Денот кога се срушија кулите-близначки
НАСТАНИТЕ од 11 септември 2001 во Њујорк Сити, во Вашингтон Д.К. и во Пенсилванија ќе бидат неизбришливо врежани во мислите на милиони, па дури и на милијарди жители од светот. Каде бевте Вие кога ги гледавте или кога ги слушавте вестите во врска со нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк и нападот на Пентагон во Вашингтон?
Тоа неверојатно брзо уништување на толкав материјален имот и, што е уште поважно, на толку многу животи, му даде причина на човештвото да застане за миг и да размисли.
Што сфативме за нашите приоритети и одлуки во животот? На кој начин овие трагични настани извлекоа на површина некои од подобрите страни на нашата човечка природа — самопожртвуваност, сочувство, истрајност и несебичност? Оваа и следната статија ќе се обидат да одговорат на второво прашање.
Преживеаните раскажуваат
Веднаш по катастрофата во Њујорк, подземната железница беше затворена и толпи луѓе излегоа од долниот дел на Менхетн пеш — многу од нив ги преминаа Бруклинскиот и Менхетенскиот мост. Јасно можеа да ги видат зградите на канцелариите и фабриката на светското седиште на Јеховините сведоци. Некои од оние што избегаа од катастрофата наскоро се упатија кон овие згради.
Алиша (десно), чија мајка е Сведок, пристигна меѓу првите. Целата беше покриена со прав и пепел.a Таа објасни: „Додека патував со воз на работа, видов чад што доаѓаше од Светскиот трговски центар. Кога пристигнав на местото на катастрофата, насекаде имаше стакло и се чувствуваше силна топлина. Луѓето трчаа во сите правци, а полицијата се обидуваше да го евакуира тоа подрачје. Личеше на воена зона.
Отрчав до една зграда во близина за да се засолнам. Тогаш ја чув експлозијата што настана кога вториот авион удри во јужната кула. Сцената беше неопислива, насекаде имаше црн чад. Ни рекоа да ја напуштиме опасната зона. Се качив на траект кој ме префрли од Ист Ривер до Бруклин. Кога пристигнав на другата страна, погледнав нагоре и го видов големиот знак WATCHTOWER. Седиштето на религијата на мајка ми! Веднаш се упатив кон зградата со канцеларии. Знаев дека не можам да бидам во подобри раце. Откако се средив, им се јавив на родителите“.
Вендел (долу десно) беше вратар во хотелот Мариот, сместен помеѓу двете кули. Тој објасни: „Јас бев дежурен на рецепција кога настана првата експлозија. Насекаде паѓаа парчиња крш. Погледнав преку улица — на земја лежеше човек во пламен. Ги слеков палтото и кошулата и отрчав да се обидам да ги изгасам пламењата. Ми се придружи и еден друг минувач за да помогне. Сета облека на човекот беше изгорена, освен чорапите и чевлите. Тогаш дојдоа пожарникари и го одведоа за да му се укаже медицинска помош.
Кратко потоа, Брајан Гамбел од вестите Си-Би-Ес се јави на телефон за да добие извештај од очевидци за она што се случуваше. Сите од моето семејство на Девствените Острови ме видоа на ТВ и така знаеја дека сум жив“.
Доналд, крупен човек висок 195 сантиметри, вработен во Светскиот финансиски центар, бил на 31. кат од својата зграда и гледал директно во кулите близначки и во хотелот Мариот. Тој рече: „Бев зашеметен и обземен од ужас од она што го видов. Луѓе паѓаа и скокаа од прозорците на северната кула. Ме фати хистерија и истрчав од зградата колку што можев побрзо“.
