Победете ги падовите поставувајќи си цели
СТАНОТ во близина на аеродромот Лагардија во Њујорк е дом на Вилијам (Бил) Мајнерс и неговата сопруга, Роуз. Како љубезна домаќинка во своите средни 70-ти, Роуз весело го дочекува својот посетител. Внатре не може а да не се забележи удобната дневна соба која ја одразува нејзината ведра природа. Привлечниот цветен аранжман во близина на влезната врата и живописните слики на ѕидовите пренесуваат чувство на радост и животен елан.
Веднаш до дневната соба има една светла соба каде што 77-годишниот Бил лежи в кревет, потпрен на флексибилен душек. Кога го здогледува својот посетител, неговите љубезни очи блеснуваат и на неговите усни се разлева широка насмевка. Би сакал да стане, да го поздрави, да го прегрне, но не може. Со исклучок на левата рака, Бил е парализиран од вратот надолу.
Бидејќи се соочува со здравствени проблеми од својата 26-та година, запрашан е што му помогнало да се справува со болестите повеќе од половина век. Бил и Роуз весело се погледнуваат. „Не познаваме никој што е болен!“, вели Роуз додека нејзината искрена насмевка ја исполнува собата. Очите на Бил светкаат од задоволство; тој се насмевнува и кимнува со главата во знак на согласност. „Овде никој не е болен“, вели тој со својот засипнат глас, подзастанувајќи. Роуз и Бил разменуваат уште неколку весели забелешки и, за кратко време, во собата одѕвонува весела смеа. Јасно, љубовта што ја почувствувале Бил и Роуз еден кон друг кога се запознале во далечниот септември 1945, сѐ уште е жива. Бил повторно е запрашан: „Но, да зборуваме сериозно, со какви падови се соочивте? И што Ви помогна да излезете на крај и да задржите позитивен став кон животот?“ По малку нежно убедување, Бил се согласува да ја раскаже својата приказна. Следат извадоци од неколку разговори што Разбудете се! ги водеше со Бил и неговата сопруга.
Почнуваат падовите
Во октомври 1949 — три години откако се оженил со Роуз и три месеци откако им се родила ќеркичката Вики — Бил дознал дека има канцерозен израсток на една од гласните жици и туморот бил отстранет. По неколку месеци, лекарот го известил Бил за уште еден проблем — ракот го зафатил целиот грклан (ларинкс). „Ми рекоа дека, ако не се изврши ларингектомија — т.е. отстранување на целиот грклан — ми преостануваат уште две години живот.“
На Бил и Роуз им кажале каков ќе биде резултатот од операцијата. Гркланот, односно гласната кутија, се протега од коренот на јазикот до влезот на душникот. Во гркланот има две гласни жици. Кога низ овие гласни жици ќе проструи воздухот кој се издишува од белите дробови, тие вибрираат и се создава говор. Кога ќе се отстрани гркланот, горниот дел на душникот се поврзува со еден траен отвор кој се прави на предниот дел на вратот. По операцијата, пациентот диши преку овој отвор — но го губи својот глас.
„Кога го чув ваквото објаснување, бев гневен“, вели Бил. „Имавме ќеркичка, имав добро работно место, многу очекувавме од животот и сега сѐ што се надевав падна во вода.“ Но, бидејќи со ларингектомија можел да му се спаси животот, Бил се согласил да се изврши таа операција. „По операцијата“, раскажува Бил, „не можев да голтам. Не можев да кажам ниту еден збор. Бев нем.“ Кога Роуз го посетувала Бил, тој можел да комуницира единствено пишувајќи зборови во нотес. Тоа биле болни моменти. За да се изборат со ваквиот пад, тие морале да си постават нови цели.
Без глас и без вработување
По ларингектомијата, Бил не само што останал нем туку останал и без работа. Дотогаш работел во фабрика за машини, но бидејќи сега можел да диши само преку отворот на вратот, правот и испарувањата можеле да бидат опасни за неговите бели дробови. Требало да најде друга работа. Сѐ уште неспособен да зборува, тој се запишал на една школа за часовничари. „Беше слично на мојата претходна работа“, вели Бил. „Знаев како да се состават деловите на машините, а при изработувањето на часовници исто така се составуваат делови. Само што тие делови не тежат 25 килограми!“ Откако ја завршил школата за часовничари, нашол работа како часовничар. Една цел била постигната.
