ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/12 стр. 19-23
  • Мојот живот како уметник

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мојот живот како уметник
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто почнав да сликам
  • Сништа и реалност
  • Добивам признание како уметник
  • Се сретнувам со Сведоците
  • Моето патување во Париз
  • Донесувам одлуки
  • Влијанието врз моето сликање
  • Акцент врз Библијата
  • Благослови како Божји слуга
  • Избрав подобра цел
    Разбудете се! 2010
  • Педесет години сликање на порцелан
    Разбудете се! 2000
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
Повеќе
Разбудете се! 2001
g01 8/12 стр. 19-23

Мојот живот како уметник

РАСКАЖАЛА ШИЗУКО КАВАБАТА

„Јеховините сведоци, прекрасни луѓе што ја објавуваат добрата вест во целиот свет“ беше насловот на една моја слика што беше изложена на една уметничка изложба во Версај (Франција) во 1999.

ПОМАЛКУ од една седмица пред да се одржи таа изложба, Јеховините сведоци во Франција дистрибуираа 12 милиони трактати низ целата земја и го свртеа вниманието кон неправедното постапување на владата кон нив. Јас добив специјална награда за мојата слика со која ги пофалував Сведоците. Потоа, оној што беше одговорен да ми ја врачи наградата, ми рече: „Вие имате храброст, но и јас имам храброст. Затоа Ви ја доделувам оваа специјална награда“.

Многу уметници се обидуваат да пренесат чувства и емоции во своите слики. Тоа се обидувам да го направам и јас. Го сликам она што го чувствувам и моите слики се ведри, ја одразуваат мојата радост и среќа. Кога бев дете ја открив радоста од комбинирањето на креативноста и сликањето.

Зошто почнав да сликам

Родена сум во 1920 година. Моите родители беа богати и живееја во Мориока (Јапонија). Мојата постара сестра и јас имавме учители што нѐ учеа јапонски танци, аранжирање цвеќе, церемонија на подготвување чај, кото (јапонска цитра), пијано, пеење итн. Го мразев сето тоа. Кога ќе дојдеа учителите, честопати бегав и се криев. Слугите мораа да ме бараат и да ме довлечкаат назад.

Мразев што лекциите беа строги. Луѓе што не сум ги сретнала никогаш порано одлучуваа како да танцувам, како да аранжирам цвеќе и како да служам чај. Се чувствував стегната, како да не постои начин да размислувам сама и да си поставувам лични цели. Но, кога сликав, никој не ми ѕиркаше зад грбот. Никој не ми кажуваше што да правам. Ја имав слободата што ја посакував.

Бидејќи немав учител по уметност, можев да бидам креативна и да импровизирам, и никој не ме критикуваше. Малку по малку станував сѐ посмела. Кога имав 12 години, почнав да ги земам свилените кравати на татко ми и да сликам директно на нив. Кратко потоа, на училиште почнавме да правиме фустани. Наставничката беше шокирана кога виде дека отсеков половина од предниот дел на фустанот и го заменив со бел материјал. Но, исто како татко ми, не рече ниту збор.

Сништа и реалност

Уште во основно училиште реков дека, кога ќе пораснам, ќе бидам уметник. Мојата цел не се промени и сакав да одам на универзитет да студирам уметност; но моите родители не ми дозволија. Рекоа дека во Јапонија, девојката што дипломирала уметност не би се сметала за прифатлива невеста. Затоа појдов на курс за домаќинство.

Ми се допаѓаше странската поезија и странските книги и многу ги читав. Меѓутоа, во тоа време тие беа критикувани како непријателска литература. Беше опасно дури и да се поседува таква литература. На училиште учев француски јазик пет години и мојата учителка беше Французинка, но во Јапонија условите толку се променија што се гледаше со сомневање дури и на интересот за странски јазици. Не ни беше дозволена слобода на говор.

Во 1943, додека беснееше II светска војна, бев поласкана кога чув дека еден човек ме избрал мене како евентуална сопруга откако разгледал 40 фотографии на млади жени на возраст за мажење. Подоцна дознав дека мајка му и нејзината пријателка дошле во нашето соседство тајно да ме видат. Потоа нивното семејство испрати до моето семејство формална понуда за брак и јас бев наговорена да ја прифатам. Човекот го сретнав само еднаш пред свадбата.

Откако се венчавме, животот секојдневно ни беше во опасност од силни воздушни напади и на крајот нашиот дом изгоре заедно со целиот град. Преживеаните бараа засолниште во планините, но дури и таму можевме да ги чуеме сирените и да ги видиме воените авиони. Беше страшно. Сите страдаа. И десетте години по војната беа многу тешки.

Освен нашите три деца, со нас живееше свекрва ми и шесте браќа и сестри на мојот сопруг. Иако имавме слуги, сите моравме да работиме на полињата за да се прехраниме. Во тој период бев многу тажна и заборавив да се смеам. Но, се плашев дека, ако ги искажам со зборови моите чувства, ќе бидам погрешно сфатена. Сепак, постепено открив дека би можела да ги изразувам чувствата преку уметноста.

