Педесет години сликање на порцелан
РАСКАЖАЛ АЛФРЕД ЛИПЕРТ
МАЈКА МИ сакаше да станам дрводелец. Но, мојот учител ја наговори да ми најде работа во фабриката за рачна изработка на порцелан, која се наоѓаше во близината на нашиот дом во Мајсен (Германија). Зошто беше толку упорен? Неговото остро око забележа дека имам дарба за цртање. Ја сакам мајка ми, но се радувам што учителот успеа да ја наговори. И така, на возраст од 14 години почнав да учам како да станам сликар на дел од најубавиот рачно изработен порцелан во светот.
Порцеланот се изработува во Мајсен речиси 300 години. Првата фабрика во Европа за производство на чист порцелан била отворена во 1710 година. Околу 30 години подоцна, фабриката отворила училиште во кое младите луѓе можеле да ја научат уметноста на сликање на порцелан. Токму во ова училиште, кое сѐ уште е отворено и со кое раководи фабриката за порцелан во Мајсен, ги направив моите први плашливи потези како сликар на порцелан.
Во ова училиште ги научив и финесите на цртањето и сликањето цвеќе, дрвја, животни и птици. Тие часови го положија темелот за мојата подоцнежна работа.
Глазиран или неглазиран?
Порцеланот е проѕирна керамика која може да се наслика на два основни начина. Може да се слика пред да се додаде глазура на керамиката. Но, неглазираниот порцелан е порозен и ја впива бојата, па затоа е потребна поголема концентрација кога се слика бидејќи повеќето грешки не можат да се поправат. Но, може да се нанесе боја и откако на порцеланот ќе му се стави глазура. Ваквото сликање цветни декорации стана моја специјалност. Оваа работа не вклучува само сликање туку и аранжирање посебни букети за секој порцелански предмет. Затоа, кога сликарот ќе научи да ги сосредоточи мислите и да не дозволи нешто да го деконцентрира, тој ќе научи да ја користи својата фантазија за да направи нешто убаво.
По неколку години сликање цветни декорации, конечно преминав на најтешката категорија — сликање живи суштества. На ова поле навистина се исплатеше моето поранешно изучување на сликањето животни и птици.
Највозбудлив предизвик
Сликањето животни, риби и птици претставува возбудлив предизвик затоа што секое суштество треба да изгледа живо, а не статично како што е цвеќето или дрвото. Уметникот треба да знае нешто за анатомијата и навиките на животните и птиците што ги слика. На пример, многу од сцените што ги сликам прикажуваат дивеч, вклучувајќи и елени со огромни рогови.
Кога треба да се научи нешто за животните, ништо не е подобро од личното набљудување. Пред неколку години планирав да насликам серија слики со риби и затоа купив домашен аквариум во кој ставив секакви видови риби. Заедно со мојата сопруга со часови седевме покрај аквариумот со риби, набљудувајќи ги движењата и навиките на секој вид риба. Дури откако добро ги запознав, почнав да сликам.
Што значи добар сликар?
Понекогаш пријателите ме прашуваат што значи да се биде добар сликар на порцелан. Јасно, сликарот мора да има уметнички талент, остро око и цврста рака. Но, потребно е и нешто повеќе. За да биде успешен уметник, човек мора да има исправен став кон себеси, кон својата работа и кон другите луѓе. Добриот сликар е мајстор кој учи да работи напорно за да ги подобри своите вештини. Тој знае дека, ако не се користи, вештината ќе се изгуби. Никогаш не престанува да учи бидејќи слуша што велат другите и го прифаќа нивниот совет.
И уште нешто. Искусниот уметник е свесен за желбите на муштеријата. Луѓето кои купуваат рачно изработен порцелан, не сакаат некој секојдневен предмет кој ќе го чуваат извесно време а потоа ќе го фрлат или ќе го заменат со друг. Муштеријата сака уметничко дело, предмет од културна вредност — нешто што го пленува погледот, го радува срцето и го збогатува животот на сопственикот. Сликарот се радува кога го дава својот дел во задоволувањето на ваквите желби.
Сликањето води до вера во Бог
Мојата работа како уметник ме поттикна подлабоко да ја испитам Библијата и да стекнам цврста вера во Бог. Како? Па, понекогаш работев со стручњаци за птици, цртајќи и сликајќи илустрации за книгите на кои работеа. Кога почнав да правам такви илустрации, верував во еволуција. Но, блиските контакти со неколку автори водеа до разговори во врска со потеклото на животот. Тие разговори го променија моето гледиште.
Ме изненади тоа што, иако сите стручњаци веруваа во еволуција, секој имаше своја теорија која честопати беше во противречност со теориите на другите стручњаци. Колку што можам да видам, нема една единствена теорија на еволуција. Затоа дојдов до заклучок дека, ако стручњаците не можат да најдат едно единствено објаснување на еволуцијата, како би можел да најде некој друг? За мене еволуцијата умре со природна смрт. Единствената алтернатива за еволуцијата е дека животот на земјата е производ на создавање. Така почнав да верувам во нашиот Творец.
Се радувам што луѓето денес уживаат во мојот труд и затоа се чувствувам задоволен. Никогаш нема да ја изгубам љубовта кон сликањето ниту љубовта кон порцеланот.
[Извор на слика на страница 13]
Слики на страници 12 и 13: Mit freundlicher Genehmigung der Staatlichen Porzellan-Manufaktur Meissen GmbH