Сида — епидемијата продолжува
КАРЕН израснала во западниот дел на Соединетите Држави.a Како Јеховин сведок, таа задржала високи морални мерила во својата младост. Во 1984, кога имала 23 години, се омажила за Бил, кој бил Сведок само две години. Биле благословени со две деца, син и ќерка.
До 1991 нивната љубов се продлабочувала и тие биле задоволни и среќни. Кон крајот на годината, кај Бил се појавила бела дамка под јазикот која никако не исчезнувала. Отишол на лекар.
После кратко време, Карен и децата ги собирале лисјата во дворот. Бил седнал на скалите од тремот и ја повикал Карен да седне покрај него. Ја прегрнал и со солзи во очите ѝ рекол дека ја сака и дека би сакал вечно да живее со неа. Тогаш, зошто биле солзите? Лекарот се сомневал дека Бил е инфициран од ХИВ, вирус кој завршува со СИДА.
Сите во семејството се подложиле на тест. Резултатите на Бил и Карен биле позитивни. Бил се инфицирал пред да стане Јеховин сведок и ѝ ја пренел инфекцијата на Карен. Резултатите на децата биле негативни. За три години, Бил умрел. Карен вели: „Не можам со зборови да искажам колку е тешко да гледаш како некогаш убавиот човек што го сакаш и со кој си имал намера да живееш вечно, полека се топи и станува коска и кожа. Плачев со ноќи. Тој умре три месеци пред десетгодишнината од нашиот брак. Беше добар татко и добар сопруг“.
Иако лекарот ѝ рекол на Карен дека наскоро и таа ќе умре, таа сѐ уште е жива. Инфекцијата дошла до раните стадиуми на СИДА.
Карен е само една од 30-те милиони луѓе кои денес живеат со ХИВ/СИДА, бројка која е повисока од вкупното население на Австралија, Ирска и Парагвај. Проценките покажуваат дека Африка има 21 милион вакви жртви. Според бројките на Обединетите нации, до крајот на овој век тој број би можел да се зголеми на 40 милиони луѓе. Еден извештај на ОН вели дека оваа болест им е конкурент на најголемите епидемии во историјата. Од сексуално активните возрасни во светот кои имаат од 15 до 49 години, секој стоти веќе е инфициран со ХИВ. Од нив, само секој десетти знае дека е инфициран. Во некои делови на Африка, инфицирани се 25 проценти од возрасните.
Откако започна епидемијата во 1981, се проценува дека од СИДА умреле 11,7 милиони луѓе. Проценето е дека само во 1997 умреле околу 2,3 милиони луѓе. Сепак, има некои нови причини за оптимизам во борбата против СИДА-та. Во текот на изминатите неколку години, во побогатите нации имаше помалку нови случаи на СИДА. Освен тоа, некои лекови кои многу ветуваат, даваат надеж за подобро здравје и подолг живот.
Како можете да се заштитите од СИДА? Какви се најновите развои во лекувањето и вакцинацијата? Дали оваа болест некогаш ќе биде совладана? Овие прашања ќе бидат одговорени во следните статии.
[Фуснота]
a Имињата се променети.