Обединето братство што не се разниша
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЕЛ САЛВАДОР
ВО 11.34 НАУТРО НА 13 ЈАНУАРИ 2001, ЗЕМЈОТРЕС СО ЈАЧИНА ОД 7,6 СТЕПЕНИ СПОРЕД РИХТЕРОВАТА СКАЛА ГО ЗАТРЕСЕ ЕЛ САЛВАДОР И СЕ ПОЧУВСТВУВА ОД ПАНАМА ДО МЕКСИКО. МАЛКУ ЛУЃЕ ЌЕ ЗАБОРАВАТ ШТО ПРАВЕЛЕ ВО МОМЕНТОТ КОГА ЗАТРЕСЕ.
„КОГА помина најстрашното тресење, погледнавме нагоре и видовме како врвот на планината се цепи надве, а потоа како да се замрзна неколку секунди“, си спомнува Мирјам Кесада. „Ќерка ми вресна: ‚Мамо! Бегај! Бегај!‘“ Тогаш предниот дел од планината се лизна и почна да паѓа кон нив. Загинаа околу 500 души во населбата Лас Колинас во Нуева Сан Салвадор, односно Санта Текла, а беа уништени околу 300 куќи.
„Штотуку заминав од дома и чекав на автобуската станица кога почна земјотресот“, раскажува Роксана Санчес. „Кога престана тресењето, ѝ помогнав на една госпоѓа да си ги собере торбите и си помислив: ‚Подобро да се вратам дома затоа што моите домашни ќе се загрижат за мене‘“. Кога Роксана свртела на првата кривина, видела дека нејзината улица нагло завршила на подножјето на една планина од земја. Нејзината куќа повеќе ја немало!
Веднаш се укажува помош
Во Ел Салвадор има повеќе од 28.000 Сведоци, а илјадници живеат во зоната на катастрофата — подрачјето по должината на брегот на Ел Салвадор. Иако сѐ уште во болка заради сопствената траума, мнозина брзо почнаа да се сосредоточуваат на потребите на другите. Марио Суарес, патувачки надгледник на Јеховините сведоци што служи во Санта Текла, раскажува: „Околу еден час по земјотресот, добив повик за помош. Чувме дека некои христијански браќа и сестри се заглавени во своите куќи. Веднаш беше мобилизирана група доброволци.
Мислевме дека можеби некои ѕидови паднале и дека треба само да се отстрани шутот и да се направи премин за да можат да излезат оние што се заглавени. Но, никој од нас не можеше ни да замисли колкава беше катастрофата. Всушност, кога пристигнавме на тоа место, прашавме каде се куќите. Нѐ обзеде ужас кога ни рекоа дека стоиме врз нив! Врз куќите имаше натрупано три метри земја, сѐ до вториот спрат. Тоа беше очајно!“
Кога одмина попладнето, околу 250 Сведоци од соседните собранија притрчаа на помош во погоденото подрачје. Само со дупчалки, лопати, вангли и со голи раце, доброволците очајнички се обидуваа да дојдат до преживеаните. Меѓутоа, само малцина беа спасени во Санта Текла. Меѓу стотиците загинати — загушени или згмечени под тони земја — имаше пет Јеховини сведоци.
Организирани акции за помош
Во целата земја, собранијата на Сведоците се вклучија во акциите за помош. Во Комасагуа, Осатлан, Санта Елена, Сантјаго де Марија и Усулутан, многу Сведоци ги изгубија своите домови. Салите на Царството и приватните домови беа претворени во центри за оставање прилози. „Се даваше огромна поддршка“, вели патувачкиот надгледник Едвин Ернандес. „Браќата пристигнаа и донесоа храна, облека, душеци, лекови, па дури и пари за погребални трошоци.“
Еден одбор за помош, одреден од локалната канцеларија на подружницата на Јеховините сведоци, организираше групи од помалку погодени собранија да се грижат за итните потреби на оние што беа потешко погодени. Беа формирани работни групи што се состоеја од 10 до 20 Сведоци, и тие се грижеа за потребните поправки.
