Избрав подобра цел
Раскажал Пламен Костадинов
КОГА се разбудив, беше речиси пладне. Насекаде по подот беа расфрлени празни шишиња, а од преполните пепелници се ширеше непријатна миризба. Немаше ни трага од еуфоријата што владееше на забавата претходната вечер. Бев разочаран и осамен како никогаш порано. Сѐ ми изгледаше толку бесмислено! Да ви раскажам како западнав во ваква очајна состојба.
На 14 години веќе почнав да градам кариера како сликар. Беше лето, 1980 год. Татко ми само што ми кажа дека сум примен во средното ликовно училиште во Тројан (Бугарија). Бев многу среќен. Есента истата година, се преселив од мојот роден град Ловеч во Тројан.
Уживав што бев далеку од родителите и што можев да правам што сакам. Почнав да пушам и, одвреме-навреме, се опивав со школските другари. Во училиштето беше забрането пушење и пиење, и токму затоа ми беше уште повозбудливо да ги прекршувам правилата.
Мојата љубов кон уметноста и понатаму растеше. Се истакнував во цртањето и во мене се роди желбата за слава. Откако завршив со петгодишното школување во Тројан, образованието сакав да го продолжам на Ликовната академија во Софија. Ова беше најугледната школа во цела Бугарија. Во 1988 год., бев примен на академијата како еден од осумте кандидати избрани од целата земја. Бев многу горд на својот успех! Еден ден, се погледнав во огледало и самоуверено си реков: „Пламен, сега ќе станеш славен уметник!“
Како се обликуваше старата личност
Почнав да се облекувам во црно и пуштив брада и долга коса, како што прават сите уметници. Водев боемски живот, типичен за еден уметник. Изнајмив соба во една населба каде што обично живееја уметници и се погрижив таа да биде колку што е можно порастурена. Чував мачка со нејзините три маченца и едно кутре. Исто така, имав навика да се расфрлам со пари.
Сепак, мојата страст кон уметноста и понатаму растеше. Постојано правев слики со апстрактни мотиви на кои го претставував мојот имагинарен свет. Сликав дури и по ѕидовите од мојата соба. Мислев дека тоа е почеток на една славна кариера.
Составен дел од животот ми беа и честите забави со колегите од факултет. Обично се собиравме во мојата соба, слушавме музика и се опивавме, дури и кога спремавме испити. Водевме филозофски разговори за музиката, уметноста и за смислата на животот. Честопати зборувавме за натприродни сили и за вонземјани. Ваквите разговори ми ја будеа фантазијата и ми беа инспирација за сликањето. Сакав да уживам подолго во вакви еуфорични чувства, но тие траеја само додека бев пијан. Обично, следниот ден немаше ни трага од сета таа одушевеност.
Десетина години го туркав така животот, но се чувствував празно. За разлика од светлите бои на моите слики, внатре чувствував сѐ поголема темнина и осаменост. Почнаа да бледнеат моите соништа да станам славен уметник. Бев депримиран и не знаев што да правам со животот. Тоа е моментот за кој зборував на почетокот.
Вистината ме спаси
Во 1990 год., решив да поставам изложба во Ловеч. На изложбата ја поканив да учествува Јанита, една познајничка од академијата во Софија, бидејќи и таа беше од Ловеч. Кога изложбата заврши, јас и Јанита отидовме да прославиме во еден ресторан. Додека разговаравме, таа почна да ми зборува за она што го учеше од Библијата со Јеховините сведоци. Ми зборуваше за новиот свет претскажан во Библијата. Ова ја заскокотка мојата љубопитност.
Јанита продолжи да ја проучува Библијата во Софија и, одвреме-навреме, ми носеше библиска литература. Никогаш нема да заборавам колку желно ја читав брошурата Гледај, сѐ ново создавам! и како, за само неколку дена, ја прочитав книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.a Не ми беше тешко да прифатам дека Бог постои и веднаш сакав да знам како да се молам. Се сеќавам на мојата прва молитва. Клекнав на колена и искрено му кажав на Јехова што ме мачи. Бев апсолутно сигурен дека тој ме слуша. Наместо осаменост, почнав да чувствувам радост и мир.
Во Софија, Јанита ме запозна со еден брачен пар Јеховини сведоци. Тие ми предложија да ме поучуваат за Библијата и ме поканија на нивните состаноци. Се сеќавам на мојот прв состанок во јуни 1991 год. Стигнав два часа порано и чекав во едно паркче. Имав трема и многу сомнежи. Не бев сигурен како ќе ме примат. На мое изненадување, сите ме примија срдечно, и покрај мојот чуден боемски изглед. Оттогаш одев редовно на сите состаноци и ја проучував Библијата двапати седмично.
