Запознајте се со австралиските пчели без осило
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ДАЛИ некогаш Ве опуштило релаксирачкото брмчење на вредните пчелички додека брзале од цвет на цвет во блескавата сончева светлина на раната пролет? Тие навистина се прекрасни инсекти. Само кога не би боцкале!
Можеби ќе се изненадите кога ќе дознаете дека има пчели кои не боцкаат. Тие се познати како австралиски пчели без осило и можат да се најдат во многу делови на источна Австралија. Овие пчелички се долги само 4 милиметри. Црни се и имаат густи бели влакненца на лицето и од двете страни на телото. Многу од нив имаат ситни жолти точкички на рабовите на грбот на средниот сегмент од телото. Барем десет видови пчели без осило можат да се најдат по крајбрежјето кое се протега од далечниот север на Квинсленд па сѐ до Нов Јужен Велс на југ. Некои се видени дури и во тропската Северна територија на овој континент.
Размислете колкава е користа за оние кои вадат мед од кошниците. Еден пчелар вели: „Кога работам со [други видови пчели] носам мрежа за заштита од пчели и џемпер со ролка, но не ми треба ништо за да се заштитам од [пчелите без осило]. Пет минути откако ќе го отворам сандакот, пчелите си работат како да не сум присутен“.
Улиштата на пчелите без осило се сосема поинакви од оние на другите пчели. Всушност, тие честопати се наречени гнезда. Наместо да го складираат медот и поленот во вообичаениот осмоаголен облик на саќето, пчелите без осило конструираат гроздови од овални кошнички. Откако ќе се наполнат тие се запечатуваат, а потоа се градат други кошнички врз или околу нив.
Во гнездото
Да прошетаме низ гнездото, кое е дом на околу 15.000 пчели без осило. Но, бидете внимателни затоа што, иако овие пчели не боцкаат, можат да ве каснат со своите вилици.
Додека минуваме низ ходникот на гнездото, се среќаваме со еден свет исполнет со активност. Овие пчели навистина работат тимски. Секоја од нив точно знае што да работи и каде треба да го сработи тоа. Здогледуваме една мала пчеличка која обликува и мазни една нова кошничка за мед, како прецизно да следи некоја совршена шема. Покрај нас има уште четири пчели кои запечатуваат една кошничка која штотуку се наполни со мед. Еден голем тродимензионален шпалир претставува рамка во која се прават кошничките за мед. Ова ремек-дело на инженерство помага да се издржи тежината на медот.
Сега влегуваме во следниот оддел и забележуваме една пчела која е многу поголема од другите. Ова е матицата во сиот свој раскош! Колку е убава, дотерана со своите блескави црни и златни прстени и опкружена со мноштво други вредни пчели! Сега матицата почнува да положува јајца во 60 ќелии кои се подготвени за неа. Колку е нежна и прецизна, нѐ потсетува на мајка која го става своето бебе во лулка! Исто така, забележете колку брзо работниците ги запечатуваат ќелиите зад неа. Поминаа само неколку минути и — работата е завршена.
Кога ќе се изведат јајцата
Кога ќе се изведат јајцата, секоја ситна ларва што ќе излезе ја јаде целата храна што е ставена во ќелијата подготвена за неа. Откако ќе порасне и восочната ќелија ќе ѝ стане тесна, ларвата си исткајува свилен кожурец. Во него ларвата станува пчела (минувајќи низ стадиумот на кукла). Подоцна излегува од кожурецот и се фаќа за работа — односно, откако ќе биде малку погалена од некои пчели дадилки. Што се случува со восочните ќелии? Веднаш се собираат и материјалот се преработува. Штом пчелите ќе излезат од куклите, куклите повеќе не се потребни. Ако се остават, само ќе се натрупаат во гнездото. Затоа, безброј пчели чистачки ги исфрлаат овие остатоци.
Многу видови пчели без осило произведуваат еден градежен материјал наречен церумен. Тој се добива од восокот што го лачи телото на пчелите во комбинација со смолата и восокот што го собираат од растенијата и од дрвјата. Церуменот се користи за да се направи рамка од столбови, греди и попречни врски, чиишто спојки се зајакнати. Додека ги прават кошничките за мед и полен во оваа рамка, пчеличките „се растрчуваат“ низ внатрешноста на кошничките, обликувајќи го и набивајќи го церуменот. Потоа ги полнат кошничките и ги запечатуваат за да се складираат. Изгледа дека пчелите инстинктивно ја знаат сезонската вредност на растенијата и опасностите од сезонските временски прилики. По сѐ изгледа, многу добро знаат дека собирањето и чувањето на храната е главен услов за преживување.
Пчелите го напуштаат гнездото и одат во потрага по градежен материјал, како и нектар и полен. Штом излезе од гнездото, пчелата станува квалификуван пилот и авијатичар. Исто така, пчелата знае што точно треба да собере и каде да го пронајде тоа.
Основање нов дом
Како што расте колонијата, гнездото се полни до максимум. Што се случува сега? „Ќе мора да изградиме друга куќа“, изгледа дека гласи пораката што се испраќа до целата фамилија. Повремено, еден единствен извидник ќе истражи некоја шуплина која може да биде погодно место за гнездо. Потоа доаѓа на ред посетата на „инженерите“. Обично од 30 до 50 од овие стручњаци ја испитуваат внатрешноста на шуплината во текот на неколку часа, како да ја одбележуваат со јажиња и колчиња. Потоа, откако ќе утврдат дека подлогата е добра, се враќаат дома, очигледно за да поднесат извештај. Тогаш, обично во рок од 48 часа, пристигнуваат вистинските „градежни работници“. Во екипата можеби има повеќе од илјада пчели — но не и матица. Веднаш се фаќаат за работа, пренесувајќи градежен материјал и храна од првобитното гнездо.
Во правењето подготовки за пристигнување на матицата во ова ново гнездо, леглото мора да се изгради така што ќе задржи соодветна температура — околу 28 Целзиусови степени. За да се постигне ова, пчелите работнички обложуваат околу гнездото еден ѕид од церумен, како да го завиткуваат гнездото во ќебе. Овие мудри пчели како да знаат дека јајцата мора постојано да бидат на топло. Сега сѐ е подготвено, и некаде во деветтиот ден се донесува новата матица, која се развила во првобитното гнездо. Веднаш почнува да полага јајца од кои ќе се добијат уште повеќе пчели за нејзината палата.
Постепено, пчелите кои се преселиле од првобитното гнездо ќе изумрат и ќе бидат заменети со нови, помлади пчели од овој нов дом. Со текот на времето, пчелите од ова гнездо ќе увидат дека е неопходно да изградат друг дом. И така почнува да се одвива уште еден зачудувачки циклус кој е смислен од еден ненадминлив Творец!
[Слика на страница 29]
Наместо да прават осмоаголно саќе, пчелите без осило прават гроздови од овални кошнички
[Слика на страница 30]
Во Австралија има најмалку десет видови пчели без осило