа може да ги прошири твоите хоризонти на полето на културата. Би можел да совладаш дури и некој странски јазик — а тоа ќе ги зголеми твоите изгледи да најдеш вработување.

Меѓутоа, животот во странство не е секогаш позитивно искуство. Сузана, на пример, поминала една година во странство преку размена на студенти. Таа вели: „Бев уверена дека ќе биде апсолутно фантастично од почетокот до крајот. Но, не беше“. Некои млади биле искористени или западнале во сериозни неволји. Затоа, пред да ги спакуваш куферите, би било мудро да седнеш и да ги разгледаш позитивните и негативните страни.

Анализирај ги своите мотиви

Разгледувањето на позитивните и негативните страни сигурно ќе вклучува да ги преиспиташ своите мотиви зошто сакаш да одиш во странство. Едно е да патуваш заради духовни интереси или за да ги исполниш семејните одговорности. Но, како што е случај со младите кои се цитирани на почетокот, многумина сакаат да се преселат едноставно затоа што сакаат авантури, поголема слобода или добро да се забавуваат. Не мора да значи дека тоа е секогаш погрешно. Па, Проповедник 11:9 ги охрабрува младите ‚да се радуваат за време на својата младост‘. Меѓутоа, 10. стих предупредува: „Отстрани ја лутината од своето срце и отстрани го лукавството [неволјата, NW] од своето тело“.

Ако твојот мотив за да се преселиш во друга земја е да ги избегнеш ограничувањата што ти ги поставуваат родителите, можеби си бараш ‚неволја‘. Се сеќаваш ли на Исусовата парабола за расипничкиот син? Во неа се зборува за еден млад човек кој себично отпатувал во странство, очигледно за да има поголема слобода. Меѓутоа, наскоро го снашла неволја и тој останал гладен, осиромашен и духовно болен (Лука 15:11—16).

Исто така, има и такви кои сакаат да се преселат за да ги избегнат домашните проблеми. Но, како што пишува Хајке Берг во својата книга What’s Up (Што се случува), „ако сакаш да си заминеш само затоа што си несреќен . . . и мислиш дека сѐ ќе биде подобро на некое друго место — немој да се надеваш на тоа!“ Навистина, подобро е отворено да се соочиш со проблемите. Ништо нема да постигнеме ако бегаме од ситуациите кои не ни се допаѓаат.

Други опасни мотиви се алчноста и материјализмот. Поттикнати од желба за богатство, многу млади негуваат претерани, нереални замисли во врска со тоа каков е животот во индустријализираните земји. Некои си мислат дека сите луѓе што живеат на Запад се богати. Но, тоа воопшто не е вистина. Откако ќе се преселат, многу млади откриваат дека живеат во непозната земја, борејќи се да излезат од сиромаштијата.a Библијата опоменува: „Љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:10).

Дали си подготвен?

Треба да се разгледа уште еден фактор: Дали навистина си доволно зрел за да се справиш со тешкотиите, проблемите и конфликтите што ќе се појават во странство? Веројатно ќе треба да живееш со цимер или со некое семејство и да се привикнеш на нивната рутина. Затоа, во какви односи си со своите домашни сега? Дали твоите родители се жалат дека се безобѕирен и себичен? Дали си премногу пробирлив во јадењето? Колку си спремен да го направиш својот дел во работата низ дома? Ако овие работи ти претставуваат проблем сега, замисли си колку ќе ти биде потешко кога ќе бидеш во некоја странска земја!

