ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/1 стр. 18-21
  • Лејф Ериксон — ја открил Америка?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Лејф Ериксон — ја открил Америка?
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Лејф Ериксон тргнува
  • Три нови земји
  • Какви докази постојат?
  • Што се случило со Нордијците?
  • Викинзите — освојувачи и колонизатори
    Разбудете се! 2001
  • Содржина
    Разбудете се! 2002
  • Достигнување на оддалечените населби на Гренланд
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Пловење според водата, небото и ветрот
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Разбудете се! 2002
g02 8/1 стр. 18-21

Лејф Ериксон — ја открил Америка?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ДАНСКА

КОЈ ја открил Америка? Никој не знае со сигурност. Одговорот многу зависи од тоа како се дефинираат термините „открива“ и „Америка“. Зарем ова огромно копно не било населено многу векови пред Европејците дури и да знаат дека постои? На почетокот на 1493, Кристифор Колумбо се вратил во Европа со извештаи од прва рака за своето прво патување во двете Америки. Тој, всушност, пристигнал на Западноиндиските Острови. Но, тој не бил првиот Европеец што дошол во овој чудесен нов свет. Група русокоси Скандинавци очигледно дошла до северноамериканското копно 500 години пред него.

Пред илјада години, Северноатлантскиот Океан веројатно бил подеднакво студен и непредвидлив како што е и денес. Некој морнар можеби мисли дека ги знае променливите ветрови и струи на овој океан, но заради маглата и бурата може да му биде невозможно да се ориентира во текот на повеќе седмици. Според една древна нордиска сага, токму тоа му се случило едно лето на младиот Бјарни Херјолфсон, вешт морнар и авантурист. Тој се изгубил — но можеби пронашол еден континент!

Тоа била ерата на викинзите, кога Нордијците ја ширеле својата власт преку морињата низ цела Европа. Нивните тенки бродови погодни за пловидба на море можеле да се видат насекаде од норвешкиот брег до бреговите на Северна Африка и реките на Европа.

Според Saga of the Greenlanders (Сага за Гренланѓаните), Бјарни отишол на долго патување во Норвешка. Штом се приближила зимата 986 н.е., се вратил на Исланд со брод полн со товар. Но, се изненадил кога дознал дека татко му заминал од Исланд со цела флота бродови под водство на Ерик Црвениот. Отишле да се населат во некоја голема земја што Ерик ја открил западно од Исланд. За да го направи попривлечен овој остров, Ерик го нарекол Гренланд (Зелена земја). Решително, младиот Бјарни запловил кон Гренланд. Но, тогаш ветрот се променил. Врз морнарите се спуштила магла. „Со денови не знаеја каде пловат“, наведува претходно спомнатата сага.

Кога морнарите конечно здогледале копно, тоа не одговарало на описот на Гренланд. Брегот бил буен, ритчест и пошумен. Тие пловеле на север, при што брегот бил на левата страна. Ниту второто копно што го виделе не им личело на Гренланд повеќе отколку првото. Но, по неколку дена копното било поинакво — со повеќе планини и глечери. Бјарни и неговата посада свртеле кон исток на отворено море и конечно го пронашле Гренланд и нордиската колонија на Ерик Црвениот.

Лејф Ериксон тргнува

Можеби на овој начин Европејците првпат го здогледале копното на континентот што подоцна станал познат како Северна Америка — иако не стапнале на него. Извештајот за она што го видел Бјарни побудил голем интерес кај другите Нордијци на Гренланд. Во нивната студена земја имало малку дрвја; за да ги изградат и поправат своите бродови и домови, зависеле од дрвото што ќе го донесела водата или од скапиот прекуморски превоз на дрвна граѓа. Но, очигледно веднаш зад морето на запад имало земја со шуми полни со безброј дрвја!

Оваа нова земја претставувала особено искушение за младиот Лејф Ериксон, синот на Ерик Црвениот. Лејф е опишан како „голем, силен човек, многу убав и мудар“. Околу 1000 година Лејф Ериксон го купил бродот на Бјарни и со 35-члена посада тргнал да ги пронајде бреговите што ги видел Бјарни.

Три нови земји

Ако сагите се точни, Лејф прво пронашол една соголена земја, со планини покриени со огромни глечери. Бидејќи таа земја била како една рамна камена плоча, Лејф ја нарекол Хелуланд — што значи „Земја на камената плоча“. Можеби тоа бил моментот кога Европејците првпат стапнале во Северна Америка. Денес историчарите веруваат дека Хелуланд е Бафиновата Земја, во североисточна Канада.

