Писмо од Папуа Нова Гвинеја
Корален гребен во облаците
БЕШЕ вторник, пет часот наутро во Лае, Папуа Нова Гвинеја, а веќе стана спарно. Жена ми и јас се подготвувавме за пат. Требаше да посетиме една група Јеховини сведоци во Ленгбати, село кое се наоѓа во височините на планината Ролинсон, во провинцијата Моробе.
Нашиот лет со авионот, кој имаше четири седишта и еден мотор, траеше само 30-тина минути. На ваквите летови честопати седнувам до пилотот, а поради бучавата од моторот разговараме преку микрофон и слушалки. Покажувајќи на мерните инструменти на таблата пред нас, тој ми објасни зошто служат и се пошегува дека, ако му се случи нешто, јас ќе треба да управувам со авионот. Во истиот миг се сетив на она што му се случи на еден друг патувачки проповедник на Јеховините сведоци овде во Папуа Нова Гвинеја. Кога пилотот изгубил свест за време на летот, останале да кружат во воздухот приклучени на автоматско управување сѐ додека пилотот не се освестил и не успеал да слета. За среќа, нашиот лет помина мирно и без проблеми.
Летавме паралелно со планинскиот венец, а потоа нагло свртевме низ еден процеп во облаците и го надлетавме сртот на еден планински врв, кој беше само 100-тина метри под нас. На хоризонтот се појави селото Ленгбати, со своите начичкани куќички изградени од шумски материјали и покриви од дебел слој трева. Додека ја надлетувавме „пистата“, пилотот провери во каква состојба е и дали некои деца од селото можеби во тој момент играат фудбал на неа. Исто така, внимателно гледаше дали свињите ископале дупки од минатиот пат кога бил овде. Потоа, свртувајќи кон долината, рече: „Изгледа сѐ е во ред, ќе се обидеме да слетаме“. Правејќи круг, се спуштавме за да слетаме на кратката „писта“, која селаните ја издлабиле во планината и неодамна ја асфалтирале со искршен корален варовник ископан од една блиска планина.
Претходно, кога доаѓав во ова место, го гледав испуканиот корален варовник и се прашував колку, всушност, е стар тој планински венец. Сигурно биле огромни силите што го истуркале овој поранешен корален гребен долг стотици километри, кој испливал од океанот и се издигнал уште 4 километри во воздухот! Излеговме од авионот и застанавме на она што јас го нарекувам корален гребен во облаците.
Како и секогаш, селаните дотрчуваа од секој правец кога слушнаа дека доаѓа авион. Штом пилотот го исклучи моторот, еден човек се издвои од мноштвото и тргна кон авионот. Тоа беше Зун. Тој е еден од оние што имаат задача да се грижат за седмичната образовна програма во овој крај, која Јеховините сведоци ја спроведуваат насекаде во светот. Мештаните го знаат како чесен, искрен и доверлив човек. Тој отворено кажува дека станал таков кога почнал да ги применува библиските начела во својот живот. Откако се поздравивме, тргнавме со Зун и со другите Сведоци по едно мало патче низ планината. Децата одеа зад нас, расправајќи се кој да ни ги носи ранците.
Стигнавме до една мала дрвена куќичка што ја имаа направено локалните Сведоци за патувачкиот проповедник кој ги посетува на секои 6 месеци. Иако Папуа Нова Гвинеја е тропска земја, таму горе е прилично студено поради височината. Ноќе, кога ќе ја запалевме газиената ламба, честопати ги гледав облаците — кои попладнето полека се креваа од долината и лебдеа над планината — како навлегуваат во куќата низ штиците. Малку беше чудно што требаше да облечеме дебели палта и фармерки за да се стоплиме, а само неколку часа пред тоа се препотувавме на тропското сонце долу крај брегот.
Во средината на 1980-тите, еден човек од ова место ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци во Лае. Кога се вратил во селото, тој и неколкумина други направиле едно мало куќиче во кое сакале да одржуваат состаноци. Се гордееле со него, но свештеникот од локалната лутеранска црква и неговите приврзаници го запалиле, и тоа изгорело до темел. Подметнувачите на пожарот гордо изјавиле дека тој крај им припаѓа само на лутеранците. И покрај постојаното противење, Сведоците изградиле друг објект за состанување, а нивниот број постојано растел. Сега има околу 50 активни објавители на добрата вест. Некои од оние што во минатото се противеле на делото на Сведоците, денес и самите ревносно учествуваат во него.
Селаните честопати имаат посети од Јеховините сведоци, кои ги поучуваат за Библијата. Иако само малкумина во селото знаат да читаат, повеќето од локалните Сведоци научиле да читаат за да им ја пренесуваат и на другите пораката од Библијата. Повеќе од 200 души доаѓаат на состаноците што секоја седмица се одржуваат во нивната Сала на Царството.
Бидејќи во тоа место нема струја, навечер се собиравме околу огништето во кујната. Заедно јадевме, разговаравме и се смеевме. Нежно осветлени од огнот, насмеаните лица на нашите пријатели зрачеа од радост затоа што му служат на Јехова. Како што ноќта полека одминуваше, еден по еден почнаа да вадат од огнот бомбом, односно запален палмов лист. Се надеваа дека ќе гори доволно долго за да им го осветлува патот додека трчаат до дома по обраснатите патеки.
Додека се враќавме во куќичката, сфативме колку е тивко тоа место. Околу нас се слушаа само звуците на природата. Пред да си легнеме, фрливме уште еден поглед кон ѕвезденото небо и се чудевме колку ѕвезди се гледаа од таа височина.
Седмицата помина многу брзо, и веќе го чекавме авионот повторно да дојде следниот ден. Поминавме уште една студена ноќ во облаците на Ленгбати, а потоа се вративме во горештината и влагата на брегот.