Да се пресметаат трошоците на преселбата во богата земја
ВООБИЧАЕНА сцена во конзулатите ширум светот во развој: чекална преполна со луѓе кои со трема го очекуваат својот разговор. Врз основа на тој краток но важен разговор, ќе биде одредено дали ќе добијат виза за некоја индустријализирана земја на Запад. Многумина мислат дека тоа ќе им биде билет кон просперитет. ”Работам напорно веќе четири години, и не можам да си купам ниту радио“, се жалел еден младич од Западна Африка. ”Да бев во Англија или Соединетите Држави, досега ќе имав кола и свој стан”.
Не е тешко да се сфати зошто многумина во сиромашните земји во развој имаат вакви чувства. За нив тешко се наоѓа работа и платата е ниска. Инфлацијата ги нагризува заштедите. Становите се оскудни и пренатрупани. Луѓето носат облека која ја фрлаат оние во побогатите земји. Повеќето се чувствуваат заробени во економскиот жив песок.
А колку само повикува богатиот Запад! Еден млад човек од Сиера Леоне рекол: ”Некои кои отишле во странство, се враќаат и ни кажуваат приказни кои ни даваат храброст да одиме и ние и да ги видиме индустријализираните земји. Велат дека мораш многу да работиш, но дека добро се заработува за да можеш да се издржиш и дури да си купиш некои луксузи, како на пример кола. И ако се вратиш овде со две илјади долари, можеш да почнеш некој бизнис и да се ожениш“.
Не е за изненадување што некои Божји слуги слично размислуваат. Една сестра од Африка рекла: ”Ние младите во Божјата организација слушаме разговори за тоа како убаво напредуваат оние кои отишле во странство. Затоа понекогаш самата се прашувам: ’А јас? Зошто јас овде страдам? Дали да одам или да останам?‘“
Ако живееш во сиромашна земја, можеби и ти се прашуваш дали една селидба би ти го подобрила квалитетот на животот. Меѓутоа, имигрирањето во некоја странска земја е огромен потфат, скап и сериозен чекор. Може да вклучува учење на нов јазик, стекнување на нови работни способности, прилагодување на нова култура, поднесување на предрасудите коишто многумина ги имаат спрема странците, и учење на еден потполно нов начин на живот. Сепак, многу христијани биле многу успешни и се докажале како вистински богатства за собранијата во своите нови татковини, служејќи како примерни објавители, пионери, старешини и слуги помошници.
Меѓутоа, на сите не им оди добро. Притисоците и напнатостите на емигрирањето довеле до духовно пропаѓање на некои. Тогаш, очигледно е дека таква преселба не би требало да се направи без сериозно размислување во молитва. Библијата во Изреките 3:5, 6 советува: ”Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“. Да, ти сакаш да бидеш сигурен дека постапуваш во согласност со Јеховината волја (Јаков 4:13-15). И Исус дал практичен совет да ти помогне во тоа кога ги поттикнал своите слушатели да ’направат сметка‘ (Лука 14:28). Тоа вклучува повеќе од финансиско размислување. Тоа значи да се земат во предвид можните духовни трошоци на емигрирањето.
Реалностите на животот во странство
Пред да се селиш било каде, би требало да имаш добра реална идеја што да очекуваш кога ќе стигнеш таму. Ако е можно, претходно направи посета и самиот види какви се условите таму. Инаку ќе мораш да се потпираш на информации од втора рака. Библијата предупредува: ”Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15).
Некои сите информации за животот во Западните земји ги добиле преку филмовите и телевизиските програми. Затоа мислат дека таму сите се богати, возат нови коли и живеат во луксузен дом. Но, реалноста е сосема поинаква. Многу богати земји имаат алармантно ниво на сиромаштија, бездомници и невработеност. И многу од најсиромашните жители се токму новите имигранти. Еден службеник во амбасадата на САД во една сиромашна земја објаснува: ”Луѓето едноставно не разбираат колку е тешко да се сместат во Америка. Некои пишуваат писма дома, кажувајќи колку добро им оди, како купиле две коли и куќа, а заправо се мачат“.
Ситуацијата е слична и на други места. Господин Сар Сори е педагог од Западна Африка кој живеел и студирал во Лондон. Тој коментирал: ”Не е лесно да се преселиш од Африка и да се сместиш во Англија. Голем број емигранти живеат многу сиромашен живот. Можеш да видиш црти на тегоба на нивните лица. На некои им е тешко да присоберат 20 пени за да телефонираат. Често делат една соба со многу други, со само една мала греалка да се стоплат. Можат да добијат само бедни работни места, па дури и тогаш тоа не е доволно да си ги платат сметките. Оние кои ја напуштаат Африка за да ја избегнат сиромаштијата често одат на полошо во бедните делови на Европа“.
Финансиските притисоци кои го придружуваат сместувањето во една нова земја лесно можат да ја загушат духовноста на некого (Матеј 13:22). Навистина, напорната работа се препорачува во Библијата (Изреки 10:4; 13:4). Но многумина кои одат во странство се присилени да прифатат две или три работи за да ги постигнат своите финансиски цели — или само да врзат крај со крај. Или малку или воопшто не останува време за обожавање на Бог. Се занемаруваат христијанските состаноци, проучувањето на Библијата и споделувањето на библиската вистина со другите. Зборовите на Исус Христос се покажуваат трагично вистинити: ”Не можете да бидете робови на Бог и на богатството“ (Матеј 6:24, NW).
