Коралниот гребен на Белизе — светско наследство
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО
„Со секое уништување или исчезнување на макар најмал дел од културното или природното наследство, губиме парче од наследството кое им припаѓа на сите народи во светот... Целата меѓународна заедница мора да се труди да го заштити културното и природното наследство кое е од непроценлива вредност за целиот свет“ (Извадок од Конвенцијата на светското наследство на УНЕСКО).
ВО СОГЛАСНОСТ со наведениве зборови, во 1996 година Резерватот на коралниот гребен на Белизе беше додаден на списокот на места кои се сметаат за светско наследство. На тој начин, му беше даден ист статус како на Мачу Пикчу во Перу, на Големиот кањон во САД и на други вакви чуда кои ги има насекаде во светот. Зошто овој корален гребен е „од непроценлива вредност за целиот свет“?
Наследство што вреди да се зачува
По големиот корален гребен во Австралија, коралниот гребен на Белизе е второ по големина подрачје во светот кое е богато со живи корали. Со својата должина од 300 километри, тој е најдолгиот гребен во западната полутопка. Се протега непосредно покрај Полуостровот Јукатан, што значи дека лежи паралелно на поголемиот дел од брегот на средноамериканската земја Белизе. Освен самиот гребен — всушност, низа од гребени — во овој резерват спаѓаат и околу 450 островчиња, како и три корални атоли, односно гребени во облик на прстен во кои се сместени живописни лагуни. Седумте морски подрачја во овој резерват, со вкупна површина од 960 квадратни километри, се посебно заштитени со Конвенцијата за светско наследство.
Многу е важно да се зачуваат коралните гребени затоа што тие се дом на една четвртина од морските растенија и животни на Земјината топка. Во однос на биолошката разновидност, екосистемите во коралните гребени се на второ место во светот, веднаш по тропските прашуми. Меѓутоа, научниците предупредуваат дека во следните 20 до 40 години ќе бидат уништени 70 отсто од сите корали на оваа планета доколку луѓето не престанат на различни начини да ги загадуваат морињата и доколку не му стават крај на неконтролираниот туризам и на најразличните облици на уништување, како што е ловењето риби со користење на цијанид.
Во Резерватот на коралниот гребен на Белизе се регистрирани 70 видови тврди корали, 36 видови меки корали и 500 видови риби. Тој е живеалиште на многу загрозени морски животни како, на пример, желката карета, зелената и малата кафеава морска желка, како и на морската крава и на американскиот крокодил. Во врска со неверојатната разновидност на морскиот свет во овој гребен, Џулијана Робинсон, која се занимава со истражување на корални гребени, вели: „Коралниот гребен на Белизе нуди многу несекојдневни можности и за истражувачите и за туристите... Тој е еден од малкуте места што останаа во светот каде што може да се види природата во својот полн сјај, но, и покрај тоа, се наоѓа во голема опасност“.
Можеби најголема закана за коралниот гребен на Белизе претставува избелувањето на коралите, процес при кој разнобојните корали стануваат проѕирно бели. (Види ја рамката на 26. страница.) National Geographic News известува дека, истовремено со ураганот Мич, во 1997 и 1998 година, дошло до масовно избелување на коралите при што биле уништени 48 отсто од подрачјето покриено со живи корали. Која била причината за ваквото оштетување? Иако сѐ уште се истражуваат причините, една специјалистка за морски гребени, Мелани Мекфилд, вели: „Избелувањето на коралите прилично сигурно е поврзано со покачувањето на температурата на океаните... И ултравиолетовото зрачење предизвикува избелување, а во комбинацијата со првата причина, избелувањето е максимално“. За среќа, се чини дека коралниот гребен на Белизе полека-полека се обновува.a
Подводен рај
Кристално чистите води околу коралниот гребен на Белизе, чија температура просечно изнесува 26 Целзиусови степени, се вистински рај за нуркачите. Но, 90 отсто од ова подрачје сѐ уште не е истражено. Гребенот лежи на неколку стотина метри од Сан Педро, кој се наоѓа на островот Амбергрис Кеј, и оттаму лесно се стигнува до него. На шест километри југоисточно од Сан Педро се наоѓа морскиот резерват Хол Чан — плиток подводен парк со површина од осум квадратни километри, кој се протега како канал низ гребенот.