Тука е и искуството на една мајка во своите 60-ти и нејзините две ќерки во своите 40-ти години. Рут и нејзината сестра Џоуни биле сместени заедно со мајка им, Џенис, во еден хотел во близина на кулите близначки. Рут, која е медицинска сестра, раскажува: „Јас се туширав. Мајка ми и сестра ми одеднаш викнаа по мене да излезам од бањата. Бевме на 16. спрат и тие видоа парчиња крш што летаа покрај прозорецот. Всушност, мајка ми видела тело на некој човек како паѓа над блискиот кров како да било исфрлено од некаде.
Брзо се облеков и почнавме да слегуваме по скалите. Луѓето врескаа. Излеговме на улица. Чувме експлозии и видовме блесоци од оган. Ни беше наредено да побрзаме јужно, во Батери Парк, каде што имаше траект за Стејтен Ајленд. По патот се изгубивме со мајка ми, која има хронична астма. Како ли ќе преживее во тој чад, пепел и прав? Ја баравме половина час, но без успех. Меѓутоа, во почетокот не се загриживме премногу затоа што таа е многу снаодлива и сталожена жена.
Потоа бевме упатени по Бруклинскиот мост за да преминеме на другата страна. Замислете си само колку ни олесна кога стигнавме на бруклинската страна на мостот и го видовме огромниот натпис WATCHTOWER! Знаевме дека сме на безбедно.
Љубезно нѐ примија и нѐ сместија. Исто така, добивме облека, бидејќи немавме ништо освен она што беше на нас. Но, каде ли е мајка ми? Цела ноќ напразно ја баравме по болниците. Околу 11.30 следното утро добивме порака. Мајка ми беше долу, во холот! Што се случило со неа?“
Џенис, мајката, продолжува да раскажува: „Кога набрзина истрчавме од хотелот, се загрижив за една пријателка што беше во години, која не можеше да замине со нас. Сакав да се вратам и сама да ја одведам. Но, беше премногу опасно. Во гужвата се одвоив од ќерките. Меѓутоа, не бев премногу загрижена бидејќи тие се разумни а Рут е квалификувана медицинска сестра.
Каде и да погледнев, на луѓето им требаше помош — особено на децата и на бебињата. Помогнав на колку што можев повеќе луѓе. Отидов до местото каде што жртвите се распоредуваа и се лекуваа според сериозноста на повредите. Помагав со тоа што им ги миев рацете и лицата на полицајците и пожарникарите, на кои имаше стврднати саѓи и прав. Останав некаде до три часот утрото. Потоа се качив на последниот траект за Стејтен Ајленд. Си помислив дека можеби моите ќерки се засолниле таму. Но, не ги најдов.
Утрото се обидов да се качам на првиот траект за да се вратам во Менхетен, но не успеав затоа што не бев во ниедна спасувачка екипа. Тогаш видов еден полицаец на кој му имав помогнато. Му викнав: ‚Џон! Морам да се вратам во Менхетен‘. Тој одговори: ‚Дојди со мене‘.
Кога пристигнав во Менхетен, се вратив во хотелот Мариот. Можеби сѐ уште имаше шанса да ѝ помогнам на мојата пријателка што беше во години. Немаше шанси! Хотелот беше во урнатини. Центарот на градот беше мртов — никаде немаше жив човек. Само исцрпени полицајци и пожарникари, а на лицата им се читаше трагедија.
Појдов кон Бруклинскиот мост. Кога се приближив до крајот на мостот, можев да го видам познатиот натпис WATCHTOWER. Можеби таму ќе ги најдам моите ќерки. И навистина, тие се симнаа во холот да ме пречекаат. Долго се прегрнувавме и плачевме!
Чудно, но не добив ниту еден астматичен напад, и покрај сиот тој чад, прав и пепел. Постојано се молев бидејќи сакав да бидам корисна, а не да бидам товар“.
„Нема каде да слета!“
Рејчел, жена во своите рани 20-ти, за Разбудете се! изјави: „Одев во мојот блок во долниот дел на Менхетн, кога одозгора чув бучење на авион. Толку беше гласно што погледнав нагоре. Не ми се веруваше — еден голем патнички авион очигледно се спушташе надолу. Се прашував зошто лета толку ниско и толку брзо. Нема каде да слета! Можеби пилотот изгубил контрола. Тогаш чув една жена како викна: ‚Оној авион штотуку удри во зградата!‘ Од северната кула изби една голема огнена топка. Видов огромна црна дупка во кулата.