Освен тоа, Регионалниот одбор за градба на Јеховините сведоци, кој обично се грижи за изградба на Сали на Царството, организираше групи за да се изградат привремени живеалишта за оние чии домови беа сосема уништени. Во Ел Салвадор, цената на ребрастиот лим нагло скокна, па затоа подружницата на Јеховините сведоци во Гватемала великодушно донираше голема количина од овој материјал. Дрвна граѓа за конструкцијата на натстрешниците обезбедија подружниците на Соединетите Држави и на Хондурас.
Среде овој бран на активност, потресите продолжија. Цели населби спиеја на улица под најлонски церади и стари чаршави. Нервите беа напнати. До 12 февруари беа евидентирани вкупно 3.486 потреси.
Втор голем потрес
На 13 февруари 2001, во 8.22 наутро, еден месец по првиот потрес, уште еден земјотрес го погоди центарот на Ел Салвадор, при што беше регистрирана магнитуда од 6,6 степени според Рихтеровата скала. И овој пат, спасувањето и акциите за помош што ги организираа Јеховините сведоци беа извршени брзо. Еден старешина по име Ное Ираета објасни: „Водителот на секоја Собраниска студија на книга отиде да ги бара Сведоците што се доделени во неговата група за да се увери дали сите се на безбедно“.
Градовите Сан Висенте и Кохуетепеке и нивните предградија беа тешко погодени. Градовите Сан Педро Нонуалко, Сан Мигуел Тепесонтес и Сан Хуан Тепесонтес беа во урнатини. Во Канделарја (Кускатлан), која беше речиси целосно разурната, парохиското училиште се сруши, при што загинаа повеќе од 20 деца. Салвадор Трехо, локален Сведок, раскажува: „Околу еден час подоцна, чув како ме вика еден глас од улица: ‚Брат Трехо!’ На почетокот не можев да видам ништо затоа што имаше прав. Потоа, одеднаш се појавија Сведоците од Кохутепеке. Дошле да видат како сме!“
Соседните собранија повторно почнаа да се организираат за да се обезбедат неопходните работи за жртвите од оваа втора катастрофа. Тие го следеа примерот на христијаните во Македонија од првиот век, кои молеле за предноста да даваат, иако и самите биле сиромашни. На пример, членовите на собранијата во градот Сантијаго Тексакуангос, кои претрпеа големи загуби за време на првиот земјотрес, подготвија топол оброк за да им го однесат на своите браќа во блискиот Сан Мигел Тепесонтес.
Се проценува дека сѐ на сѐ преку 1.200 луѓе загинаа во замјотресите во Ел Салвадор, а се известува дека во соседна Гватемала загинаа уште осум души.
Ценети напори
Организираните напори на Сведоците да им помогнат на жртвите беа ценети и од другите групи што даваа помош. Едно возило на Државниот одбор за прва помош пристигна за да достави намирници во Салата на Царството што се користеше како засолниште. Еден претставник извикна: „Од сите засолништа што ги посетивме, ова е првото што е уредно. Ви честитам!“ Таму никој не навали кон камионот, не се буткаше и не се туркаше, како што беше случај во другите центри. Всушност, кога се примаа донациите најпрво им се обрна внимание на постарите.
Сведоците не ги ограничија своите акции за помош само на соверниците. На пример, во Сан Висенте десетици соседи што не беа Сведоци побараа засолниште на имотот на Салата на Царството. „Овде во Салата на Царството на Јеховините сведоци“, рекла Рехина Дуран де Кањас, „луѓето имаат златно срце. Тие ги отворија портите и рекоа: ‚Влезете внатре!‘, и затоа ние сме овде. Дури и ноќе тие се менуваат и се грижат за нас додека спиеме.“
Подготовки за живеалишта
Откако беше проценета штетата, до канцеларијата на подружницата беа поднесени предлози за потребните живеалишта. Почнаа да се градат привремени куќи за оние што ги изгубија своите домови. Исто така, се правеа поправки на куќите што беа само делумно оштетени. Вредните, ефикасни екипи за изградба привлекоа прилично големо внимание, бидејќи соседите излегоа за да ги гледаат додека работат.