Притисоци врз моралот
Би требало исто така да размислуваш за моралната клима на твојата идна нова земја. Библијата ни кажува дека Лот избрал да живее во областа на Јордан. Од материјална гледна точка, неговата одлука изгледала мудра, зашто тоа ”било добро наводнето подрачје (. . .), како градината Јеховина“ (1. Мојсеева 13:10, NW). Меѓутоа, новите соседи на Лот биле ’тешки грешници против Јехова‘ — сексуални развратници! (1. Мојсеева 13:13, NW). За последица, ”праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконите дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа“ (2. Петрово 2:8).
Слично на тоа, селидба на Западот денес може да те изложи тебе и твоето семејство на притисоци врз моралот и на искушенија кои се посилни отколку во твојата татковина. Освен тоа, постарите луѓе можеби нема да бидат почитувани како што биле почитувани дома. Можеби не се придава важност на почитта спрема родителите. Соседите можеби малку се заинтересирани еден за друг. Колку можат ваквите притисоци да влијаат на тебе и на твоето семејство? Тоа е нешто за кое можеш да размислуваш во молитва.
Отсутни родители
Некои родители избрале да го остават семејството и сами да патуваат во странство. Нивниот план е да го земат семејството штом еднаш ќе се сместат или можеби се вратат дома со многу пари. Дали ваквиот договор е мудар?
Писмото ги обврзува родителите да ги обезбедат материјалните потреби на своите семејства, и во некои исклучителни случаи, еден родител можеби нема избор освен да работи во странство за да го обезбеди тоа (1. Тимотеј 5:8). Сепак, родителите исто така се обврзани да се грижат за духовните потреби на своите семејства. Божјата Реч вели: ”Вие татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку и понатаму воспитувајте ги во стега и во Јеховино усмерување на мислите“ (Ефесјаните 6:4, NW).
Дали може еден татко тоа да го прави делотворно ако е отсутен од своето семејство со месеци или години по ред? По сѐ изгледа, не. Затоа мораш да размислиш дали материјалните предности што ќе ги добиеш ќе бидат вредни за последиците што твоето отсуство ќе го има врз твоите деца. Не само тоа, имигрантите често откриваат дека не е толку лесно да се ”збогатат“ како што си мислеле. Ако имигрантот не е во состојба да ги плати патните трошоци на семејството, одделеноста може да се продолжи со години. А со тоа можат да настанат сериозни опасности за моралот. (Спореди 1. Коринтјаните 7:1-5.) Жалосно е да се каже дека некои во такви околности на искушение, подлегнале на сексуалниот неморал.
Доверба во Божјите припреми
Како што светските економски услови се влошуваат, добро е да се запамти дека Божјите слуги не треба да се плашат дека ќе бидат напуштени. Исус рекол: ”Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:31-33).
Јеховините сведоци денес им служат на интересите на Божјето Царство, ревносно проповедајќи ја добрата вест (Матеј 24:14; 28:19, 20). Кај повеќе сиромашни нации има голема потреба од проповедници на Царството. Особено постои потреба од зрели старешини и слуги помошници. Наместо да одат во економски напредните земји каде потребата не е толку голема, многумина избрале да останат во своите родни земји. Како им оди на некои од нив?
Алитија, од Западна Африка, која 30 години била во полновремената служба во својата родна земја, рекла: ”Имав прилика да живеам во странство. Причината зошто не останав таму беше што сакам да бидам со својот народ и роднините. Се радувам кога им помагам да ја учат вистината, за да можеме заедно да му служиме на Јехова. Ништо не сум пропуштила со тоа што сум останав овде, и не жалам за ништо“.
Винифред исто така живее во една африканска земја. Физичкиот квалитет на животот таму се вреднува како еден од најниските во светот. Но по 42 години пионерска служба, таа вели: ”Не е секогаш лесно економски да излезеш на крај. Сатана се труди да создаде потешкотии, но Јехова секогаш се грижел за мене и моите потреби“.
Во древно време Аврахам бил ”наполно уверен дека Он [Бог] е силен и да го изврши она, што го ветил“ (Римјаните 4:21). Дали и ти си уверен дека Јехова може да го исполни своето ветување и да се грижи за тебе ако интересите на Царството ги ставиш на прво место во твојот живот? Дали се согласуваш со псалмистот кој напишал: ”Законот на твојата [Божјата] уста е добар за мене, повеќе отколку илјада парчиња злато и сребро“? (Псалми 119:72, NW). Или можеби има потреба поцелосно да го примениш советот од апостол Павле? Во 1. Тимотеј 6:8 тој запишал: ”Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“. Дали може да биде мудро, не да се бара нова средина, туку да искористиш најмногу од онаа во која си сега?
Економските услови во многу земји можат да создадат сурови потешкотии за христијаните. Според тоа, ако после размислување за сите фактори кои се вклучени, едно семејство се одлучи да емигрира, другите нема да бидат критични (Галатјаните 6:5). Оние кои остануваат можат и понатаму да бараат помош од Јехова за да ги поднесат тешкотиите што ги носи овој систем, додека се радуваат на духовните благослови коишто Бог им ги дава. Запомни, наскоро неправдите и нееднаквостите на овој свет ќе бидат исправени под Божјето Царство. Тогаш ќе биде како што запишал псалмистот: ”Ти [Јехова] ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ живо“ (Псалми 145:16, NW).