Тоа беше најужасното нешто што сум го видела во животот. Изгледаше толку нереално. Стоев таму со отворена уста. За кратко време, втората кула ја удри друг авион и на крајот двете кули се срушија. Ме фати хистерија. Повеќе не можев да издржам!“
„Ако морам да пливам, ќе пливам!“
Дениз, 16 години, штотуку пристигнала на училиште веднаш до Американската берза, која се наоѓа три блока јужно од Светскиот трговски центар. „Беше поминато 9.00 часот. Знаев дека нешто се случи, но не знаев што. Бев на 11. спрат од училиштето и имавме час по историја. Сите ученици беа скаменети од страв. Професорката сѐ уште сакаше да правиме тест. Ние сакавме да излеземе и да си одиме дома.
Потоа, кога вториот авион удри во јужната кула, зградата се затресе. Но, сѐ уште не знаевме што се случило. Одеднаш чув глас од воки-токито на професорката: ‚Два авиона удрија во кулите-близначки!‘ Си помислив: ‚Нема логика да останеме овде. Ова е тероризам, а следна ќе биде Берзата‘. Затоа излеговме.
Почнавме да трчаме кон Батери Парк. Се свртев за да видам што се случува. Видов дека јужната кула ќе се сруши. Тогаш помислив дека ќе има домино ефект и дека ќе се срушат сите високи згради. Едвај можев да дишам бидејќи носот и грлото ми беа полни со пепел и прав. Побрзав кон Ист Ривер, мислејќи: ‚Ако морам да пливам, ќе пливам‘. Додека бегав, го молев Јехова да ме спаси.
На крајот, се качив на траект за Њу Џерси. Со мајка ми се најдов дури по пет часа, но конечно бев на безбедно!‘
„Дали е ова последниот ден од мојот живот?“
Џошуа, 28 години, од Принстон (Њу Џерси), држел час на 40. кат од северната кула. Тој се сеќава: „Одеднаш како да експлодира бомба. Имаше потреси, па си помислив: ‚Не, тоа беше земјотрес‘. Погледнав надвор и глетката беше неверојатна — чад и парчиња крш летаа околу зградата. Му реков на класот: ‚Оставете сѐ. Одиме!‘
Се упативме по скалите, кои се полнеа со чад, а од прскалките прскаше вода. Но, немаше паника. Постојано се молев да ги избереме исправните скали за да не се најдеме лице в лице со огнот.
Додека трчав надолу по скалите, си мислев: ‚Дали е ова последниот ден од мојот живот?‘ Постојано му се молев на Јехова и осетив чудно чувство на смиреност. Никогаш не сум почувствувал таков внатрешен мир. Никогаш нема да го заборавам тој момент.
Кога конечно излеговме од зградата, полицијата ги упатуваше сите подалеку од местото. Погледнав нагоре кон кулите и видов дека и двете згради се пресечени. Беше толку нереално.
Потоа чув еден грозоморен звук — непријатен молк како илјадници луѓе да го задржуваат здивот. Изгледаше како Њујорк да запрел. Веднаш потоа се чу врескање. Јужната кула се рушеше! Бран од чад, пепел и прав доаѓаше кон нас. Сето тоа личеше на специјални ефекти од некој филм. Но, ова беше реалност. Кога облакот стигна до нас, едвај можевме да дишеме.
Успеав да дојдам до Менхетенскиот мост, каде што се свртев и видов како се руши северната кула со нејзината огромна ТВ антена. Кога го преминав мостот, без престан се молев да успеам да стигнам до Бетел, светското седиште на Јеховините сведоци. Никогаш во животот не сум бил толку среќен што го гледам тоа место. А таму, на ѕидот на фабриката стоеше големиот натпис што илјадници луѓе можат да го видат секој ден: ‚Читај ја Божјата реч, Библијата, секој ден‘! Си помислив: ‚Речиси си таму. Само продолжи‘.