Нордиските пронаоѓачи продолжиле да патуваат кон југ. Тие наишле на уште едно копно, рамно и пошумено, со плажи од бел песок. Лејф го нарекол Маркланд, што значи „Земја на шумата“, која денес обично се нарекува Лабрадор. Наскоро откриле трето копно, кое ветувало многу повеќе.

Сагата продолжува: „Отпловиле кон морето и пред да го здогледаат копното поминале два дена на море носени од североисточен ветар“. Толку им се допаднала оваа нова земја што одлучиле да изградат куќи и таму да ја поминат зимата. Во текот на зимата „температурата никогаш не се спуштила под точката на замрзнување и тревата овенувала сосема малку“. Подоцна, еден од луѓето нашол грозје и винова лоза; затоа Лејф Ериксон ја нарекол таа земја Винланд, што веројатно значи „Земја на виното“. Следната пролет луѓето отпловиле назад за Гренланд, со бродови полни со родот од Винланд.

Денес изучувачите многу би сакале да знаат каде точно се наоѓала земјата Винланд со своите зелени ливади и грозје, но нејзината локација сѐ уште е тајна. Некои истражувачи сметаат дека топографските карактеристики на Њуфаундленд одговараат на описот што е даден во овие древни саги. Една локација пронајдена во Њуфаундленд покажува дека Нордијците навистина дошле на овој остров. Меѓутоа, други научници сметаат дека земјата Винланд сигурно се наоѓала уште појужно и дека локацијата во Њуфаундленд им служела на Нордијците како база или влез кон појужниот Винланд.a

Какви докази постојат?

Никој не знае како да ги усогласи деталите од оваа нордиска сага со денешната географија. Оскудните и таинствени детали од сагите долго време ги интересирале историчарите. Меѓутоа, најзначаен доказ за присуството на Нордијци во Америка пред да пристигне Колумбо е локацијата откриена во текот на 1960-тите и 1970-тите во Њуфаундленд, во близина на селото Л’анс о Медоуз. Ова наоѓалиште содржи урнатини на куќи кои неоспорно се нордиски, како и железна печка и други предмети што потекнуваат од времето на Лејф Ериксон. Исто така, еден дански истражувач што работел во јужен Њуфаундленд неодамна пронашол еден внимателно изработен камен тег што веројатно се користел на некој викиншки брод.

Патувањата на Нордијците во новите земји на далечниот запад не останале во тајност. Лејф Ериксон отпатувал во Норвешка за да му пренесе на норвешкиот крал што видел. Кога Адам од Бремен, германски историчар и поглавар на една теолошка школа, отпатувал во Данска некаде околу 1070 за да дознае нешто за северните земји, данскиот крал Свен му кажал за Винланд, каде што имало одлично вино. Ова мало сознание станало дел од хрониката на Адам од Бремен. Според тоа, многу учени луѓе во Европа дознале за западните земји во кои отишле Нордијците. Освен тоа, древните исландски записи од 12 и 14 век спомнуваат некои подоцнежни нордиски патувања во Маркланд и Винланд, западно од Гренланд.

Можеби и Кристифор Колумбо знаел за патувањата во Винланд што се презеле околу 500 години пред неговото време. Според една книга за Винланд, постојат индикации дека пред неговото прочуено патување во 1492/1493, Колумбо отпатувал дури на Исланд за да ги проучи тамошните записи.

Што се случило со Нордијците?

Не е забележано дека Нордијците основале некоја трајна населба во Америка. Можеби имало краткотраен, безуспешен обид да се населат таму; но условите биле сурови а домородните Американци — кои викинзите ги нарекувале скралинзи — им биле сосема дораснати на натрапниците. На Гренланд, на потомците на Ерик Црвениот и неговиот син Лејф Ериксон не им било лесно. Климата станувала сѐ поостра, а животните намирници се намалиле. По четири или пет века, изгледа дека Нордијците сосема исчезнале од Гренланд. Последниот пишан извештај за Нордијци на Гренланд вклучува една свадба што се одржала во една гренландска црква во 1408. По повеќе од еден век, некој германски трговски брод ја пронашол гренландската колонија сосема напуштена освен што имало едно единствено непогребано тело — тело на маж, со ножот сѐ уште крај него. Потоа настапува молк во врска со присуството на Нордијци на Гренланд. Дури во 18 век пристигнале норвешки и дански доселеници за да основаат трајна колонија.