Во меѓувреме, Бил почнал да посетува и еден курс за зборување со помош на хранопроводот. Кога се зборува со помош на хранопроводот, звукот не се произведува со гласните жици туку со вибрации во хранопроводот, цевка која ја носи храната од грлото до желудникот. Прво треба да се научи да се голтне воздух и да се истурка во хранопроводот. Потоа контролирано се подждригнува. Кога излегува воздухот, тој предизвикува вибрирање на ѕидовите на хранопроводот. Ова произведува засипнат звук, кој со помош на артикулации со устата и усните се претвора во говор.
„Порано подждригнував само кога ќе се прејадев“, вели Бил со насмевка, „но сега морав да научам постојано да ждригам. На почетокот успевав да изговарам само по еден збор, на пример: ‚[Вдишувам, голтам, подждригнувам] Како [вдишувам, голтам, подждригнувам] сте [вдишувам, голтам, подждригнувам] денес?‘ Тоа не беше лесно. Мојот учител ми рече да пијам газиран безалкохолен пијалак од ѓумбир бидејќи газираното ќе ми помогне да ждригам. Затоа, секогаш кога Роуз ќе појдеше да се прошета со Вики, јас само пиев и ждригав, пиев и ждригав. Напорно работев да го постигнам тоа!“
Иако околу 60 проценти од сите пациенти кои имале ларингектомија не успеваат да научат да зборуваат со помош на хранопроводот, Бил напредувал. Вики, која тогаш имала речиси две години, несвесно го поттикнала на тоа. Бил објаснува: „Вики ми зборуваше и потоа ќе ме погледнеше, чекајќи одговор. Но, јас не можев да изговорам ниту еден збор за да ѝ одговорам. Таа продолжуваше да зборува, но повторно не добиваше одговор. Изнервирана, Вики ќе се свртеше кон мојата сопруга и ќе речеше: ‚Натерај го тато да ми зборува!‘ Нејзините зборови ме погодуваа и заради тоа бев одлучен повторно да зборувам“. На радост на Вики, Роуз и останатите, Бил успеал. Била постигната уште една цел.
Уште еден удар
Кон крајот на 1951, Бил и Роуз се соочиле со една нова дилема. Лекарите, стравувајќи дека ракот повторно ќе се појави, го советувале Бил да се подложи на терапија со зрачење. Бил се согласил. Кога завршило лекувањето, едвај чекал да си продолжи со својот живот. Ни на крај памет не му паѓало дека го очекува уште еден удар врз здравјето!
Поминала околу една година. Но, еден ден на Бил му се вкочаниле прстите. Потоа не можел да се качува по скалите. Кратко потоа паднал додека одел и не можел повторно да застане на нозе. Испитувањата покажале дека третманот со зрачење што бил применет кај Бил (кое во тоа време не било толку прецизно како што е денес) го оштетило ’рбетниот мозок. Му рекле дека состојбата ќе се влошува. Еден лекар дури му рекол дека шансите да преживее „се рамни на нула“. Бил и Роуз биле потресени.
Па сепак, во обид да се избори со овој пад, Бил поминал шест месеци во една болница за да се подложи на физикална терапија. Иако терапијата не го променила текот на неговата физичка болест, престојот во болницата го променил текот на неговиот живот — промена која на крајот водела до тоа да го запознае Јехова. Како се случило тоа?
Зајакнат кога ја разбрал причината за падовите
Во текот на тие шест месеци, Бил лежел во една еврејска болница во иста соба со 19 парализирани мажи — сите ортодоксни Евреи. Секое попладне овие луѓе дискутирале за Библијата. Бил, кој одел во баптистичка црква, само слушал. Но, кога излегол од болницата, веќе чул доволно за да заклучи дека Семоќниот Бог е само една личност и дека доктрината за тројството е во противречност со Библијата. Како резултат на тоа, никогаш повторно не стапнал во својата црква. Меѓутоа, чувствувал потреба од духовно водство за да се справи со падовите во животот. „Постојано го молев Бог за помош“, вели Бил, „и моите молитви беа одговорени.“
Една сабота во 1953, Рој Даглас, постар човек кој некогаш им бил сосед и чул за неволјата на Бил, наминал да го посети. Рој, кој бил Јеховин сведок, го запрашал Бил дали сака да ја проучува Библијата со него и Бил се согласил. Она што Бил го прочитал во Библијата и во книгата “Let God Be True”a (Бог нека биде вистинит) му ги отворило очите. Тоа што го учел ѝ го кажувал и на Роуз, па и таа се придружила на студијата. Роуз се сеќава: „Во црква ни велеа дека болеста е казна од Бог, но нашата библиска студија ни покажа дека тоа не е точно. Почувствувавме големо олеснување“. Бил додава: „Кога од Библијата ја дознавме причината за сите неволји, вклучувајќи ја и мојата болест, и откривме дека ќе има една подобра иднина, тоа ни помогна да ја прифатиме мојата состојба“. Во 1954, Бил и Роуз постигнале уште една цел. Двајцата се крстиле како Јеховини сведоци.