Бев возбуден кога ја добив мојата прва Библија. Никогаш порано немав прочитано нешто толку убаво и впечатливо како што е мудроста изразена во Проповедта на гората. Додека напредував со проучувањето, лично можев да ја почувствувам преобразувачката моќ на Божјата Реч за која се зборува во Ефешаните 4:23: ‚Обновувајте се во силата што го задвижува вашиот ум‘. Престанав да пушам и го сменив мојот неуреден изглед. Промената беше толку коренита што, еден ден, кога татко ми дојде да ме земе од железничката станица во Ловеч, ме одмина бидејќи не ме препозна.
Го средив и својот стан. Нередот во собата, насликаните ѕидови и смрдеата од цигари повеќе не ми беа стимул за мојата креативност. Имав силна желба да исчистам сѐ. Ги варосав ѕидовите, и така го избришав вонземјанинот со три очи што го бев насликал на ѕидот.
Излишно е да се каже дека моите пријатели наскоро ме напуштија, но нив брзо ги заменив со многуте луѓе што ги среќавав на христијанските состаноци кои и ден-денес ми се драги пријатели. Опкружен со такво позитивно друштво, почнав брзо да напредувам. На 22 март 1992 год., се крстив на првиот собир на Јеховините сведоци во Бугарија, кој се одржа во Пловдив.
Назад во Ловеч
Иако бев свесен дека е тешко еден уметник да заработува во мал град, решив, штом ќе дипломирам, да се вратам во Ловеч. Сфатив дека ќе ми биде тешко да градам успешна кариера како уметник и истовремено да го ставам Божјето Царство на прво место во животот. Затоа ги сменив своите планови. Се откажав од кариерата и почнав доброволно да ги поучувам другите за Библијата. Уште додека бев на Ликовната академија, Јанита, која дипломира три години пред мене, веќе ревносно ги поучуваше за библиските вистини луѓето во Ловеч. Таа беше единствениот Сведок во тоа место.
Кога се вратив во Ловеч, таму веќе имаше мала група од заинтересирани лица кои ја проучуваа Библијата со Јеховините сведоци. Ми беше вистинско задоволство да ги посетувам луѓето од куќа до куќа и да зборувам со нив за надежта што ја имам. Одлучив ова да го правам полновремено.
Меѓутоа, по извесно време настапи тежок период. Во 1994 год., нашата официјална регистрација како религиозна организација беше поништена и против нас се водеше обемна клеветничка кампања преку медиумите.b Честопати Сведоците беа повикувани во полициска станица, а нашата литература беше конфискувана. Во тоа тешко време, беше незаконски да се собираме на јавни места. Меѓутоа, редовно ги одржувавме нашите состаноци во куќата на Јанита, во една доградена соба од 12 квадратни метри. Еднаш, тоа сопче успеа да собере 42 души. За да не ги вознемируваме соседите, кога пеевме теократски песни, го затворавме прозорецот. Понекогаш, кога температурите беа високи, внатре стануваше жешко и спарно, но бевме среќни што сме заедно.
Благослови од Јехова
Бев восхитен од ревноста на Јанита за вистинскиот Бог и, со текот на времето, меѓу нас се роди љубов. Се венчавме на 11 мај 1996 год. Иако имаме различен карактер, многу убаво се надополнуваме. Таа ми е најдобар пријател и многу ми помага. Благодарен сум му на Јехова што ми даде жена која „вреди многу повеќе од бисери“ (Изреки 31:10).
Некои од моите поранешни пријатели станаа признати сликари, што некогаш беше мој сон. Но, среќен сум што избрав многу подобра кариера. Им помогнав на многу лица да најдат смисла во животот, и сега тие се мои духовни браќа и сестри. Славата или признанието што ќе ги имав како сликар не можат ни оддалеку да се споредат со благословите што ги имам затоа што му служам на Јехова. Среќен сум што за близок пријател го имам најголемиот Уметник, Јехова Бог.
[Фусноти]
a И двете се издадени од Јеховините сведоци. Книгата Живеј засекогаш повеќе не се печати.
b Во 1998 год., по поднесената жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, организацијата на Јеховините сведоци беше регистрирана во Бугарија.
[Слика на страница 12]
Со жена ми Јанита