Земјотрес!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ТАЈВАН
„Додека читав испружен на креветот во мојот стан во Тајпеј кој се наоѓа на деветтиот кат, светлата почнаа да трепкаат. Потоа собата почна силно да се тресе. Беше како некој монструм да ја зграпчил зградата па ја ниша од едната на другата страна. Се пикнав под масата бидејќи се уплашив дека таванот ќе се урне кога чув како на горниот спрат паѓаат предмети на подот“. (Новинар кој живее на Тајван).
ЗЕМЈОТРЕС. Самото спомнување на овој збор влева страв, а во последно време можеби сте го слушале со загрижувачка зачестеност. Според Геолошкото истражување во САД, во 1999 имало повеќе од вообичаениот број големи земјотреси, а бројот на смртните случаи како последица од нив бил двапати повисок од годишниот просек.
Најголемиот земјотрес во 1999 го погоди Тајван, каде што се спојуваат две големи континентални плочи од земјината кора. На Тајван се откриени вкупно 51 раседна линија. Затоа, не изненадува тоа што секоја година овде се регистрираат околу 15.000 потреси. Меѓутоа, повеќето од нив се премногу слаби за да се почувствуваат.
Но, тоа не беше случај на 21 септември 1999. Во 1.47 часот, Тајван беше погоден од еден толку силен земјотрес што претседателот Ли Тенг-хуа го нарече „најкатастрофален земјотрес на островот во овој век“. Траеше само 30 секунди, но беше со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала.a Центарот на потресот беше на длабочина од само 1 километар и заради тоа што беше блиску до површината, неговите последици целосно се почувствуваа. „Ме разбуди силно тресење“, вели Луи Сју-Сја, која живее во близината на епицентарот на земјотресот. „Мебелот почна да се руши, па дури и лустерот падна. Не можев да излезам затоа што вратата беше заглавена од испопаднати предмети и скршено стакло“. Хуан Шу-Хон, која земјотресот ја исфрли од креветот, наиде на поинаков предизвик. „Веднаш дојде до прекин на електричната струја, па затоа беше многу темно“, вели таа. „Тетеравејќи се излегов надвор и преостанатиот дел од ноќта го минав со соседите на тротоарот. Земјата како да не престануваше да се тресе.“
Обиди за спасување
Во мугрите можеа да се видат последиците од земјотресот. Се урнаа 12.000 градби, од еднокатни куќи до повеќекатни станбени згради. Кога се рашири веста за катастрофата, на Тајван дојдоа специјалисти за спасување од 23 земји за да им помогнат на локалните доброволци. Многу жртви сѐ уште беа заглавени во урнатините.
Првите 72 часа по несреќата се пресудни во пронаоѓањето на преживеаните, но во овој случај спасувачите доживеаја некои изненадувања. На пример, едно шестгодишно дете беше спасено откако било заглавено 87 часа. А во Тајпеј, додека работниците користеа тешка опрема за да го расчистат кршот од една срушена станбена зграда од 12 спрата, неочекувано излезе еден млад човек. Тој и неговиот брат биле заглавени во урнатините подолго од пет дена и обајцата го преживеаја тешкото искуство!
Меѓутоа, спасувачите доживеаја и некои трогателни моменти затоа што, за жал, не можеше да се дојде до секого. На пример, водачот на една екипа жалеше: „До пред осум часа слушавме детски плач. Но, потоа престана“. На крајот, во Тајван животот го изгубија повеќе од 2.300 лица, а повеќе од 8.500 луѓе беа повредени.
Соочување со последиците
Се вложија огромни напори за да се обезбеди покрив над глава за стотиците илјади луѓе кои останаа без дом како последица од земјотресот. На почетокот, некои жртви малку се колебаа дали да се вратат внатре. Ова е сосема разбирливо бидејќи во текот на десет дена по првиот земјотрес беа регистрирани уште речиси 10.000 мали потреси! Еден од нив беше со јачина од 6.8 степени според Рихтеровата скала и сруши неколку веќе ослабени градби.
Сепак, спасувањето продолжи. Неколку невладини организации — вклучувајќи и спасувачки екипи од странство, Будистичката група Чи Ји и пожарникари — ги вложија своето време и вештини во работата што претстоеше. Во акцијата за помош се вклучија и Јеховините сведоци. Во духот на библискиот совет од Галатите 6:10, тие имаа две цели. Сакаа 1) да се погрижат за оние кои им се сродни по верата и 2) да им прават добро на сите, вклучувајќи ги и оние кои не ги делат нивните верувања.
До крајот на првиот ден, Јеховините сведоци превезуваа храна, вода, шатори и опрема за готвење надвор. Бидејќи имаше прекин на сите средства за комуникација, старешините од шесте собранија во погоденото подрачје вложија здружени напори да ги побараат другите Сведоци и нивните роднини, како и библиските студенти и заинтересираните. Сведоците кои останаа без покрив над глава беа охрабрени да бидат во ист камп за да може да се води грижа за сите и лесно да се контактира со нив. Патувачките надгледници и членовите на одборот на подружницата во Тајван ги посетија сите групи и собранија за да ги охрабрат.
Следниот чекор беше да се поправат домовите и Салите на Царството кои беа оштетени. Секое собрание направи список на оние на кои им требаше помош. Потоа, под водство на Регионалниот одбор за градба, беа испратени екипи со доброволци за да ги извршат потребните поправки. Еден месец по земјотресот, работата беше завршена.
Јеховините сведоци им укажаа помош и на своите ближни кои не се Сведоци. На пример, Сведоците ги посетија болниците и населбите под шатори за да дадат утеха. Исто така, дистрибуираа фотокопии од статијата „Природни несреќи — помогнете му на Вашето дете да се снаоѓа“, која излезе во изданието на Разбудете се! од 8 ноември 1996. Многу луѓе со благодарност ги примија овие информации и веднаш почнаа да ги читаат. Кога се отворија патиштата, Јеховините сведоци испратија натоварени камиони со продукти во изолираните планински предели кои беа тешко погодени од земјотресот.
Оние кои ја проучуваат Библијата сфаќаат дека таа уште одамна прорекла дека последните денови на овој систем на работи ќе бидат одбележани со „земјотреси во едно место по друго“ (Матеј 24:7). Но, Библијата дава и уверување дека наскоро, под мирољубивата влада на Божјето Царство, човештвото повеќе нема да живее во страв од природни катастрофи. Тогаш Земјата навистина ќе биде рај (Исаија 65:17, 21, 23; Лука 23:43).
[Фуснота]
a За разлика од ова, трагичниот земјотрес што ја погоди Турција во август 1999 изнесуваше 7,4 степени, но сепак одзеде најмалку седум пати повеќе животи отколку земјотресот на Тајван.
[Слики на страница 26]
Јеховините сведоци ги одржуваа своите состаноци додека живееја во кампови
[Слика на страница 27]
Земјотресот уништи многу патишта
[Извор на слика]
San Hong R-C Picture Company
[Извор на слика на страница 25]
San Hong R-C Picture Company
[Извор на слика на страница 27]
Сеизмограмот на страници 2, 25—27: Figure courtesy of the Berkeley Seismological Laboratory