Го величам мирот наместо војната
РАСКАЖАЛА ДОРОТИ ХОРЛИ
Родена сум во 1919, во едно италијанско католичко семејство во Вилмингтон, (Делавер, САД). Моите родители никогаш не одеа на црковните служби, но ги испраќаа моите две сестри и мене. Бев импресионирана од импозантните цркви и од нивната сјајна архитектура, статуи и раскош.
КАКО што одминуваа годините, престанав да се интересирам за католицизмот. Црквата не ставаше акцент врз Библијата, која татко ми длабоко ја почитуваше и редовно ја читаше. Ме нервираа црковните билтени на кои беа наведени имињата на донаторите и паричните суми што ги приложиле. Кружеа и многу гласини за своеволните свештеници. Кога имав 15 години, престанав да бидам активен католик. Затоа имав повеќе време да се посветам на уметничко образование.
Уметничка кариера
Во 1940, кога имав 21 година, се омажив за Вилијам Хорли, млад човек што уживаше да црта сѐ што е поврзано со војската — авиони, војници, оружје, бродови. Бил се радуваше што сум сликар и ми ги купи првите маслени бои што ги имав. Почнав да ги учам техниките на старите мајстори.
По приближно две години брак, на Бил му стана хоби да прави воени минијатури од олово. Војници како играчки? Воопшто не! Тој сакаше да направи вистински уметнички дела. Други занаетчии работеа со пластика, дрво или гипс, но оловото одговараше на школувањето што Бил го имаше како машинист.
Тој ќе креираше некоја фигура, ќе направеше калап и потоа ќе ја излееше фигурата од олово. Со текот на времето стана многу вешт во составување на излеаните делови, калаисување, стружење и полирање. Подоцна премина од калапи од бел гипс на калапи од смеса што се користи во стоматологијата. Тоа му овозможи да работи на поситните детали.
Откако ќе се направеше секое парче од тврд метал, моја задача беше да ги направам завршните работи. Преку исцрпно истражување најдовме описи на стари воени униформи — сѐ до копчињата, ширитите, значките на чиновите и боите.
Со помош на лупа, нанесував масла и бои специјално наменети за бојадисување на метални површини. На овој начин нашите фигурички како да оживуваа. Во нашиот мал подрум во Филаделфија (Пенсилванија), создававме Индијанци, војници на Граѓанската војна, американски морнари, коњи и коњаници од времето на Наполеон, египетски мамелуци, алжирски зуави и други.
Потоа Бил доби покана од Поморскиот корпус на САД да направи репрезентација на првиот одред морнари што јаваа на коњи во Пекинг (Кина) пред 1939. Без прекин работевме на тоа и во 1954 му го подаривме на Смитсоновиот институт во Вашингтон (Д.К.). По неколку години, претседателот Линдон Џонсон праша дали ќе може да се пренесе во Белата куќа. Се разбира, ние се согласивме.
Никогаш не ги продававме нашите фигури, но Бил подари стотици од нив. Во многу книги за репродукции на војници бевме спомнати во пофално светло. Нашата работа беше изложена на Светскиот саем во 1965 во Флашинг Медоу (Квинс, Њујорк). Музеите ги бараа нашите репродукции. Брус Катон, историчар за Граѓанската војна во САД, употреби неколку наши диорами и фигури за да ги илустрира своите книги.
Сѐ повеќе прашања за животот
Меѓутоа, некаде во времето кога наполнив 40 години, работите во мојот живот почнаа да се менуваат. Почнав да си поставувам прашања во врска со Бог. Токму на Божиќ, пет деца на католици изгореа во пожарот што ја зафатил куќата додека нивните родители биле в црква. Размислував: ‚Како можеше Бог да дозволи тоа да се случи на неговиот роденден?‘ Видов една книга во која се раскажуваше за ѕверствата што биле извршени во холокаустот на Евреите. Овие и други страшни настани во светот ме натераа да се запрашам: ‚Каде е Бог? Тој не го прави она што би требало да го прави!‘
Од примерот на татко ми од порано, сметав дека одговорот мора да се наоѓа во Библијата. Затоа отидов во католичката епархија во близина на нашиот дом во Филаделфија и се договорив со еден свештеник да дискутираме за Библијата. Чекав и чекав, но тој не дојде. Секоја седмица во текот на четири седмици одев во епархијата, но ниту еднаш не разговарав со свештеникот.
Една вечер, во тажен очај, погледнав кон небото и се помолив: „Не знам кој си ти. Не знам со која религија си поврзан, но знам дека си таму. Те молам, дозволи ми да те запознаам!“ По кратко време, Јеховините сведоци дојдоа на мојата врата.
Одвреме навреме гледав како Сведоците ги паркираат своите автомобили, излегуваат од нив и одат на различни врати. Иако не знаев ништо за нив ниту, пак, зошто одеа кај луѓето, ме заинтригира нивната мисија.