Едно од највозбудливите места за нуркање на Земјата е Блу Хол, заштитено светско наследство во овој резерват. Тоа се наоѓа на стотина километри од Белизе, во средината на Светилничкиот гребен. Ова место стана прочуено откако во 1970 година познатиот француски океанограф Жак Ив Кусто беше таму на експедиција со својот истражувачки брод Калипсо. Сместено среде тиркизното море, Блу Хол е живописно темносино карстно езеро, порабено со живи корали. Неговиот пречник изнесува околу 300 метри, а длабоко е над 120 метри. Пред да се покачи нивото на морето, овој геолошки феномен беше една сува подземна пештера, чиј таван подоцна се урна. Ѕидовите на Блу Хол вертикално се спуштаат до длабочина од околу 35 метри, а оттаму надолу, од испакнатите карпи висат огромни сталактити. Подводната глетка го одзема здивот, а видливоста изнесува 60 метри. Во Блу Хол нема скоро никакви морски животни освен ајкули. Нуркачите се предупредени постепено да се креваат од длабокото кон површината поради големиот притисок, а не се препорачува да нуркаат неискусни лица. Сепак, тие може да уживаат додека нуркаат во кристално чистите води во непосредна близина на овој корал.
Недалеку одовде се наоѓа уште едно од седумте места во овој резерват кои спаѓаат во светско наследство — Мун Кеј, идиличен остров, прибежиште за реткиот црвеноножен ганет. Овде се забележани уште 98 други видови птици. Нуркањето покрај подводниот ѕид на Мун Кеј, кој е прекриен со прекрасни меки корали и се спушта до длабочина од 1.000 метри, претставува незаборавно искуство.
Како што можевме да видиме од оваа кратка посета на коралниот гребен на Белизе, има навистина добри причини да се зачува ова богатство за да му се воодушевуваат и следните поколенија. Ако го уништиме, тогаш навистина ќе ‚изгубиме парче од наследството кое им припаѓа на сите народи‘.
[Фуснота]
a Иако локалното население не може да стори многу во врска со глобалното затоплување кое е причина и за покачената температурата на морската вода, статусот на светско наследство што го доби овој корален гребен ги поттикна жителите на Белизе да прават нешто за да го зачуваат.
[Рамка/слики на страница 26]
Избелување на коралите
Коралниот гребен претставува жив ѕид од колонии на месојадни животни наречени корални полипи, кои имаат тврд оклоп од калциум карбонат, или варовник. Живите корали се ‚ѕидаат‘ врз мртвите скелети на претходните поколенија. Во ткивата на овие корали, во симбиоза со нив, живеат микроскопски алги (зооксантели), кои им даваат кислород и храна на полипите, а за возврат го апсорбираат јаглерод диоксидот што го испуштаат коралите. Бидејќи се чувствителни на промените на температурата на водата, полипите почнуваат да ги истеруваат алгите кога температурата се крева, и на тој начин го губат хлорофилот и изгледаат како да се избелени. Во ваква ослабната состојба, коралите се подложни на болести и лесно умираат. Сепак, коралните гребени не се предаваат и можат да се обноват ако се заштитат од уништување.
[Извор на слика]
Заднина: Copyright © 2006 Tony Rath Photography - www.trphoto.com
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
Мексико
БЕЛИЗЕ
Карипско Море
Тихи Океан
[Слика на страница 23]
Сателитска снимка на Белизе, на која се гледа коралниот гребен долг 300 километри
[Слика на страница 24]
Рандеву Кеј
[Извор на слика]
©kevinschafer.com
[Слика на страница 24]
Морска желка карета
[Слика на страници 24 и 25]
Блу Хол на Светилничкиот гребен, кое настанало кога се срушил таванот на една варовничка пештера
[Извор на слика]
©kevinschafer.com
[Слика на страница 25]
Коралниот гребен на Белизе е дом на 500 видови риби
[Извор на слика]
Вметната фотографија: © Paul Gallaher/Index Stock Imagery
[Извори на слики на страница 23]
Сателитска снимка: NASA/The Visible Earth (http://visibleearth.nasa.gov/); нуркачи: © Paul Duda/Photo Researchers, Inc.
[Извор на слика на страница 24]
Copyright © Brandon Cole