Добивам признание како уметник

Дури и личност што е талентирана за уметност мора да вложи огромен напор пред да постигне вредни резултати. Купив учебници по уметност и учев кај повеќе врвни јапонски уметници. Никој од нив не ме советуваше да го променам стилот што веќе го развив во младоста.

Уметничките критичари почнаа да ги забележуваат моите дела, но јас сликав за мое лично задоволство а не за да им ги покажувам на другите моите слики. Но, со текот на времето почнав да се прашувам што мислат луѓето за моите слики. Затоа, во 1955, ја имав мојата прва изложба во Гинза, Токио. Беше со наслов „Безгласна борба, безгласен говор, мојот дневник“ и го изразуваше секојдневниот живот преку слики. Изложбата беше успешна.

Се сретнувам со Сведоците

Во 1958, нашето семејство се пресели во Токио бидејќи мојот сопруг и јас сакавме децата да одат во добри училишта и да го добијат најдоброто можно образование. Во центарот на мојот живот беше сликањето. Ми стана обичај да сликам околу пет часа на ден. Навечер излегував со моите пријатели уметници, а мојот сопруг излегуваше со други. Не знаевме да ги воспитаме децата.

Заради работата, мојот сопруг често не беше дома, па затоа воспитувањето на децата стана моја одговорност и јас изгубив доверба во себе. Кога бев дете одев во едно католичко мисионерско училиште и се прашував дали некаква библиска поука ќе биде од помош. Спроти нашата куќа во Омори (Токио), имаше една лутеранска црква и им предложив на децата да појдеме таму. Но, никогаш не појдовме во таа црква.

Наместо тоа, веќе следниот ден — во почетокот на 1959 — една жена Јеховин сведок дојде на нашата врата. Веднаш ги собрав децата и сите седнавме да слушаме. Таа ни објасни со помош на Библијата дека живееме во значајно време кога Бог наскоро ќе ја исчисти злобата од земјата. Нарачав четири Библии и библиска литература и спремно ја прифатив понудата да доаѓа секоја седмица за да нѐ поучува. Прашав колку ќе изнесува месечната школарина и се зачудив кога дознав дека Јеховините сведоци не наплатуваат за нивното поучување. Тоа беше сосема различно од сите учители што ги имав!

Моите ќерки спремно ги прифатија библиските вистини, па дури почнавме да имаме и редовна заедничка студија кај нас дома секоја седмица. Но, по неколку студии, почнав да се чувствувам непријатно. За мене студијата беше мачна, па затоа понекогаш се обидував да се скријам или да излезам кога беше време за мојата лична библиска студија.

Проблемот беше во тоа што сфатив дека сѐ што стои во Библијата е точно и дека треба да се подложам на нејзиното водство. Но, во исто време бев одлучна да станам добар уметник и сметав дека треба да продолжам слободно да размислувам за да бидам креативна. Немирот што го чувствував се одрази врз моите слики. Тие беа префрлени на задните места на изложбите.

Моето патување во Париз

Сметав дека една посета на Париз ќе ми помогне да се подобрам во сликањето. Така, во 1960 појдов таму бидејќи се одржуваше голема изложба со која на Франција ѝ беше претставена јапонската уметност. Јас бев единствената жена уметник од Јапонија. Во Париз ме восхити разликата во начинот на живот, облеката, сфаќањата, бојата — сѐ. Изложбата траеше четири дена и на мое изненадување на неа присуствуваа и државните лидери. Уште едно изненадување беше тоа што жените беа воодушевени од кимоното што го носев. Одлучив да останам подолго.

Не знаев како да ми испратат пари од Јапонија, па затоа почнав да ги продавам моите кимона. Така успеав да ги поминам следните три месеци проучувајќи ги делата што беа изложени во уметничките галерии. Честопати се потсетував на зборовите на уметникот чија слика на изложбата беше закачена до мојата. Тој рече: „Јас ја сликам светлината на сонцето. Вашите слики, нормално, се темни и црни затоа што сте под влијание на ориенталните филозофи“.

Една брачна двојка Јеховини сведоци од канцеларијата на подружницата во Париз дојде во мојот стан. По неколку посети, конечно се согласив да појдам со нив на еден христијански состанок. Кога отидов таму, ме зачуди она што го видов. Една госпоѓа носеше прекрасен шешир со широк раб. Друга носеше фустан во светло зелена боја. Облеката што ја носеа луѓето одразуваше осет за стил и добар вкус и затоа сосема го променив моето гледиште за Сведоците.

Бев импресионирана и од програмата. Кога видов дека истите процедури се следат насекаде во светот, со истите поуки, сфатив дека оваа група и нејзината активност не се нешто обично. Бев длабоко трогната бидејќи сфатив дека се поврзав со луѓе водени од Бог.

Донесувам одлуки

Кога се вратив во Јапонија, почнав сериозно да ја проучувам Библијата. Открив дека водството од нашиот Творец дава поголема слобода отколку што си мислев. Тој со љубов ни дал различни личности, како и различни таленти и слобода да ги негуваме. Затоа, сфатив дека, ако станам Јеховин сведок не значи дека ќе треба да се откажам од љубовта кон уметноста.