Тој ден, во 1961, кога дојдоа Сведоците, бев депримирана поради тоа што не бев стигнала никаде со мојата потрага по Бог. Додека ја бришев влезната врата на мојата куќа, една средовечна жена по име Марџ Брион се искачи на тремот и ме поздрави. На почетокот не се свртев за да покажам дека сум ја забележала. Но, додека зборуваше за тоа дека земјата ќе биде преобразена во прекрасен рај, внимателно го слушав секој збор. На крајот ме праша: „Дали ме слушате?“
Повторив сѐ што рече таа, вклучувајќи го и библискиот стих што го цитираше од Исаија 55:11. Потоа се свртев, цврсто ја фатив за рака и реков: „Влезете внатре!“ Таа ми ја даде првата Библија и помошното средство за проучување на Библијата From Paradise Lost to Paradise Regained (Од изгубениот до повторно воспоставениот рај). Ми понуди и редовна дискусија за Библијата — токму онаква студија каква што се надевав дека ќе ми даде католичката црква.
Бидејќи проучував двапати седмично, брзо напредував со библиската студија. За кратко време ми беше јасно дека ја најдов вистината. Многу бев трогната кога го дознав Божјето име, Јехова (Осија 12:5, СП). Замислете си — тоа беше Богот што копнеев да го запознаам уште како дете! Исто така, научив дека неговиот Син, Исус Христос, не е мистичен дел од некое троедно божество (Јован 14:28). Наскоро одев и на христијанските состаноци на Јеховините сведоци и копнеев да бидам полновремен објавител на библиската порака.
Донесувам важни одлуки
Сега пред мене стоеше мојот најголем испит. Дали ќе ставам крај на уметничкиот тим на Вилијам и Дороти Хорли? Како можев да му служам на Богот на мирот и на неговиот Син, Кнезот на мирот, додека преку уметноста ја величав војната? (Исаија 9:6). Зарем Јехова не ветил дека ќе ги „прекрати војните до крајот на земјата“? (Псалм 46:9). Затоа, зошто да овековечувам нешто на што Бог ќе му стави крај? И зарем Исаија не пророкувал дека Божјиот народ ‚ќе ги прекова мечевите во плугови‘ и повеќе нема да се учи за војна? (Исаија 2:4). Долго и упорно размислував и се молев. „Не можам повеќе да ги сликам!“ одлучив. На 25 април 1964, го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода.
Бил честопати велеше дека му е жал што еден ден смртта ќе мора да нѐ раздели. Кога почнав да ја проучувам Библијата, му велев: „Бил, можеме да живееме вечно во Божјиот нов свет!“ (Исаија 25:8; Откровение 21:4, 5). Тој мислеше дека сум полудела. Кога му објаснив зошто повеќе не можам со чиста совест да сликам воени фигури, се разлути и се закани дека ќе ме напушти. Подоцна го стори тоа.
Многу години, Бил сам правеше воени фигури. Но, не се пресели многу далеку и секогаш нѐ поддржуваше мене и нашиот син, Крејг, кој се роди во 1942. Во 1988 Бил се врати и останавме заедно десет години, сѐ до неговата смрт.
Во меѓувреме, во 1966, ја постигнав мојата цел да станам пионер. Оттогаш никогаш не погледнав назад. Имав предност да ја проучувам Библијата со мојата постара сестра. Таа ги прифати библиските учења и до ден-денес е активен Сведок. Татко ми ја слушаше библиската порака и по две седмици почна да доаѓа на состаноците во Салата на Царството. Се крсти кога имаше 75 години и му беше верен на Бог сѐ до својата смрт, на 81 година. И мајка ми го прифати Јехова како свој Бог, иако умре пред да се предаде. Имаше речиси 94 години.
Низ годините, Богот на мирот, Јехова, многу ме благослови. Сега имам 81 година и сѐ уште сум пионер, иако имам проблеми со одењето. Се чувствувам исто како апостол Павле, кој напишал: „Благодарен сум му на Христос Исус, нашиот Господ, кој ми даде сила, зашто ме сметаше за верен, доделувајќи ми служба“ (1. Тимотеј 1:12). Колку само величествена служба беше тоа! Многумина од оние со кои ја проучував Библијата самите направија жртви за да му служат на нашиот милостив Бог.
Навистина ми е жал што на библиската вистина не се одѕва целото мое семејство. Можеби со текот на времето и други од нив ќе го направат тоа. Но, во мојот случај се покажаа вистинити Исусовите зборови дека неговите ученици ‚ќе добијат стократно сега, во овој временски период: куќи и браќа и сестри и мајки и деца‘ (Марко 10:30). Навистина, Јехова ме збогати. Колкава само чест и радост е да се отстапат славата и војната во замена за Бог и за мирот!
[Слика на страница 28]
Со генерал Л. К. Шепард, Помл., во 1954
[Извор на слика]
Фотографија на Одделот за одбрана (Поморскиот корпус)
[Слика на страница 29]
(Вистинска големина)
[Слика на страница 30]
На 81 година, пионер сум повеќе од 30 години