Меѓутоа, бестрашните нордиски морепловци тргнале кон новиот свет токму од Гренланд. Сѐ уште можеме да си ги замислиме тие смели морнари како управуваат со своите бродови со четириаголни едра низ непознатите води сѐ додека зачудено не здогледуваат на хоризонтот еден непознат брег — не ни помислувајќи дека по пет века Кристифор Колумбо ќе биде поздравен како пронаоѓач на овој Нов свет.

[Фуснота]

a Видете ја статијата „Каде е легендарниот Винланд?“ во српското издание на Разбудете се! од 8 јули 1999.

[Рамка/слика на страница 20]

КАКО ПЛОВЕЛЕ ВИКИНЗИТЕ?

Нордиските викинзи немале компаси. Тогаш, како станале такви одлични морнари? Кога не пловеле на отворено море, пловеле покрај брегот. Кога било можно, преминувале низ некој теснец на местото каде што можело да се види копно на двете страни. Освен тоа, знаеле како да се ориентираат според Сонцето и ѕвездите. На пример, користеле едноставен систем за да ја одредат географската ширина, применувајќи таблица со цифри за секоја седмица од годината и прачка за мерење за да измерат колку е високо над хоризонтот пладневното сонце. Бидејќи немале систем за одредување на географската должина, кога биле на отворено море претпочитале да пловат на исток или на запад, следејќи ја одбраната географска ширина.

На пример, ако сакале да патуваат од Гренланд до некое место на брегот на Винланд, пловеле јужно од Гренланд сѐ додека не ја нашле исправната географска ширина; потоа свртувале на запад и го пронаоѓале бараното пристаниште. И набљудувањето на птиците им користело на викинзите во посадата кога биле на отворено море. Тие биле многу вешти во донесувањето заклучок каде има копно — и кое копно е — набљудувајќи го летот на птиците. Понекогаш со себе понесувале гаврани; кога ќе ги пуштеле, овие птици се извишувале и полетувале кон најблискиот брег. Тогаш посадата викинзи знаела каде да го најде најблиското копно.

Друга помош во пловидбата било мерењето на длабочината на морето. Еден викиншки морнар ќе спуштел јаже на кое бил прицврстен оловен тег. Тоа служело за две цели. Прво, му овозможувало да ја определи длабочината на водата. Откако тегот ќе го допрел дното, морнарот го извлекувал јажето, користејќи го распонот на рацете за да измери колку е долго. До денешен ден морепловците ја мерат длабочината во „фати“ од 1,8 метри, термин добиен од еден старонордиски збор што значи „раширени раце“. Но, оловниот тег имал уште една функција. Честопати бил направен со шупливо дно наполнето со лој. На тој начин, тегот ќе извлечел на површината и примерок од морското дно. Морнарот ќе го испитал составот на примерокот и ќе ги консултирал своите морски мапи, кои содржеле писмен опис на составот на морското дно на различни локации. Колку и да биле едноставни нивните алатки, викинзите станале извонредни морепловци.

[Извор на слика]

Фотографија: Stofnun Arna Magnússonar, Iceland

[Карта на страница 18]

(Види во публикацијата)

НОВА ШКОТСКА

Бјарни Херјолфсон тргнува од Исланд околу 986 н.е.

ЊУФАУНДЛЕНД

ЛАБРАДОР

БАФИНОВА ЗЕМЈА

ГРЕНЛАНД

Лејф Ериксон тргнува од Гренланд околу 1000 н.е.

ГРЕНЛАНД

БАФИНОВА ЗЕМЈА

ЛАБРАДОР

ЊУФАУНДЛЕНД

[Извор на слика]

Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Слика на страница 18]

Лево, реконструкција на домот на Ерик Црвениот, на Гренланд

[Слика на страница 18]

Верна репродукција на еден викиншки брод што го повторил патувањето на Лејф Ериксон

[Извор на слика]

Викиншките бродови на 2. и 18. страница: Фотографии: Narsaq Foto, Greenland

[Слика на страница 21]

Статуата на Лејф Ериксон (Исланд)

[Слика на страница 21]

Л ’анс о Медоуз (Њуфаундленд)

[Извор на слика]

Parks Canada

[Извор на слика на страница 20]

Артефакти изложени во Музејот на државни антиквитети (Стокхолм, Шведска)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели