Радиоактивен отпад — причина за загриженост
ОТКАКО беа извршени проби на нуклеарно оружје во 1950-тите, во млечните заби беше пронајден стронциум 90 (Sr90), нуспроизвод од нуклеарните реакции, известува канадскиот весник Globe and Mail. Во тоа време тој беше обвинет за зголемената појава на рак кај децата.
Сега, откако поминаа неколку децении, научниците кои работат на Проектот за радијација и јавно здравје на САД повторно се загрижени. Д-р Џенет Шерман, која работи на овој проект и е специјалист по интерна медицина, објаснува дека „нивото на Sr90 во млечните заби кај децата родени по 1990 достигнува ниво кое постоело во текот на годините кога се вршеле површински проби“.
Од каде доаѓа Sr90? Некои научници велат дека можни извори би можеле да бидат минатите нуклеарни хаварии, радијацијата од нуклеарните централи кои функционираат исправно или, пак, пробите на бомбите што се вршеле пред многу години.a Од каде и да потекнува Sr90, луѓето го внесуваат во својот организам преку храната која содржи контаминирани растенија и млекото кое е добиено од крави кои јаделе озрачена трева. Бидејќи Sr90 е хемиски сличен на калциумот, кај луѓето овој радиоактивен материјал се складира во коските, а со тоа се зголемува ризикот да се добие рак на коските и леукемија.
Globe изразува загриженост и за идните генерации кои ќе бидат изложени на радијација. „Кога ќе се отстрани од јадрото на реакторот“, објаснува овој весник, „[нуклеарниот отпад] е околу милион пати порадиоактивен отколку кога бил ставен во јадрото. Се смета дека штотуку потрошеното снопче гориво е толку смртоносно што лице кое стои на оддалеченост од само еден метар од него ќе умре од труење од радијацијата за еден час.“
Заради тоа што врз човештвото се надвиснува заканата од радиоактивен отпад, дали е реално да се надеваме на една сигурна иднина? Во почетокот, кога биле создадени земјата и сите живи суштества на неа, Библијата ни кажува дека сѐ било „многу добро“ (Битие 1:31). Можеме да бидеме уверени во библиското ветување дека наскоро нашата планета ќе биде рај. Храната и водата контаминирани од радијација ќе бидат далечно минато (Псалм 65:9—13; Откровение 21:1—4).
[Фуснота]
a По хаваријата на нуклеарната централа во Чернобил (Украина) во 1986, нивото на Sr90 во млечните заби кај Германчињата се зголеми десет пати.
[Извор на слика на страница 31]
Фотографија: фотографија на U. S. Department of Energy