Една жена, мислејќи дека работниците се долго ветуваната помош од општината, почнала да се жали дека никој не дошол да ѝ помогне да се расчисти шутот. Децата на соседите извикнале: „Не, госпоѓо, тие не се од општината. Тие се од Царството!“ Друг не-Сведок, Мојсеј Антонио Диаз, коментирал: „Убаво искуство е да се види како Јеховините сведоци им помагаат на оние што се во неволја. Ова е една многу обединета организација и благодарение на Бог, волни се да ни помогнат нам, на сиромашните. Работев заедно со нив и имам намера да продолжам“.
Една христијанска сестра за која била изградена привремена куќа, плачејќи рекла: „Мојот сопруг и јас немаме зборови за да ја искажеме нашата благодарност — прво кон Јехова а потоа кон браќата кои, иако не нѐ ни познаваа, брзо ни дојдоа на помош“.
До средината на април, Сведоците изградија 567 привремени домови за жртвите на земјотресите, а уште 100-тина домаќинства добија материјали за поправка на нивните оштетени домови. Штом погодените семејства имаа врата со брава и кров над глава, Сведоците го насочија вниманието кон 92-те Сали на Царството што требаше да се поправат или повторно да се изградат.
Повторно да се изградат животи
Освен повторната изградба на згради и домови, мнозина беа особено благодарни што беа поткрепени духовно и емоционално.
„Под вакви околности, бидејќи потресите продолжија, имаше моменти кога ме издаваа нервите, но браќата постојано беа извор на топлина и охрабрување“, рекла Мирјам, спомната претходно. „Каде ќе бевме ние да не беа браќата?“
Јеховината грижа полна со љубов преку собраниските подготовки ги мотивирала жртвите на земјотресот на изненадувачки начини. Во Комасагуа, домовите на речиси сите Сведоци беа оштетени или уништени од првиот земјотрес. Сепак, 12 од вкупно 17 Сведоци се пријавија да учествуваат во полновремената служба во текот на април и мај, а оттогаш двајца станаа редовни полновремени министри.
Собранијата во одделот Каскутлан, едно од подрачјата што беа најпогодени од вториот земјотрес, го одржаа Денот на специјален собир во март. Беше забележана присутност од 1.535, а се крстија 22 лица. И покрај фактот што толку многу од присутните неодамна ги изгубија своите домови, тие донираа прилична сума пари во Собирната сала, на изненадување на организаторите на собирот.
Одразувајќи ги чувствата на благодарност на мнозина, еден Сведок од Сан Висенте коментирал: „Во публикациите сум читал како организацијата реагира кога ќе се случи катастрофа, но сега лично го доживеав тоа и ја почувствував поддршката на братството. Ја видовме христијанската љубов на дело. Колкава само предност е да се припаѓа на овој обединет народ!“
[Слика на страница 27]
Лизгањето на земјиштето што го предизвика земјотресот затрупа повеќе од 300 куќи во Лас Колинас
[Извор на слика]
На дното на страници 27—29: Со љубезна дозвола на El Diario de Hoy
[Слика на страница 28]
Селаните користеа дупчалки, лопати и кофи додека спасуваа
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на La Prensa Gráfica (фотографија на Милтон Флорес/Алберто Моралес/Феликс Амаја)
[Слика на страница 29]
Урнатини од Салата на Царството во Тепекојо
[Слика на страница 30]
Браќата во Тепекојо веднаш подигнаа засолниште за да одржуваат состаноци
[Слики на страница 30]
Сведоците брзо повторно изградија Сали на Царството и повеќе од 500 привремени куќи
[Слика на страница 30]
Една благодарна самохрана мајка и нејзината ќерка ја гледаат повторната изградба на нивниот оштетен дом