Кога ќе умре некој близок
Во вторник навечер, 17 јули 2007 год., некаде околу седум часот, еден патнички авион се движеше по пистата на бразилскиот најфреквентен аеродром, во срцето на Сао Паоло. Авионот надлета еден автопат и се урна во едно складиште. Во несреќата загинаа околу 200 лица.
ОВОЈ случај, кој се смета за најголемата авионска несреќа во Бразил, ќе остане неизбришливо врежан во сеќавањето на оние што загубија некого од своите најмили. Клодет е една од тие што претрпеа таква загуба. Додека гледала телевизија, ја чула веста за уривањето на авионот. Во него бил и нејзиниот син, Ренато. Имал само 26 години. Планирал да се жени во октомври. Клодет очајно се обидувала да му се јави на мобилниот телефон, но никој не одговарал. Се струполила на подот и неутешно заплакала.
Анџи го изгубила својот свршеник во трагична автомобилска несреќа во јануари 1986 год. Кога ја чула веста, ја обзел шок. „Во почетокот не можев да верувам. Си мислев дека сум имала лош сон и дека, во еден момент, ќе се разбудам и ќе сфатам дека не било вистина. Се тресев и чувствував ужасни болки, како некој да ме удрил во стомакот.“ Анџи била во депресија следните три години. Иако поминале повеќе од 20 години од несреќата, таа сѐ уште се стресува кога ќе се сети на тој настан.
Невозможно е да се опишат со зборови силните чувства на шок, неверување, парализираност и очај што се јавуваат по една таква трагична, неочекувана загуба. Меѓутоа, дури и кога смртта на некој од најблиските не е толку неочекувана, како на пример, по долго боледување, болката сепак може да биде многу силна. Никој не е сосема подготвен за смртта на некој сакан. Мајка ѝ на Ненси умрела во 2002 год. откако боледувала долго време. Сепак, дента кога починала мајка ѝ, Ненси седнала на подот во болницата целосно обземена од шок. Ѝ се чинело дека животот повеќе немал никаква смисла. Поминале пет години, но таа сѐ уште плаче кога ќе се сети на мајка си.
„Луѓето никогаш не ја преболуваат загубата, туку само се навикнуваат на неа“, рекла д-р Холи Пригерсон. Ако ти починал некој близок, сеедно дали неочекувано или не, можеби се прашуваш: ‚Дали е нормално да жалам? Како да ја поднесам болката? Дали некогаш повторно ќе го видам починатиот?‘ Во следната статија ќе се задржиме на овие и на други прашања што можеби ги имаш.
[Извор на слика на страница 3]
EVERTON DE FREITAS/AFP/Getty Images