Ако си христијанин, ќе можеш ли да ја одржиш својата духовност? Или, пак, твоите родители мораат постојано да те потсетуваат да не ја запоставуваш библиската студија, христијанските состаноци и проповедничкото дело? Дали ќе бидеш доволно духовно јак за да им одолееш на притисоците и на искушенијата што ќе се појават додека си во странство, со кои можеби нема да се соочиш во твојата татковина? На еден млад христијанин кој отишол во странска земја преку размена на студенти, уште првиот училишен ден му било кажано каде може да си купи дрога. Подоцна, една соученичка го викнала да излезат заедно. Во неговата татковина, ниедна девојка не би го покажала толку отворено својот интерес. И еден млад африканец кој се преселил во Европа забележува: „Дома никогаш нема да видиш неморални слики на јавно место. Но, овде ги има насекаде“. Преселувањето во странство би можело да води до духовен бродолом ако некој не е ‚цврст во верата‘ (1. Петрово 5:9).

Дознај ги фактите!

Пред да се преселиш, треба да ги знаеш сите факти. Не се потпирај врз информации од втора рака. На пример, ако размислуваш за некоја програма за размена на студенти, колку пари ќе чини таа? Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека честопати станува збор за илјадници долари. Исто така, треба да дознаеш дали школувањето што ќе го добиеш во странство ќе ти се признае и дома. Потоа, собери колку што можеш повеќе информации во врска со земјата — нејзините закони, култура и обичаи. Колкави се трошоците за да се живее таму? Кои даноци ќе треба да ги платиш? Има ли здравствени ризици за кои треба да размислиш? Можеби ќе ти биде од помош разговорот со луѓе кои живееле таму.

Потоа, тука е и прашањето за храна и стан. Домаќините на студентите кои дошле со размена обично не очекуваат материјален надомест. Па сепак, престојот со лица кои не ги почитуваат библиските начела може да предизвика многу стресови и напнатост. Една алтернатива може да биде да живееш кај пријатели или роднини. Но, внимавај да не им станеш товар — дури и ако те убедуваат да останеш кај нив. Ова би можело да предизвика напнати, па дури и лоши односи со нив (Пословици 25:17).

Ако планираш да заработиш пари додека си во странство, не заборавај ја твојата христијанска обврска да покажеш послушност кон световните власти (Римјаните 13:1—7). Дали законот дозволува да работиш во таа земја? Ако да, под кои услови? Ако работиш илегално, можеш да го компромитираш твојот углед како чесен христијанин и да останеш без основните права на заштита, како што е осигурувањето во случај на несреќа. Дури и ако станува збор за легална работа, треба да бидеш претпазлив и остроумен (Пословици 14:15). Безобѕирните работодавачи честопати ги искористуваат странците.

Донесување одлука

Значи, јасно е дека одлуката да се преселиш во странство е сериозна — и не треба да ја сфатиш површно. Седни заедно со своите родители и внимателно разгледајте ги очекуваните користи и можните опасности. Потруди се да не дозволиш твојата воодушевеност да ја прегази проникливоста. Биди искрен кога ги анализираш своите мотиви. Внимателно слушај што имаат да кажат родителите. На крајот на краиштата, тие сѐ уште ќе чувствуваат одговорност за тебе, дури и ако си стотици километри оддалечен од нив. Веројатно ќе ти треба нивната финансиска помош за да преживееш.

Кога ќе ги разгледаш сите работи, можеби ќе испадне дека не е мудро да се преселиш — барем засега. Тоа можеби ќе те разочара, но има многу други возбудливи работи што можеш да ги направиш. На пример, дали ја истражи можноста да посетиш некои интересни места во твојата земја? Или, зошто не почнеш да учиш некој странски јазик? Со текот на времето, можеби ќе ти се укаже прилика да отидеш во странство.

Но, што ако одлучиш да се преселиш? Статијата во нашето следно издание ќе дискутира за тоа како можеш да го направиш успешен твојот престој во странство.

[Фуснота]

a Види ја статијата „Да се пресметаат трошоците на преселбата во богата земја“ во изданието на Стражарска кула од 1 април 1991, издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 13]

Некои млади се селат за да го унапредат делото на проповедање на Царството

[Слика на страница 14]

Разговарај со своите родители во врска со користите и опасностите од селењето

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели