Принудно слетување!
РАСКАЖАЛ СЕСАР МУЊОС
По пријатната посета на моето семејство во градот Монтереј (Мексико), бев спремен да се вратам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико Сити, каде што имам предност да служам. Беше недела, 1 декември 2002. Се качив на Летот 190, и авионот полета во 19.00.
ПО МИРНИОТ лет кој траеше нешто помалку од еден и пол час, авионот почна да се спушта. Одеднаш нагло се подигна, и сите се преплашивме од ужасната бучава што доаѓаше одоздола. Тогаш пилотот нѐ извести дека вратите на механизмот за слетување не се отвориле. Се заглавиле! Уплашени, некои патници почнаа да плачат. Други гласно се молеа. Се прашував што ли ќе се случи.
Пилотот нѐ информираше дека ќе мора да ги разлабави вратите на механизмот за слетување со тоа што ќе ги растресе. Затоа, додека летавме над Мексико Сити, околу еден час тој го маневрираше авионот нагло управувајќи горе-долу и лево-десно. Тоа беше полошо од кое и да е возење во луна-парк. Воопшто не беше забавно! Тогаш пилотот даде известување: „Жалиме што мораме да Ви соопштиме дека вратите не се отворија. Единствено што можеме да направиме е принудно да се спуштиме без механизам за слетување“. Сите се погледнувавме загрижено, мислејќи на најлошото.
Добивме упатства за принудно слетување. Ги собувме чевлите, тргнавме од себе сѐ што можеше да предизвика повреда и ја зазедовме положбата што ни ја препорачаа. Мислев дека сигурно ќе се урнеме на пистата! Во тој момент му се молев на Јехова Бог и почувствував голем мир (Филипјаните 4:6, 7).
Отсекогаш сум слушал дека, кога некој е пред смрт, му се враќаат сеќавања од неговиот живот и помислува: ‚Ах, да го направев ова или она‘. Во тој момент ми беше криво што не ѝ зборував за Царството на девојката што седеше до мене и решив дека, ако повторно ми се даде шанса, секогаш ќе ја користам секоја прилика да сведочам. Исто така, брзо се преиспитав дали добро сум му служел на Јехова.
Кога авионот почна да се спушта, видов противпожарни возила, амбулантни коли и многу луѓе што беа спремни да притрчаат на помош. Тогаш почувствувавме ужасно тресење и авионот удри во пистата со долниот дел. Додека се лизгаше, наоколу летаа искри поради триењето што се јавуваше помеѓу металната површина и асфалтот. Противпожарните возила на двете страни од пистата веднаш почнаа да го прскаат авионот со вода за да го изладат.
Конечно, по неколку моменти што беа многу мачни, авионот запре. Сите почнавме да аплаудираме затоа што бевме многу среќни и почувствувавме големо олеснување што пилотот успеа да се справи со таа опасна ситуација. Потоа ни рекоа веднаш да излеземе од авионот. Брзо отидовме на излезите и лизгајќи се по стрмните тобогани се најдовме на безбедно место, на тревата помеѓу пистите.
Стоејќи на безбедно растојание и тресејќи се од шок поради она што се случи, го гледав спуштениот авион легнат странично на пистата. За среќа, само неколку патници беа повредени, и тоа полесно. Во блиските амбуланти, другите добија медицинска нега поради шокот што го доживеаја.
Планирав да бидам дома во 21.00, но пристигнав четири часа подоцна. Со оглед на сѐ што можеше да се случи, бев благодарен што останав жив! Ова искуство ме натера да размислувам. Морав да се соочам со тоа колку е несигурен животот. Човек станува понизен кога ќе сфати дека може да изгуби сѐ само за неколку минути. Кога изгледа дека има мали шанси да преживеете, можеби ќе биде предоцна да го исправите својот живот или да направите повеќе добри дела за да стекнете подобро име пред Бог. Сега уште повеќе ја ценам приликата што ја имам мудро да го користам својот живот за да го исполнам секој ден со служба на мојот Бог, Јехова (Псалм 90:12).