Уште приспособувања
Во меѓувреме, парализата на Бил толку се влошила што повеќе не можел да го задржи работното место. За да врзат крај со крај, Бил и Роуз ги смениле улогите: Бил останал дома со Вики, а Роуз почнала да работи во компанијата за изработка на часовници — каде што останала да работи цели 35 години!
„Грижата за нашата ќерка ми носеше голема радост“, раскажува Бил. „И малата Вики уживаше во тоа. Гордо, таа им кажуваше на сите што ќе ги сретнеше: ‚Јас се грижам за тато!‘ Подоцна, кога одеше на училиште, ѝ помагав во учењето и честопати си игравме. Освен тоа, имав добра прилика да ѝ дадам библиска поука.“
Присуството на христијанските состаноци во Салата на Царството било уште еден извор на радост за Бил и неговото семејство. Иако куцал, му требало еден час за да отиде од дома до Салата на Царството, но не пропуштал ниту еден состанок. Подоцна, откако се преселиле во друг дел од градот, Бил и Роуз купиле мал автомобил и Роуз го возела целото семејство до салата. Иако Бил можел да зборува само во кратки временски интервали, се запишал како студент во Теократската школа за служба. Бил објаснува: „Ќе го напишев мојот говор, а друг брат ќе го изнесеше. Откако ќе завршеше говорот, надгледникот на школата ми даваше совет за содржината на говорот“.
Различни лица од собранието му помагале на Бил редовно да учествува во проповедничкото дело. Оние кои ја забележале неговата оддаденост не се изненадиле кога Бил подоцна бил наименуван за слуга помошник во собранието. Потоа, кога му откажале нозете и парализата уште повеќе се засилила, бил принуден да остане во станот и на крајот останал врзан за постела. Можел ли да се избори со овој пад?
Задоволувачка разонода
„Бидејќи по цел ден бев дома, барав со што да се разонодам“, вели Бил. „Пред да се парализирам, многу сакав да фотографирам. Затоа размислував да се обидам да сликам, иако никогаш во животот немав насликано нешто. Исто така, јас сум деснорак, но целата десна рака и два прста од левата рака ми беа парализирани. Сепак, Роуз набави еден куп книги за сликарски техники. Ги проучив и почнав да сликам со левата рака. Многу мои слики завршија во печката, но конечно почнав да учам.“
Убавата збирка акварели која сега го украсува станот на Бил и Роуз покажува дека Бил успеал повеќе отколку што очекувал. „Пред отприлика пет години“, додава Бил, „толку почна да ми се тресе левата рака што морав да ја оставам четката засекогаш, но во текот на многу години ова хоби ми причинуваше големо задоволство.“
Една цел што му преостанува
Бил раскажува: „Поминаа повеќе од 50 години откако почнаа моите здравствени проблеми. Читањето на Библијата сѐ уште ми дава утеха, особено кога ги читам Псалмите и книгата Јов. Уживам да ги читам и публикациите на Watch Tower Society. Исто така, многу се охрабрувам кога членовите на нашето собрание и патувачките надгледници ме посетуваат и ми пренесуваат изградувачки искуства. Освен тоа, телефонски сум поврзан со Салата на Царството и на тој начин можам да ги слушам состаноците, а добивам дури и видеокасети со конгресните програми.
Благодарен сум што сум благословен со сопруга која е полна со љубов. Низ годините, таа ми беше близок другар. И нашата ќерка, која сега му служи на Јехова заедно со своето семејство, сѐ уште е извор на голема радост. Особено сум му благодарен на Јехова што ми помогна да останам близок со него. Денес, додека моето тело и мојот глас сѐ повеќе слабеат, честопати мислам на зборовите на апостол Павле: ‚Затоа не се откажуваме, но дури и ако човекот којшто сме однадвор се распаѓа, оној којшто сме однатре, сигурно се обновува од ден на ден‘ (2. Коринќаните 4:16). Да, да останам духовно буден сѐ додека сум жив — тоа и понатаму останува моја цел“.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.; сега повеќе не е во печат.
[Истакната мисла на страница 12]
„По операцијата не можев да голтам. Не можев да кажам ниту еден збор. Бев нем.“
[Слика на страница 13]
Бил и Роуз денес