За безбеден лет!
„Отприлика еднаш неделно се извршува евакуација на некој патнички авион“, вели еден извештај од USA Today. Иако во повеќето случаи се работи за помали инциденти или лажни тревоги, евакуирањето може да се изврши многу полесно ако обрнете внимание на следниве предлози:
● ОБЛЕЧЕТЕ СЕ СООДВЕТНО. Носете удобна облека во која можете слободно да се движите. Облеката треба да покрие колку што е можно поголема површина од кожата. Препорачливи се лежерни панталони и блузи со долги ракави. Носете облека од природни материјали, како што се памук, волна, тексас платно и кожа. Синтетиката, како што е вештачката свила, полиестерот и најлонот (особено трикотажата) можат да се стопат на повисока температура и да предизвикаат потенцијално тешки изгореници на телото и нозете.
● ПОДГОТВЕТЕ СЕ УМСТВЕНО. Размислете што би правеле во случај на опасност. Кога ќе седнете, веднаш погледнете каде се наоѓаат најблиските излези во случај на опасност, како пред така и зад Вашиот ред. Слушајте ги упатствата за безбедност што ги дава стјуардесата пред поаѓање. Разгледајте ја картичката за безбедност во која детално е опишано како тече евакуирањето.
● БЕЗ ПАНИКА. Ако се појави опасност, останете смирени и следете ги упатствата што ќе ги дадат членовите на посадата. Ако е потребна евакуација, упатете се кон најблискиот излез во случај на опасност, оставајќи зад себе сѐ што имате.
● ВНИМАТЕЛНО НАПУШТЕТЕ ГО АВИОНОТ. Скокнете со испружени нозе на скалата за лизгање — не седнувајте да се лизгате. Прекрстете ги рацете на градите. Нозете и стапалата нека Ви бидат споени и собујте ги чевлите со остри потпетици. Веднаш штом ќе се најдете на земја, тргнете се од авионот и внимавајте на возилата за прва помош.
Дали има корист од придржувањето за овие упатства? Да! „Не се фатални сите авионски несреќи“, вели весникот Intercom што го издава Сојузната управа за воздухопловство. Потоа додава: „Околу 50 проценти од сите фатални авионски несреќи се несреќи кои би можеле да се преживеат“.