Кога ќе размислам за тие настани, она што ми го врежаа е дека навистина треба исправно да ги поставам моите приоритети — дека најважните работи во животот треба да ми бидат на прво место“.
„Видов луѓе што скокаа од кулата“
Џесика, 22 години, ги видела настаните кога излегла на станицата од метрото во центарот на градот. „Погледнав нагоре и видов како паѓа пепел, парчиња крш и најразлични парчиња метал. Луѓето чекаа да ги користат јавните телефонски говорници и стануваа сѐ похистерични поради доцнењето. Се молев за смиреност. Потоа — уште една експлозија. Од небото паѓаше челик и стакло. Чув извици: ‚Тоа беше друг авион!‘
Погледнав нагоре и видов ужасна глетка — луѓе скокаа од горните катови, од каде што излегуваше чад и пламени јазици. Сѐ уште ми е пред очи сликата на еден човек и една жена. Извесно време се држеа за еден прозорец. Потоа мораа да се пуштат и почнаа да паѓаат, и паѓаа, и паѓаа. Глетката беше неподнослива.
Конечно стигнав до Бруклинскиот мост, каде што ги собув моите неудобни чевли и трчав сѐ до бруклинскиот брег на реката. Влегов во зградата со канцеларии на Watchtower, каде што веднаш ми помогнаа да се смирам.
Таа ноќ, дома го прочитав Разбудете се! од 22 август 2001 [англ.], серијата ‚Справување со посттрауматски стрес‘. Колку само ми беа потребни тие информации!“
Сериозноста на катастрофата ги наведе луѓето да помогнат кој како може. Следната статија ни го кажува тој дел од приказната.
[Фуснота]
a Разбудете се! интервјуираше многу повеќе преживеани отколку што можат да се вклучат во овој кус преглед. Нивната соработка помогна да се комплетираат и да се потврдат овие извештаи.
[Графикон/слики на страници 8 и 9]
(Види во публикацијата)
СРУШЕНИ
1 СЕВЕРНА КУЛА Светски трговски центар 1
2 ЈУЖНА КУЛА Светски трговски центар 2
3 ХОТЕЛ МАРИОТ Светски трговски центар 3
7 СВЕТСКИ ТРГОВСКИ ЦЕНТАР 7
МНОГУ ОШТЕТЕНИ
4 СВЕТСКИ ТРГОВСКИ ЦЕНТАР 4
5 СВЕТСКИ ТРГОВСКИ ЦЕНТАР 5
П ПЛОШТАД НА СЛОБОДАТА 1
Г ГЕРМАНСКА БАНКА Либерти стрит 130
6 ЦАРИНАРНИЦА НА САД Светски трговски центар 6
С Ј СЕВЕРЕН И ЈУЖЕН ПЕШАЧКИ МОСТ
ДЕЛУМНО ОШТЕТЕНИ
2Ф СВЕТСКИ ФИНАНСИСКИ ЦЕНТАР 2
3Ф СВЕТСКИ ФИНАНСИСКИ ЦЕНТАР 3
З ЗИМСКА ГРАДИНА
[Извор на слика]
4 октомври 2001 3D Мапа на долниот дел од Менхетен од Urban Data Solutions, Inc.
[Слики]
Горе: Јужната кула се сруши прва
Горе: Некои трчаа во зградите на Watchtower за да се засолнат
Десно: Стотици пожарникари и спасувачи неуморно работеа на Ground Zero
[Извори на слики]
AP Photo/Jerry Torrens
Andrea Booher/FEMA News Photo
[Извор на слика на страница 3]
AP Photo/Marty Lederhandler
[Извор на слика на страница 4]
AP Photo/Suzanne Plunkett