Моите ќерки и јас напредувавме во библиската студија. Едната ќерка го симболизираше своето предание на Јехова со крштавање во вода во 1961, а другата во 1962. Сѐ до денес тие верно му служат на Бог. Сепак, јас сѐ уште се колебав. Во 1965, Лојд Бери, кој во тоа време го надгледуваше проповедничкото дело на Јеховините сведоци во Јапонија, ме охрабри со зборовите: „Само помисли колку прекрасни слики ќе сликаат совршените луѓе во Рајот!“ Следната година се крстив.

Влијанието врз моето сликање

Кога ќе размислам, можам да видам како промените во мојот живот и во личноста влијаеја врз моето сликање. Моите први слики беа темни и мрачни, ја одразуваа болката, страдањето и безнадежноста што ги чувствував. Но, потоа од Библијата дознав за нашиот Творец, за неговите прекрасни особини, за среќата што доаѓа од фалбата за него и за исправните мерила според кои треба да живееме. Со промената на моите чувства, се променија и моите слики.

Сега минувам многу време редовно пренесувајќи им ја на другите библиската порака. Разговорот со луѓето за Божјите особини, како и за неговата прекрасна намера да ја претвори земјава во рај под владата на неговиот Син, Исус Христос, ми носи огромна радост и задоволство. Активноста темелена на Библијата ме стимулира и само треба да ја земам сликарската четкичка и да ги изразам моите чувства. И, како што мојата среќа постојано растеше низ годините, така и моите слики стануваа сѐ поведри.

Акцент врз Библијата

Добивам покани да ги изложувам моите слики во целиот свет — во Сиднеј, Виена, Лондон, Њујорк. Но, на моите слики најмногу им се восхитуваат Европејците. Експертите од Кралската академија на уметностите во Лувр (Париз), прашаа: „Како е можно една Јапонка да биде толку мотивирана од Библијата и од христијанството што нејзините слики изразуваат радост што со векови не се видела во религиозната уметност?“

Библискиот псалмист Давид ги изразувал своите чувства преку музиката и го користел својот музички талент да ги поучи другите за Божјите чуда. Јас ја имам истата цел. Сакам да го фалам Јехова. Имам силна желба луѓето да ја почувствуваат во моите слики радоста што може да се има кога се познава Јехова и неговите прекрасни особини. Еден уметнички критичар го рече следново за моите наслови: „Уметникот вешто ги избегнува сопствените зборови и објективно дозволува да зборува Библијата“. Воодушевена сум што луѓето ја препознаваат моќта на Библијата во моите слики.

Во 1995, Светскиот совет за уметност, кој е меѓународна уметничка организација со седиште во Токио, ми додели прва награда меѓу првокласните уметници во светот. Во врска со моите слики, советот извести: „Во своите наслови уметникот цитира зборови од Библијата . . . На сите нејзини слики е прикажана Библијата, но токму таков е животот на уметникот што оди со Бог“.

Горенаведеново беше осврнување на фактот што често вклучувам приказ на отворена Библија во моите слики. Неодамна комбинирав отпечатени страници од Библијата со моите слики. Затоа, окото на оној што гледа е привлечено да го види насловот што сум го одбрала, како и зборовите во Библијата, а потоа начинот на кој сум ги прикажала во сликите.

Во 1999, некои од моите слики беа изложени во Банкок (Тајланд). Една од нив беше наречена „Колку прекрасно Јехова Бог ја создал Земјата, давајќи му ја на човекот како живеалиште“, а друга „Молитвата на цар Давид: ‚Јехова, нека биде срцето на овој народ едно со тебе‘“. Бев поканета во палатата на тајландскиот цар заедно со уште неколку други уметници. Царот сакаше да дискутира со мене за моите слики и ми постави многу прашања. Можев нашироко да разговарам со него и да вклучам коментари за моите библиски темелени верувања. Потоа му подарив една слика.

Во изминатите 35 години, служев и во еден одбор за проценување на делата на другите уметници. Ги сакам сликите што изразуваат емоции. За мене е добра онаа слика што ми остава добар впечаток и ми дава внатрешен мир. Многу се восхитувам на сликите што се појавуваат во публикациите на Јеховините сведоци, кои ја исполнуваат својата цел верно да ја прикажат пораката од Библијата.

Благослови како Божји слуга

Како резултат на моето сликање, имав извонредни прилики да дадам сведоштво за Јехова Бог и за неговите величествени намери со Земјата. Ова беше случај во интервјуата за некои списанија и телевизиски емисии. Всушност, без оглед на тоа каде одам или со кого зборувам, се обидувам да им кажам на луѓето дека верата, радоста и среќата што доаѓаат од служењето на Јехова Бог ми овозможуваат да ги создавам моите слики.

Уверена сум дека, кога би се откажала од својата вера, не би можела да сликам онака како што сликам. Но, затоа што сум Јеховин сведок и затоа што вистината од Божјата реч ме исполнува со радост и среќа, можам да сликам.

[Слика на страница 22]

Кога бев во Париз

[Слика на страница 23]

Со моите две ќерки денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели